Референдумот за името е една од најопасните нагазни мини што претходниот режим ѝ ја постави на Македонија. Сегашната власт си ја голтна како поп сарма, давајќи му така гратис чипови на претходниот естаблишмент за партијата покер што ја игра против западното профилирање на земјава.
Што, имено, може да се очекува во наредната половина година на планот на евроинтеграциите, клучни за опстанокот на државава ваква каква што ја познаваме? Нимиц, ова е веќе и најавено, ќе ги интензивира преговорите и, здравје, таму некаде на почетокот на пролетта, или можеби уште кон крајот на зимата, ќе нѐ изненади со нов предлог за решавање на спорот на името, од кој ќе произлезат две очигледни намери – да им излезе во пресрет на очекувањата на Грција за сложено име со географска одредница со широк опсег на употреба и да ни излезе пресрет нам во очекувањата решението да не ни брцнува во идентитетот.
Тој предлог ќе биде логичен епилог на еден долгогодишен преговарачки процес во кој едната страна точно знаеше што сака, а другата правеше такви вратоломии и салта на гредата што би можела веднаш да добие олимписко злато за трајни гимнастички вредности. Притоа, многу е попросто, отколку што сакаме да си го претставиме во нашите мистификации – Грција до максимум сакаше да ни го ограничи правото на името Македонија, свесна дека ексклузивитет не може да добие; Македонија сакаше…
За Македонија интегрирањето во НАТО и ЕУ (пред да се распаднат, де) не е прашање за „уметнички дојам“, дури не е ни од економска природа (и покрај огромните економски импликации) туку е најпрозаично егзистенцијално прашање – дали ќе нѐ биде или не – прашање на гол опстанок.
Не знам што сакаше, всушност, Македонија. Прво сакаше да ја добие битката така што билатерално ќе се договори со сите други земји во светот. На тоа потроши средства колку што може да потроши една сиромашна и мала земја како нашата, но потроши и дипломатска енергија многу повеќе, до целосно исцрпување. Резултат – бројни билатерални признавања, вклучително и од светски супер сили, но оставени и понатаму на преговарачка маса и целосно закочени за НАТО и ЕУ.
Добро, ни тоа не успеа, но Македонија не спие. Македонија е вешт дипломатски играч, подготвена за игра по жица. Нова тактика – правно ќе го решиме спорот. Правдата е на наша страна, шо ги вртиме, преку таквото веќе од споров. Тужба. Победа. Епилог – оставени и понатаму на преговарачка маса и целосно закочени за НАТО и ЕУ. Fuck!
Дете, дај нова стратегија. И би нова стратегија. Ќе ја нервираме Грција, има да ја здоболи и неа за ова што ни го прави. Бам споменици! Бам антиквизација! Бам аеродроми, автопати, стадиони, музеи… Пати Грцијо, пати кучко! Умри и ти неправдо!
Епилог – не умре. Грција си е доволно балканска држава за да не мора да страда од бодежите на нашите остени, си има таа свои грижи, банкроти, долгови…
Добро, од овој момент, всушност, почнуваат најсуицидалните стратегии, кои би можеле сите заедно да се опишат како пукање во колено. Сопствено, се разбира. Притоа, чувајќи го последниот куршум за во слепоочница. Сопствена, се разбира. На репертоарот се игра следнава претстава – ќе се преправаме дека сакаме да го решиме спорот, ама нема да го решаваме. Да, тоа значи, збогум НАТО, збогум ЕУ, но тие и така се распаѓаат, а овој Владимир Путин и не е така лош дечко.
Мирко-миленковско-ребрантско-никовската булумента ќе одработи за засилување на синдромот на жртва, а името од тој момент веќе ќе биде исклучиво внатрешнополитичко прашање. Целиот процес надвор е форма и фејк, а внатре тоа е непресушен извор на политички поени.
И доаѓаме до почетокот од овој текст. Референдумот. „Генијалните“ стратези во ДПМНЕ со еден потег отепуваат две муви: 1. спорот да не може да се реши, а ако мора, виновен за сите промашени стратегии да биде народот; 2. ако случајно некогаш паднат од власт, да го минираат теренот, за да не може да се помине преку него без нив (само тие ја имаат мапата каде се поставени мините).
И кога веќе си го голтнавме референдумот, политичките елити треба да бидат барем чесни и искрени во референдумското прашање: Дали сте согласни Македонија да преживее со новото име или сакате да умре со старото?
Проста математика е, референдумот за да биде успешен мора да се исполни цензусот, односно од запишаните преку 1.800.000 гласачи, да излезат повеќе од половина. За да излезат над 900.000 гласачи, мора раководството на ДПМНЕ да повика да се гласа, макар и против понуденото решение.
Уште се чудите чуму Жан Моне, разни вили и тинтрања, галкања по коса и можеби (ќе видиме) пазарења со врхушката на бившиот ни режим и со епилогот од тужбите за нивните криминали? Уште ви е чудно зошто за првиот и најеклатантен случај на СЈО („шамарите во Центар“) сѐ уште нема пресуда за да може стручно да пресметаме колку украдени ќебапи тежи нарачка за насилство и демолирање?
За Македонија интегрирањето во НАТО и ЕУ (пред да се распаднат, де) не е прашање за „уметнички дојам“, дури не е ни од економска природа (и покрај огромните економски импликации) туку е најпрозаично егзистенцијално прашање – дали ќе нѐ биде или не – прашање на гол опстанок.
Да, ако сакате така, тоа е и идентитетско прашање. Ниту името ниту презимето на државата не можат толку да ни го загрозат идентитетот, колку што може нејзиното губење!
И кога веќе си го голтнавме референдумот, политичките елити треба да бидат барем чесни и искрени во референдумското прашање: Дали сте согласни Македонија да преживее со новото име или сакате да умре со старото?
Нема да бидат, се разбира.