Симболите и митовите немаат некоја особена потпора во рационалното, па ако сакате и во научното расудување. Поточно, тие се најчесто бесмислени, па дури и неважни, но сепак, од некои причини, предизвикуваат силни емоции кај луѓето и затоа не би смееле премногу лесно да се отфрлат од нашата, ете, рационална стварност.
Немате, на пример, рационално или логично објаснување зошто едно правоаголно парче текстил може да ве натера да се расплачете. Освен фактот дека тоа парче текстил го нарекуваме државно знаме. И имаме почит кон неговата симболика.
Симболите и митовите, едноставно, ни го насочуваат вниманието кон некои патишта што се поинакви од оние што ги перципираме со рационалниот ум, односно нѐ водат кон нешто што е несвесно или барем не е свесно во целост.
На крајот од краиштата, државите, власта, партиите, нациите, па и другите општествени или социјални групи, голем дел од својот легитимитет го базираат токму на митови и симболи. Ако имате волја малку да го вклучите сопственото рацио, ќе ви биде јасно дека, на пример, и името на некоја држава (па макар била и вашата) не е ништо друго, освен симбол, поткрепен со соодветна митологија и далеку од рационалната свест.
За да стаса државата до прокламираните цели, сепак е неопходна деконструкција на досегашните владејачки симболи и митови. Затоа е битно отстранувањето на споменикот на Ќосето и на буквите на Аеродромот „Александар Велики“
Впрочем, ретко кој тука мисли дека смената на режимот на Груевски со коалицијата на СДСМ е нормален континуитет на демократски смени на власта. Напротив, големото мнозинство смета дека станува збор за дисконтинуитет кој ќе ја однесе земјата на подобра или полоша позиција (во зависност од која точка се набљудува промената власта). Токму затоа е и евидентното разочарување на голем дел од гласачите на СДСМ – поради отсуството (или барем бавното спроведување) на деконструкцијата на симболиката и митологијата на власта на Груевски.
Затоа и мислам дека отстранувањето на споменикот на Андон Јанев Ќосето од пред Судската палата и демонтирањето на буквите на Аеродромот „Александар Велики“ се мал, ама важен чекор во демитологизацијата на старата власт и создавањето на новата симболика на актуелната власт.
Да, станува збор за симболичен чекор кој со ништо рационално нема да го подобри (а, богами, ни да го влоши) животот на овдешниот просечен граѓанин, ниту пак, како било ќе придонесе кон спроведување на која било реформа во било кој општествен сегмент (сепак, се чини дека многу посериозен залак е отстранувањето на клиентелизмот и корупцијата од Судот, отколку на споменикот пред судот).
И, да, тој, самиот по себе е далеку од она што би можело да се нарече вистинска деконструкција на режимот. Во оној, ајде да го наречеме полесен дел, веројатно одамна требаше да се реализира исто така сега веќе одамна даденото ветување за демонтажа на оградата околу зградата на Владата на Република Македонија, потоа да се отстрани нејзината прилепена стиропорска фасада, да се вратат имињата барем на оние улици кои немаа идеолошка заднина („Водњанска“, „Железничка“, „Мексичка“), да се отстранат спомениците, имињата и обележјата на Тодор Александров итн., додека оној потешкиот дел е прецизно наведен во списокот на Прибе.
Она што во конструкцијата е поважно од кадровските решенија е волјата конечно да се тргне во решителната деконструкција на наметнатиот систем на вредности во полза на новите наративи на таканаречената западна цивилизација
Во таа смисла го гледам и симболичкиот чекор во најава – реконструкција на Владата. Речиси и да не ме интересираат кадровските решенија што ќе бидат назначени за нови министри, како што не ме интересираат ни имињата на оние што ќе бидат разрешени. Со други зборови, не сум многу заинтересиран за коалициските натегања и нивните кадровски комбинаторики, затоа што на крајот, како што тоа често се случува, може да излезе дека ќе бидат реконструирани оние министри за чии имиња јавноста најмалку лицитира, односно оние за кои нема поим што работат.
Она што во реконструкцијата е поважно од кадровските решенија (иако и тие не се небитни) е волјата конечно да се тргне во решителната деконструкција на наметнатиот систем на вредности во полза на новите наративи, оние кои се во согласност со претензиите за широк влез во таканаречената западна цивилизација.
Значи, и Западот, оној кон кој се стремиме, а е репрезентиран преку елитните клубови, наречени Европска унија и НАТО, базира голем дел од својот легитимитет врз сопствените митови, а тоа е државата на благосостојба, сеопштиот мир, рамноправноста и еднаквоста на луѓето, социјалната правда, базичните и стекнатите човекови права…
Сето тоа се митови чија емпириска содржина тешко или никако не може да се докаже. Зошто се тогаш битни? Затоа што се корисни. Затоа што на државата (нацијата, општеството, групата, па и на човекот како индивидуалец) ѝ се неопходни општи идеи и уверувања што ќе ѝ дадат смисла на нејзиното постоење и ќе ѝ овозможат да го пронајде сопственото место во светскиот поредок. Државата (како и поединецот, впрочем), а ова е и емпириски докажливо, може да поднесе низа тешкотии, ако смета дека имаат смисла, односно дека водат кон „повисока“ цел.
А за да се стигне до тие цели, сепак е неопходна деконструкција на досегашните владејачки симболи и митови. Затоа е битно отстранувањето на споменикот на Ќосето и на буквите на Аеродромот „Александар Велики“. И затоа е битна оваа реконструкција, реконструкција за деконструкција.