Шарени, обоени и црно-бели револуции

Вака некако се случуваат работите: жителите на малата општина ги зафаќа паника откога општинските челници објавуваат дека во локалното течение се излил цијанид. Општината забранува приод на неколку десетици метри до загадената вода. Се апелира до граѓаните што имале контакт со загадената вода или ловеле и јаделе рибен улов оттаму, веднаш да се јават до кризниот медицински штаб.

Сите надлежни институции се на терен во проценка на штетата и наоѓање решенија за нејзина санација. Општината веднаш објави и дистрибуираше мапа со загрозените делови на отруената вода. Првичната истрага утврдува дека локалниот погон за доработка на метални и рударски продукти што го предизвикал инцидентот, веднаш пријавил до надлежните власти и ги презел сите можни мерки во тој момент за намалување на штетата. Од загадената вода се извадени стотина килограми угината риба.

Сепак, Агенцијата за заштита нa човековата средина објавува дека се загрозени само околу триста метри по должината на течението, но дека и натаму продолжуваат испитувањата за евентуалната поголема штета.

Жртви на системот

Не, не се случува ова во Крива Паланка, ниту во Македонија, туку во малата општина Велсал, во областа Мидлленд, во Велика Британија. Таму, на 12 август минатата година, фабриката за доработка на метални производи „Анохром“ предизвикала хемиски инцидент, при што се излило одредено количество калиум цијанид во локалниот канал.

Не ми се познати резултатите од нивната истрага. Можеби уште трае. Она што е објавено или она што јас го знам е дека повеќето главни луѓе од менаџментот на фирмата се повлекуваат од своите функции. „Анохром“ одвојува повеќе од два милиони фунти за санација на штетата и обновување на природното опкружување и животинскиот свет во каналот. А неколку месеци подоцна, поточно во јануари годинава, компанијата објавува дека цијанидот е сосема елиминиран од нивниот производствен процес.

Не го пишувам ова за да вадам некакви паралели меѓу она што ни се случува нам и таму некаде во „развиениот свет“. Впрочем, убеден сум дека секој обид да се докажува дека истото се случува и „таму некаде“ е прилично апсурден и бесмислен. Всушност, да. Го пишувам токму поради апсурдот на релативизирањето на работите во мојата држава.

Како е можно нашите немал број сограѓани отидени на работа (и живеење) во некои посредени средини да не фаќаат „врски“, да не корумпираат и да не бидат корумпирани. Како тоа преку ноќ го избришаа сопствениот „натален код“?

„Сите сме системот“, „Ние сме виновни“. „Студентите не дозволија да се изманипулираат“, „Се повампири Шарената револуција“, „Нема да им успее“ итн. Ова се само мал дел од насловите во некои медиуми и објавите по социјалните мрежи. Јас навистина не се сеќавам на олку вложена енергија за да се сотрат некои протести пред воопшто да почнат.

Главната мантра околу она што го нарекуваме „систем“ е дека тоа не е апстрактна категорија, туку дека сите ние го правиме. Демек, прв нека фрли камен оној што никогаш не фатил „врска“. Демек, така сме воспитани, таков ни е „кодот“.

Е, не ќе да е така. Како е можно нашите немал број сограѓани отидени на работа (и живеење) во некои посредени средини да не фаќаат „врски“, да не корумпираат и да не бидат корумпирани. Како тоа преку ноќ го избришаа сопствениот „натален код“? Или климатските промени ептен им влијаат врз расудувањето?

Јас навистина не знам што треба да се случи за да сфатиме дека живееме во држава, да не кажам систем, која само со добра волја, и тоа премногу добра волја, може да се нарече така. Колку Фросини, Тамари, автобуси, болници, цијаниди, загаден воздух, коруптивни скандали… треба да преживееме за да сфатиме дека патот до пеколот не е поплочен со добри намери. Напротив, изграден е врз нашата крв и нашите коски. Врз нечии приватни интереси и волја за владеење. Врз корупција.

Не е системот наша жртва, ние сме жртвите на системот.

Ете, и суровото убиство на 59, главно млади, луѓе во Кочани го претворивме во безлична општа, да не кажам природна катастрофа. Небаре се активирал некој вулкан и ја пеплосал онаа несреќна дискотека. А не, што би рекле правниците со нивниот немушт јазик, со нашето чинење или нечинење.

Како, на пример, ќе се толкува „годишниот одмор“ на пратениците во Собранието? Како чинење или нечинење. Секоја „нормална“ асамблеја во овој момент би направила некаква анкетна комисија, некаков надзор врз работата на органите, некаква контрола врз извршната власт. Ама, не, само кај нас, извршната власт го контролира Собранието. Ете, мала поука: тоа се вика систем.

Студентите го менуваат светот

Се извинувам, ама немам друг израз, освен дека ми е „полн куферот“ од спинувања со некакви „шарени, обоени, црно-бели… револуции“ и со сатанизирањето на секој обид, првенствено студентите, а потоа и граѓаните да го кажат својот глас. Затоа што протестот спаѓа во основните човекови права. И секој има право да протестира, ако смета дека работите одат во погрешна насока.

Нема тука да го споменувам најголемото студентско движење во поновата светска историја што ни се случува во непосредното соседство, затоа што оној „куфер“ веќе ми е прелеан од „српски сценарија“ и „српски инструктори“. Ама, сакам да биде јасно: не ни останува светот нам (Македонија и онака ја испуштивме), туку токму на оние што се сега средношколци и студенти. И фер е да ги оставиме да си го обликуваат светот и државата во која живеат по своја мерка. Затоа што студентите го менуваат светот, па ако сакате и системот.

Кога државата врши врз тебе системско и систематско насилство, не обезбедувајќи ти ни минимум безбедносни услови, тогаш не е само право, туку е обврска да се протестира

Нема да одам длабоко во историјата. Ќе почнам од минатата година. Во Бангладеш се воведуваат квоти за вработување што практично ги фаворизираат членовите и симпатизерите на владејачката партија. Студентите почнуваат мирни демонстрации. Во средината на јули се судираат со полицијата. Има стотици жртви (студенти, полицајци, активисти на владејачката партија). Се пали зградата на државната телевизија, а потоа и премиерската резиденција. Корумпираната премиерка Шеик Хасана, која владее од 2009 година, бега од земјата.

Да напоменеме: просечниот приход во Бангладеш е тројно зголемен во последната деценија, но овие благодати ги чувствуваат само партиските членови и физичките работници. Ништо за стручните и образовани лица. Најнова вест од Бангладеш: студентите во февруари најавија формирање политичка партија.

Во октомври минатата година, студентите во Пакистан се креваат на бунт. Поводот е силување на една студентка во подрумот на некој универзитетски кампус, што власта се обидела да го прикрие. Барањата се однесуваат на безбедноста, распространетото сексуално насилство и вознемирување, но и недовербата кон институциите на власта. Власта пука врз студентите и фрла солзавец.

Во 2022 година, спорадичните протести во Шри Ланка, поради економската криза (рестрикции на струја и вода, недостиг од основни продукти), прераснуваат во повеќемесечни демонстрации. Студентите го окупираат главниот плоштад во главниот град Коломбо, барајќи оставка од претседателот Готабаја Раџапакса, како и од нивната влада (инаку премиер постариот брат на претседателот, Махинда Раџапакса.

Студентите со месеци се на овој плоштад. Власта воведува вонредна состојба, го ограничува интернетот, апси без селекција… Но, бадијала. Во јули таа година, претседателот бега на Малдиви.

Лично ме интересира кави „шарени револуции“ се ова? Кој го исфинансирал тоа? Кому му било до дестабилизација на „стабилните“ држави? Која голема сила е сега патрон на Бангладеш, а не била до сега?

Не, нема тука ништо „обоено“. Работите се јасни. Кога државата врши врз тебе системско и систематско насилство, не обезбедувајќи ти ни минимум безбедносни услови, тогаш не е само право, туку е обврска да се протестира. За жал, просторот не дозволува да се навратам на останатата историја на студентските движења (вклучувајќи го тука и македонското), ама се надевам дека ќе има можност.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија