Длабоко ме потресе несреќната судбина на Мемет Камбер, младиот колпортер на „Лице в лице“ и еден од омилените ликови од оваа социјална и солидарна колпортерска мрежа на прекрасни девојки и момци, мажи и жени.
Не можам да кажам дека го познавав . Го знаев како лик од градот. Можеби имам купено од него два или три броја на „Лице в лице“, а можеби и немам. Можеби само поминал покрај мојата кафеанска маса со насмевка и понуда на списанието, а јас арогантно сум го одбил.
Не знам, тоа сега не е ни битно и тоа не ме амнестира од одговорноста за смртта на ова младо момче, кое допрва требаше да го вкуси животот. Како што не нѐ амнестира сите нас, сите што го знаевме и го знаеме проблемот и мижиме пред него.
Мемет Камбер почина затоа што не беше „влезен“ во онаа празна, шуплива и безсодржинска лушпа што така претенциозно ја нарекуваме – систем. Затоа што не можеше да извади лична карта. Зошто? Затоа што не можел да докаже адреса на постојан престој. Затоа што семејството на неговите роднини живеело во дивоградба, што значи дека не можело да извади имотен лист!
Ретко кога го кажувам ова и ретко кога се чувствувам вака. Срам ми е што живеам во оваа држава. Срам ми е што во оваа држава не постои чувство за инклузија, што нема емпатија кон ранливите групи, што не само што се нема солидарност кон најсиромашните слоеви на општеството, туку тие буквално се туркаат во болести, криминал, питачење и – смрт.
Мемет Камбер почина затоа што не беше „влезен“ во онаа празна, шуплива и безсодржинска лушпа што така претенциозно ја нарекуваме – систем
Како да не беше доволна смртта од пред некоја година на матурантот Тони Сали. И Тони Сали умре од истата причина – немаше лична карта!
Наспроти нив, Субрата Рој и Раде Шербеџија имаат македонски лични карти. Или барем имаат државјанства со адреси на постојан престој. Некои меѓународни криминалци под лажни имиња имаат регуларни патни исправи. Некои сонародници од Пустец живеат на некоја улица „Максим Ѓорѓија“ за потребите на некакви избори.
Ама Мемет Камбер и Тони Сали ја немаа привилегијата нивна татковина да биде онаа каде што се родиле и живеле. Зошто? Таков бил системот! А, бе, ајде!
Знаете ли што значи да не можете да извадите лична карта? Не можете да се вработите, не можете да се венчате, не можете и вашите деца да ги запишете во Матичната книга на родените, не можете да отворите банкарска сметка и на крајот не можете да добиете здравствена заштита.
Не знам колку луѓе се опфатени со овој проблем на системот. Стотици? Илјадници? Не знам колку луѓе живеат во неформални населби, без улица и број. Не знам колкумина се апатриди во сопствената држава. И нивната држава не го знае тоа. Или барем не алармира со овие податоци. И не презема ништо за сопствените граѓани со овој проблем.
Знам само дека нивната „невидливост“ може само да предизвика маргинализација, дискриминација по сите основи и екстремна сиромаштија.
И да не се лажеме повеќе, сигурно барем 95 проценти од „домашните апартиди“ се од ромската популација. Да беа од некоја друга етничка група, досега ќе се кренеше невидена медиумска врева и сериозна кампања за решавање на проблемот.
Се сеќаваме, белки, на кампањата на некои овдешни партии на Албанците кои предлагаа со две платени комунални сметки Албанците од Македонија без државјанство да си го решат проблемот и да добијат државјанство. Ама, тој предлог имаше „политичка тежина“ и беше важен за правење некакви парламентарни мнозинства и опстојување на власта. Ромите, ете, ја немаат таа „важност“. Или, со други зборови, „таков е системот“.
Во Србија, на пример, младите луѓе од таканаречените неформални населби ја добиваат првата лична карта на адресата на најблискиот центар за социјална работа. И потоа преку него ги остваруваат своите права.
Кај нас, се разбира, немаме ни блага претстава колку апартиди има. Направивме ли попис? Направивме. Зошто не ги попишавме овие луѓе? Толку ли беше тешко? Сигурен сум дека во секој град се знаат енклавите каде што живеат „невидливите“ луѓе. И сигурен сум дека тоа не е некоја операција што бара супериорна логистика. Напротив. Секој сака да си ја реши маката. И младиот Мемет сакаше. Ама ние не сакавме. „Не е во системот“. И ги исправме рацете од калта во која сме до грло.
Како да не беше доволна смртта од пред некоја година на матурантот Тони Сали. И тој умре од истата причина – немаше лична карта!
И како тоа да не беше доволно, веднаш потоа медиумите објавија дека матурантка од Охрид не можела да полага матура, затоа што „не била во системот“. И, онака, бегло, како што знаеме ние, и ја прекршивме иднината на младата охриѓанка, без нејзина вина и нејзина заслуга.
Други некои деца, деца од прв ред, полагаат правосудни испити пред да завршат факултет, купуваат дипломи и работни места, примаат плата без да се појават на работа…
И тоа не е сѐ. Човек, кој веќе една деценија докажува дека е жив, сега треба да плати парична казна за сообраќаен прекршок. Во системот влегол како починат. Го помешале со неговиот брат-близнак.
Со цел ризик дека ќе се повторам од некои мои текстови на оваа или слична тема, сепак ќе прашам: кој систем? Ова што го живееме и го сведочиме ние, не е никаков систем. Ова е празна форма, ослободена од секаква содржина. Форма што служи само за задоволување на потребите на „префинета“ група луѓе. Нешто како кока-кола без шеќер, цигари без никотин, кафе без кофеин… Празнина што глуми значење.
Се разбира дека сум поразен и дека немам ништо умно да кажам на крајот, освен да го искажам моето најдлабоко сочувство на сите што го чувствуваа Мемет за близок.
Почивај мирно Мемет Камбер. Ние сигурно нема мирно да спиеме.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија