Соларис урбино 18

Доволна беше една вест на српскиот портал еКапија, за овде да се извадат кубурите по прашањето дали стари автобуси од Белград ќе завршат во Македонија.

Веста е неофицијална, се повикува на неименуван извор од управата на Градското сообраќајно претпријатие во Белград, чие раководство на состанок со советник на белградскиот градоначалник дознало за идејата за донација.

Причината за таквото размислување било тоа што следната година во Србија стапувале во сила одредби за смалување на старосната граница за авотобусите во јавниот превоз. До први јануари 2024 година, таа граница била 20 години, во септември била спуштена на 15, а од први јануари 2025 година, максималната дозволена старост за автобусите ќе била 10 години и ќе се однесувала за сите превозници во Белград.

Во таков случај, првите што би требало да бидат повлечени од сообраќај биле автобусите од полско производство марка „соларис урбино 18“, кои во Белград како нови стигнале во 2012 и во 2013 година, вкупно 200 на број, што значи дека се стари 11-12 години.

Старосна граница

Кај нас, сè што има ваков датум на производство, сѐ уште се третира за „чичка ново“ („баба го возела“), бидејќи поново нема. Настрана од прашањето дали тие автобуси навистина ќе завршат во Скопје и во други градови од земјава, она што предизвикува оправдана доза завист е кога ќе прочиташ како во соседството се грижат за стандардот на јавниот превоз.

Двојното спуштање на дозволената старосна граница на автобусите (во рок од само една година) покажува дека некој сериозно ги анализирал потребите на граѓаните и аспектот на одржување безбедна услуга, имајќи предвид дека условите за експлоатација на автобусите во фреквентниот Белград се прилично неповолни – голем број стојалишта, чести застои во сообраќајот, оштетувања на коловозите, дупки и девијации на асфалтот, како и огромен број патници опслужувани од три и пол наутро до еден часот по полноќ.

Условите во Скопје не се ништо подобри – напротив, далеку полоши. За состојбата на автобусите тешко е да се најдат зборови што соодветно ќе опишат на кое дерџе се тие. Тешко е да се предвиди со колку автобуси исклучени од сообраќај ќе почне денот и уште колку други ќе се исклучат во текот на денот поради дефекти и ред други причини.

Возењето со нашите автобуси е како лотарија – не знаеш дали ќе дојде твојот број, а и ако дојде, прашање е дали докрај ќе го сврти кругот, бидејќи изненадувања има на секој километар.

Забите на подарен коњ

И наместо да видиме некаков напор барем да се ублажи состојбата, кога веќе нема капацитет да се смени, не го видовме ни тоа. Но, од Град Скопје се многу експедитивни кога треба преку соопштенија да реплицираат на коментар на градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, за можната донација.

Па, прашуваат, „дали со таа донација од Белград се подготвува лице блиско до ВМРО-ДПМНЕ и до руските безбедносни служби, повторно да влезе во дејноста со јавен превоз и со помош на ВМРО-ДПМНЕ да го приватизира ЈСП“.

Со такви „ребуси“ не се прави ништо, освен исцртување контури за продолжена пресметка со поранешни соработници, кои денес се доживуваат како ривали. Граѓаните немаат корист од такви соопштенија. Гласаа за нешто друго.

Не само што за три години не почна реализацијата на ветувањето за бесплатен јавен превоз, туку во еден период од мандатот на градоначалничката Данела Арсовска, за првпат Скопје остана и без јавен превоз. Па, остана уште да коментира за „забите на подарен коњ“, и тоа во неофицијална најава.

А најавените 250 еколошки автобуси, со кои таа го доби мандатот, три години се возат само на вербален „погон“. Нив скопјани не ги дочекаа, а веќе е извесно дека таа крајот на мандатот ќе го дочека со преполовен број и на овие старудии што сега се тркалаат низ улиците на градот. Со нив не може да се постигне висок квалитет на услуга – ни брзина, ни редовност, ни временска и просторна покриеност со услуга, ни удобност за корисниците.

Дури и сето тоа да беше во ред, со зголемениот број жители и површина, Скопје одамна го надрасна автобускиот јавен градски превоз и треба да размислува и за други опции.

Ама тоа изгледа непристојно и да се спомне, во услови кога и сегашниов возен парк, не само што не може да се обнови, туку и тешко се ремонтира за да му се продолжи колку-толку работниот век.

Задоволни од „соларис“

Во соседството, противниците на потенцијалната белградска донација сакаат да си ги задржат автобусите дома. Сметаат дека не треба да биде примарен критериум статистичката вредност – колку е стар автобусот сметано од првата регистрација, туку да се земат предвид и други важни елементи – експлоатациската состојба на возилото, неговата сигурност, поминатата километража.

Тие се задоволни од автобусите „соларис“ и сметаат дека може да ги користат уште најмалку пет до седум години. Ако има потреба, дел од нив може и да се ремонтираат, бидејќи во Србија има овластен сервис за нив.

Но, стравуваат дека, сепак, ќе мора да се простат од нив, бидејќи доколку градот одлучел дека треба да им го продолжи работниот век, тогаш веќе би бил избран одреден број автобуси за кои е утврдена економска оправданост да се вложува во нив, а такво нешто немало.

Но, се претпоставува дека и нивното дефинитивно повлекување нема да се случи на први јануари 2025 година, туку најверојатно пролетта, кога во Белград треба да стигнат 100 нови зглобни автобуси.

Така што Град Скопје не треба да се плаши дека бргу ќе се „поднови“ возниот парк кај нас со соседска донација, што би било дополнителна шлаканица за неуспехот на градоначалничката.

Ако навистина дојде, но малку задоцни, мандатот на Арсовска ќе заврши без ниту еден нов, ама и без ниту еден стар, дониран автобус. Единствено со тоа ќе може да се пофали.

 Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија