И на овој 26 јули медиумите ќе објавуваат стории од катастрофалниот скопски земјотрес. Ќе бидат објавувани сеќавања, сведочења, статистики… стории за меѓународната помош, приказни за обновата и изградбата… И овој 26 јули ќе зборуваме за несудениот град на Кензо Танге, ќе ги цитираме изјавите на тогашните светски политичари, ќе оддадеме пиетет на жртвите…
И во сите овие текстови ќе провејува еден речиси заборавен збор во нашиот речник – зборот „солидарност“.
Иако сум еден од живите сведоци на земјотресно Скопје, сепак, поради мојата возраст, едвај полни две години во тоа време, моите сеќавања на оваа катастрофа се сведуваат на слики, главно создадени од раскажувања на повозрасните, сведочењата на сведоците, документарните филмови и слични материјални и нематеријални факти и артефакти што сведочат за тоа време.
Она што го запаметив од сопствените бледи сеќавања и живите сведочења е токму солидарноста на луѓето. И не мислам тука на меѓународната солидарност, која, според некои анализи, може да се толкува и како резултат на глобалната геополитичка состојба (светот е во посткубанската нуклеарна криза, но сепак во студена војна), но и како политички профитабилна работа, затоа што покажувањето солидарност кон другите, особено ако се тие од некоја друга нација, држава, вера… се покажува како политички исплатлива активност.
Ние и денес велиме дека на Скопје му помогнале Мексико, Романија, Бугарија, Финска… И никогаш не велиме дека на Скопје му помогнале луѓето од овие држави. Во принцип станува збор за одлуки на властите што во тој момент ги презентирале своите држави и за пари слеани од нивните државни буџети, што во поттекст секогаш значи дека станува збор за политичка одлука, колку таа и да биде хумана.
Денес во градот речиси и не постои никаков белег, знак, симбол што ќе нѐ потсетува на солидарноста, можеби најбитен фактор за една социјална и општествена кохезија
Значи, тука првенствено мислам на солидарноста на луѓето, на оние кои доброволно дошле да ги расчистуваат урнатините или да помогнат онолку колку што можат, а пред сѐ мислам на солидарноста меѓу самите скопјани.
Има безброј приказни, не само за помошта што си ја давале меѓу себе соседите и пријателите, туку за безусловната солидарност што ја искажувале луѓе што меѓу себе не се познавале. Луѓе што не знаеле едни за други дали се друга сексуална ориентација, дали се од друга вера, дали се од друг национален ентитет… Луѓе што такви дребности едноставно не ги интересирале.
Денес во градот речиси и не постои никаков белег, знак, симбол што ќе нѐ потсетува на овој можеби најбитен фактор за една социјална и општествена кохезија. Старата железничка станица, оној „природен“ споменик на скопската несреќа веќе одамна е „средена“. Споменикот на Томе Серафимовски е дислоциран некаде. А споменик на солидарноста меѓу самите скопјани никогаш и немало.
Токму недостигот од солидарноста во современиот речник, а богами и во актуелната практика, нѐ тера да се потсетиме на енциклопедиската дефиниција за значењето на овој збор. Значи, солидарноста е пракса на општествената кохезија, остварена врз основа на вредностите, какви што се подготвеност на делење со другите, заемна помош и/или активна партиципација во општествената заедница.
Според тоа, солидарноста е важен постулат, врзивно ткиво на она што се нарекува солидарна заедница или солидарен колективитет. Со други зборови, солидарноста е сето она што неолиберализмот што го живееме не е. Неолиберализмот, имено, подразбира компетитивност, експлоатација, конкуренција и индивидуализам, односно индивидуален профит.
Интересно е како и нашето општество, односно нашата држава, како и повеќето други во светот, без разлика на нивното формално општествено-политичко уредување, сака себеси да се претстави како солидарно. Иако вистинските солидарни вредности се тешко видливи.
Во корона-кризата, на пример, државната помош беше главно наменета за фирмите, односно газдите на фирмите, а не за оние што го создаваат профитот, односно вработените. Па, така излезе дека голем број претпријатија воопшто не им ја исплатиле на своите вработени минималната плата, добиена како помош од државата.
Не се сеќавам дека е некаде објавено како и со што се санкционирани овие претпријатија (газди). Се сеќавам само дека државата единствено испраќаше апели и го продолжуваше рокот газдите да ги исполнат своите обврски. За тоа време кај вработените се таложат финансиски задолжувања, сметки, камати…
За кој тип солидарност станува збор може да послужи и примерот на претстојните локални избори, кога партиите, без оглед дали се на власт или во опозиција, најавуваат 750 евра просечна плата и не знам каков пораст на бруто домашниот производ. Во превод тоа не значи ништо друго, туку натамошен раст на градежништвото, форсирање на големите компании и привлекување инвестиции, слични на оние со рудниците во Источна Македонија. И, се разбира, нема ниту збор за проблемите на локалното население и локалните проблеми на заедниците каде што политичките партии (ќе) се натпреваруваат за освојување на власта.
Токму локалните избори и споменатите рудници го отвораат основното прашање на недостиг од солидарноста како општествен кохезионен фактор, односно дефинитивната победа на неолибералниот капитализам врз општествениот живот.
Принципиелно гледано, проблемите на текстилните работнички и проблемите на оние каде што се отвораат рудници суштински се исти
Локалните жители што се бунтуваат против уништувањето на нивното опкружување со изградбата на овие рудници се оставени сами со своите проблеми. Никој друг не е заинтересиран да се солидаризира со нив. Луѓето што протестираат против отворањето на рудниците не се заинтересирани за проблемите на луѓето каде што ќе се градат мини хидроцентрали. Луѓето што протестираат против изградбата на мини-централите не се заинтересирани за проблемите на оние во чии двори никнуваат огромни повеќекатници. Оние што протестираат против урбаната мафија, не се солидарни со дискриминацијата на ЛГБТ популацијата. ЛГБТ популацијата не е заинтересирана за дискриминацијата на Ромите. Дискриминираните Роми не се заинтересирани за настраданите во семејно насилство… Низата, се разбира, може да се продолжи во недоглед.
Она што не го разбираме е фактот дека секоја неправда е – неправда! И секоја дискриминација е – дискриминација. Дека, принципиелно гледано, проблемите на текстилните работнички и проблемите на оние каде што се отвораат рудници суштински се исти. Парцијализацијата и расцепкувањето на обесправените по ситни групички, во суштина, е разводнување на отпорот против неправдата и дискриминацијата, односно триумф на неолибералната логика на функционирање на едно општество.
Токму затоа е важен скопскиот земјотрес и солидарноста што скопјани ја покажаа тогаш, неселективно помагајќи си еден со друг, без оглед на сопствените проблеми.
И тогаш, во името на неолибералниот капитал, дојдоа „обновителите“ и ја уништија Стара железничка станица како споменик на таа солидарност. И дојдоа другите „обновители“ и врз „темелите“ на езерото „Треска“, направено токму како резултат на скопската солидарност, најавија изградба на класична неолиберална елитна населба.
И на овој 26 јули медиумите ќе бидат полни со приказни за скопскиот земјотрес и за заборавената солидарност.