Од железничката станица, зафрлена некаде меѓу ридовите на Балканот, тргнува патнички воз. Во еден од вагоните, втора класа, за пушачи, во полумракот дремат петтемина патници. Само што вечерале корења, па сега потпирајќи ги главите на потпирачите од седиштата, се обидуваат да заспијат. Тишина. Се отвораат вратите од купето, влегува еден висок, како мотика слабичок човек со професорски стас, очила со дебели рамки, залижана наназад коса и модерен капут, кој многу потсеќа на агентите од убавите удбашки времиња на една бивша држава.
Тој човек запира на средина од купето, дува низ нос зачудено и, напрегнувајќи си ги очите поради слабата светлина, долго се ѕвери во патниците од вагонот.
– Не, и ова не е тој! – мрмори за себе. – Да му се сневиди, ова е ужас! Катастрофа! Не, не е тој!
Тогаш еден од патниците се подрасонува од дремката, се загледува во нововлезениот патник и радосно извикува:
– Христијан Ивановиќ Мицковиќ! Откаде ти овде! Ти ли си, брате?
Високиот господин во капут се стресе изненадено, тапо се загледа во патникот, па препознавајќи го, весело плесна со рацете:
– Ха! Јанко Рубљов Бачев! – вели радосно. – Колку ли вода протекла низ надојдениот Вардар откако не сме се виделе! Па, јас и не знаев дека и ти патуваш со нашиов воз.
– Па, ете… И јас не знаев дека сме во ист воз… Па, како си?
– А бе, добро е. Мислам, океј е. Ма, супер е. Само што, изгледа дека се загубив во возов, па не можам да си го најдам мојот вагон. Знам што си мислиш, каков идиот сум! – високиот господин со очила се закикоти весело.
– Се случува често, овде на Балканов – рече смеејќи се Рубљов Бачев.
– Речиси сум сигурен дека тоа е мојот број на купе, знаеш обично сум математички прецизен со бројките…
– Можно е да си помешал некоја бројка…
– Па, сега… Важно си супер расположен, среќен… Седни, слободно! Има место во мојов вагон, ко што гледаш остана полупразен!
– А, не, не! Идам, брат, да си го барам мојот вагон! Поздрав!
– А бе, гледаш дека е веќе паднато мрак, кај ќе го бараш, може од твојот вагон и да испослегнале луѓето. Седи овде! Ќе патуваме заедно!
Ивановиќ Мицковиќ тогаш воздивна тешко и неодлучно седнува до Рубљов Бачев.
– А каде патуваш? – прашува Рубљов Бачев.
– Кој јас? Сега веќе не ми е ни важно, брат!
– Како мислиш не ти е важно.
– Слушај, брат, – го удира Ивановиќ Мицковиќ својот пријател со лактот – потпишав капитулација.
Лицето на Рубљов Бачев одеднаш се смрачува.
– Зарем и ти…
– Ама не, не ме разбра, не таква капитулација. На матично! Се оженив! Ха-ха! И сега патувам со љубената – се смее Ивановиќ Мицковиќ, не можејќи да ја сокрие радоста и возбудата.
– А, така кажи, бе брат, нозеве ми се пресекоа кога спомна капитулација. А за кого се ожени?
– Ех, за кого. За една Македонка. Поробена. За Македонија, бе брат.
– Браво Ивановиќ Мицковиќ, од вас не очекував ништо помалку.
– Клекнав на колена и ја побарав да биде моја вечна сопатничка. И се согласи. И еве сега ја поведов на свадбено патување. Знаеш, на минатата станица, ме фати преголема среќа, возбуда, па малку и трема, и затоа се симнав да бапнам неколку од нога, да се опуштам, не очекував дека на едно клекнување на колена ќе падне мојата Македонија, ха-ха!
– Колку прекрасно – со восхит го гледа Рубљов Бачев својот неочекуван сопатник. – А каде патувате?
– На запад! Во Европа! Прво тура низ цела Европа, а потоа на авион, па САД, Канада…
– Полека, полека, пријателе… Ама каков запад?
– Па, прво Брисел, потоа Берлин, Париз…
– Ама овој воз воопшто не оди во тој правец!
– Како не оди? А каде оди?
– Па, на Исток. Москва. Потоа со трансибирска железница можеш да продолжиш до далечниот исток, речиси со Кореја.
– Каква Кореја!? Која Кореја!? – срипа испаничен Ивановиќ Мицковиќ.
– Северна бе брат, нашата – му намигнува Рубљов Бачев.
– Ама тоа не е можно. Речиси си сум сигурен дека возот не се ни помрдна додека… Тоа беа само три жолти, на екс…
– Ех, речиси…
Младоженецот се струполи во очај на седиштето. Ги извади очилата, си го покри лицето со дланките. Речиси миговно се отрезни, неговата неизмерна среќа исчезна од неговото лице. Стана и почна нервозно да пета по купето, расонувајќи ги сите задремани патици.
– Ама што да правам сега, Македонија ми остана во возот за Брисел. Сигурно ќе биде загрижена кога ќе сфати дека возот лета напред, а јас не сум успеал да се качам…
– Или ќе се загрижи, или нема – мудро дофрли еден од патниците во купето. Тоа беше Ѓорге Иванов.
– Иванов ве молам престанете со вашите шеги, човеков е во проблем, треба да му помогнеме – го прекори Рубљов Бачев.
– Знаете што, симнете се на следната станица и обидете се да го фатите некој брз воз за запад и да се качите кај вашата љубена Македонија додека не ве заборавила – му предложи човекот кој се претстави како Влахов Мицов.
– Да, но од каде пари за брз воз? Сите пари ми останаа кај фамилијата…
– Имате среќа Ивановиќ Мицковиќ што налетавте на нас. Ние ќе ви помогнеме – задоволно рече Рубљов Бачев и ги замоли сите во вагонот да помогнат.
Секој извади од џебот по некоја пара, присобраа пристојна сума и му ја подадоа на унесреќениот младоженец. Тој се заблагодари срдечно, се прегрна со пријателот Рубљов Бачев, а потоа излезе од вагонот да ја чека следната станица за да се симне и да фати спротивен правец.
Откако во купето повторно стана тивко, а патниците потонаа во своите седишта чекајќи да им се врати дремката, Иванов само тивко прокоментира:
– Требаше да си остане со нас, рубљите што му ги дадовме не вредат пет пари на запад.
Тишина. Никој немаше што да пререче на оваа мудрост, а некој можеби веќе и беше отпатувал во прегратката на своите сништа.
Чехов, со прекрасниот расказ „Кога некој е среќен“, мајсторски ни покажува колку среќата е релативна работа. Особено кога патуваш со погрешниот воз. Мислиш дека си бескрајно среќен, а потоа, по само еден единствен миг, сфаќаш колку си несреќен.
Драги пријатели, роднини, познаници, непознаници, на 1 октомври не може да бидете во два воза истовремено. Или ќе се движите со вашата љубена Македонија кон запад на меден месец во Европа, или ќе се движите (најверојатно неповратно) во спротивен правец.
Возовите се паркирани многу близу еден до друг, на двата соседни перона на вашето гласачко ливче, ако не размислите трезвено во кој се качувате, следната станица може да биде многу, многу години подоцна. А може и да не биде никогаш… Среќен пат!