Ме учеа дека живеам во оазата на мирот, заедно со топлиот, мирољубив, кроток и весело-гостопримлив народ. И така некако нашата генерација ги памети своите детство и младост. Го живеевме стереотипот и се обидувавме да го потврдуваме, особено пред другите. Како и секој стереотип, има нешто реално, но и нешто фантазмагорично во себе. Стереотипот е никогаш апсолутно достижен идеал, но истовремено е слика што постојано се обидува да се одржи присутна. Па, сепак, нешто се промени.
И покрај фактот што дигиталната јавна комуникација ја извади на виделина валканaта долна облека, односно изразот на гневниот Македонец, лут на сите, освен на себе, емоционалната состојба на нашиот народ е слична и во физичкиот свет. Македонецот, не само што колне и пцуе на социјалните мрежи, тој пали и шуми, клоца улични мачки, малтретира послаби од себе, фрла отпад во реки и езера, дупи гуми, демолира детски игралишта.
Македонецот, не само што колне и пцуе на социјалните мрежи, тој пали и шуми, клоца улични мачки, малтретира послаби од себе, фрла отпад во реки и езера, дупи гуми, демолира детски игралишта
Па, добро, стока имало насекаде и секогаш, но кога и зошто тие станаа доминантна група тука?
Многумина ќе помислат дека така се живее и во остатокот од светот. Веројатно се во право. Сепак, нивото на колективното емоционално здравје и добросостојба варираат во различните нации и култури. Гневни, себични и непристојни луѓе има насекаде, но кога еден народ како колектив е оценет, барем според последниот глобален извештај за емоции на Галуп, како еден од најгневните и најзагрижени во Европа, тогаш ситуацијата станува сериозна.
Да се биде среќен, одморен, почитуван и исполнет, не доаѓа само од себе. Таа состојба зависи од многу фактори, особено од финансиската стабилност и од чувството на безбедност, но тоа не се единствените фактори што нѐ направиле нас една иритантна и стресна средина.
Да се живее во колектив што е гневен и загрижен, не е безопасно. Ниту растението дава плодови кога е засадено во гнила почва, ниту рибата живее здраво во загадена река. Така и ние. Не можеме да имаме среќен и исполнет, здрав и смислен живот во средина контаминирана од негативни емоции.
Дури и убавите приказни тука се дочекани со презир и со навреди.
Јорданка Мавродиева е жената за која овие денови пишуваа нашите медиуми. Нејзината приказна е топла и инспиративна. Откако се пензионира на работното место како систем-инженер во една здравствена установа, таа запишува втор факултет и на 68 години дипломира на Катедрата за македонски јазик, со просек 9,81.
Една сосема симпатична приказна одново се претвора во вест што иритира и мотивира десетици и стотици Македонци да ја исмеваат, критикуваат, навредуваат или да го проблематизираат нејзиниот избор да го живее својот живот како што замислила. Замислете ја таа состојба во која човек е бесен и гневен затоа што некој ете решил и завршил факултет.
Кој е тој човек што се разбудил, испил кафе и се втурнал во блуење отров по социјалните мрежи, расправии со патници во јавен превоз, викање по работници на каси или шалтери? Тоа е просечниот гневен Македонец, кој на сѐ гледа со презир и во секого гледа непријател.
Па, каде е тогаш тој топол и мирољубив народ? Каде е кроткиот Македонец?
Невозможно е да исчезнал, заминал или се преобратил сиот пристоен свет. Погрешно е да се мисли дека тука сите се зли и дека тука сѐ е лошо. Единственото логично објаснување ми е дека овој свет просто замолчал.
Од микро до макрониво, од пристојни членови на вибер-групи до посветени професионалци меѓу професорите, лекарите, судиите, сиот овој добронамерен свет се исцрпел и предал оставајќи, со одредена чудна леснотија, булументата да завладее
Имам чувство дека сѐ што е добронамерно и светољубиво, ентузијастички се предало пред напливот на ордата на бесот и омразата. Овие добронамерни луѓе едноставно престанаа да говорат јавно и се склупчија во своите социјални кругови, безбедно дистанцирани од иритантниот шум.
Тоа секако им помага донекаде, ама во широката слика, тоа е пораз што не смееме да си го допуштиме.
Во која и да е институција во која сум разговарала, особено на теми што оваа разгневена јавност ги направила „контроверзни и опасни“, сум наидувала на група луѓе што знаат да мислат и се водени од чисти намери. Луѓе што ја сакаат својата професија, кои имаат визии и веруваат во можноста за промени. Не треба да кажам дека најчесто тоа се и најтивките луѓе во дадените колективи.
Од микро до макрониво, од пристојни членови на вибер-групи до посветени професионалци меѓу професорите, лекарите, судиите, сиот овој добронамерен свет се исцрпел и предал оставајќи, со одредена чудна леснотија, булументата да завладее.
Да бидам уште подиректна, на „топлиот и мирољубив народ“ му треба храброст. Дури и не преголема. Храброст што не го става животот во ризик, туку мотивира да се реагира соодветно секогаш кога нечија фрустрација ќе се истури во вид на отровна артилерија врз некого или нешто.
Не во име на тоа кој е поисправен или кој е во право, туку во име на спас на животната средина во која заеднички постоиме.
Во јавната комуникација ќе мора да се чујат и среќата, и задоволството, и грижата, и емпатијата, и гостопримството, и љубовта, и солидарноста, и заедништвото. За тоа денес е потребна огромна храброст, која е неминовна обврска на секој што си ги сака својата земја и својот народ.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија