Многу одамна, кога ќерка ми беше некое трето или четврто одделение, доби писмена работа по македонски јазик на тема „Стојам пред споменикот на Браќата Миладиновци“. Во дворот на нејзиното истоимено училиште имаше биста на струшките браќа, па темата беше некако соодветна за нејзиното училиште.
Велам, одамна беше и не се сеќавам најдобро, ама ќерка ми напиша нешто во стилот како на голем одмор стои пред споменикот и гледа колку е валкана неговата блиска околина и како децата фрлаат кеси, хартивчиња и шишиња од нивните ужинки. Таа ја расчистува околината и во занес на својата мисија не забележува дека одморот завршил.
Доцни на часот, а часот е по македонски јазик и во моментот, учениците пишуваат писмена работа на тема „Стојам пред споменикот на Браќата Миладиновци“.
Доби некоја тројка или некоја уште пониска оценка, не толку вообичаена за ученици од нижите класови, во тогаш осумгодишното основно образование. Со образложение дека ја промашила темата. Наспроти критериумот на нејзината учителка, јас мислев дека темата е одлично обработена и одработена и дека е токму погодена.
Не, не бев да протестирам за слабата оценка, затоа што сметав дека учителите се професионалци и дека не е мое да се мешам во нивниот систем на вреднување. Но, од друга страна, се обидов колку што можев да ја охрабрам ќерка ми да размислува во тој правец и да ѝ објаснам дека темата не е „Животот и делото на Браќата Миладиновци“, па да биде промашена. Од мене доби чиста петка.
Во рамките на очекувањата
Нешто подоцна, откога ќерка ми отиде во повисоките одделенија, во некој случаен разговор со нејзината учителка ја зачнавме оваа ситуација. Таа ми објаснуваше дека под темата за Браќата Миладиновци не се очекува текст за екологија, туку барем некои основни податоци за нивниот живот и дело. И дека стоењето пред нивниот споменик треба да разбуди асоцијации за нивната важност за сегашните генерации, а не дека живееме во валкан свет.
Во ред, не се разбравме, ама барем продискутиравме.
Еден пријател, пак, своевремено ми кажуваше дека син му добил некаква лоша оценка на некој тест, иако одговорите на задачите му биле точни. Но, не му биле признаени, бидејќи биле добиени на некој друг начин, а не на оној што бил претпочитан или препорачан за решавање на задачите. Професорот му рекол дека не се важни само одговорите, туку и методот до кои се доаѓа до нив.
Македонските ученици (поточно македонското образование) никогаш не се прославиле на тестирањата на ПИСА (Programme for International Student Assessment), ама овие резултати баш се, што би се рекло, алармантни
Овие два примера, а и некои други, кои во полза на економијата на текстов овојпат ќе ги прескокнам, ми се вртат низ главата откога ги видов неодамна објавените резултати на таканаречениот дополнителен ПИСА тест за креативно размислување. Добро, македонските ученици (поточно македонското образование) никогаш не се прославиле на тестирањата на ПИСА (Programme for International Student Assessment), ама овие резултати баш се, што би се рекло, алармантни.
Имено, според податоците на ОЕЦД (Organisation for Economic Co-operation and Development), во чии рамки се одвива ПИСА програмата, на овој дополнителен тест за креативно размислување, изведен во рамките на редовното тестирање во 2022 година, учествувале 64 земји. Максималниот резултат што можел да се освои е 60 бодови. Просечниот постигнат резултат е 33 поени.
Македонија е на 57-то место, со освоени 19 поени!
Најдобри резултати во регионот имаат Хрватска и Словенија (30 поени, 27. место), па Србија (29 поени), Грција (27), Романија (26), Бугарија (21). Покрај Македонија, најлошо во регионот, а и на целата листа, е пласирана Албанија – на последното место, со 13 поени. Но, за неа е назначено дека имала слаб одѕив на тестирањето. Најдобри резултати имаат Сингапур (41), Јужна Кореја и Канада (38), па Австралија (37).
Она што ја разликува Македонија од регионот е што во повеќето земји во опкружувањето веќе се појавија медиумски и стручни анализи за резултатите, додека нашите институции, а со тоа и медиумите некако ја прескокнаа оваа информација. Буквално не успеав да пронајдам ниту еден објавен збор за оваа информација.
Во рамките на мислењето
Што е тоа креативно мислење и зошто е тоа важно. Според организаторите, со тестирањето се мери способноста за продуктивно создавање, вреднување и подобрување на идеите што доведуваат до оригинални и ефикасни решенија, создавање ново знаење и впечатливи експресии на фантазијата.
Зошто тогаш нашите ученици се некреативни и далеку под светскиот процес? Во принцип, сите деца на светот се креативни. Сите тие во некоја своја возраст цртаат, имаат оригинални прашања и одговори, замислуваат свои бајки и, со еден збор, креативно го толкуваат светот. Што натаму се случува со нивното размислување „надвор од рамката“ (out of the box, што би рекле англосаксонците), најмалку зависи од децата, а многу повеќе од нивното опкружување, пред сѐ од образовниот процес.
Значи, одговорот за македонското „врамено размислување“ можеби најдобро може да се види во примерите наведени на почетокот на текстот. Во нашето образование, имено, владее она што јас го нарекувам „терор на оценката и точниот одговор“.
Не само што не се стимулира друг тип на размислување од оној наведен во учебникот, туку тоа и се санкционира со лоша оценка. Во таа смисла, успешен ученик кај нас е оној ученик кој се повинува на авторитетот на учителот и на учебникот
Едноставно, не само што не се стимулира друг тип на размислување од оној наведен во учебникот, туку тоа и се санкционира со лоша оценка. Во таа смисла, успешен ученик кај нас е оној ученик кој се повинува на авторитетот на учителот и на учебникот, а не оној што развива свој ментален систем на размислување.
Со други зборови, наједноставниот (иако не и најлесниот) начин да се успее во нашето образование е содржините да се научат напамет и да се издекламираат пред учителот. Ова, се разбира, е наједноставен и најлесен начин наставникот да процени дали ученикот го владее материјалот или не. Секое друго размислување е размислување „надвор од рамката“, и тоа не е пожелно.
Крајниот резултат на ваквата практика е создавање идни поданици, луѓе што безрезервно ќе му веруваат на авторитетот, каде и да го препознаат (во власта, во политичката партија, кај политичките лидери, кај шефовите на работното место, пред административниот шалтер…).
Со други зборови, нашиот образовен систем стимулира создавање послушници, а не креативни личности.
Но, проблемот не е само во социолошката патологија на општеството. Упорното избегнување на проблемски заснованата настава и на критичкото промислување на материјата практично значи откажување од највредниот ресурс на земјата – домашниот ум и домашното функционално знаење. А општество како нашето, преполно со предизвици и проблеми, на овој начин практично крева раце од овој единствен ресурс што го има за создавање функционална иднина.
И на крајот, за да нема никаква забуна, ПИСА тестирањето е најрелевантното надворешно евалуирање на она што нашите ученици знаат и умеат да го направат, односно во која мера се способни знаењата стекнати во училиштето, семејството, во пошироката заедница, на интернет… да го применат во реалните животни ситуации.
Како тоа изгледа во реалноста, говорат токму примерите од почетокот на текстот. Ќерка ми одамна живее и работи во Англија, а синот на оној мој пријател е успешен човек во Швајцарија.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија