Толку!

Некако токму еден месец по големата трагедија во Кочани нѐ достигна веста за најновата, 62-ра жртва на пожарот на нашиот немар. Како ја пречекавме оваа вест? Како уште една бројка во црниот катастар на македонските несреќи. Само бројка. Обесчовечена. Деперсонализирана. Без свест за себе и по себе. Само со констатација дека колку е поголема цифрата, толку е поголема несреќата. И толку! Толку?

Ја прочитавме или ја видовме оваа вест на некој од нашите екрани, онака покрај утринското кафе и пред да загриземе од сендвичот што сме го подготвиле за појадок, како што наведува Далтон Трамбо во предговорот на едно од изданијата на неговиот роман „Џони тргна во војна“ (Johnny Got His Gun).

„Наместо да се исповраќаме, се фаќаме со раката за тостот“, вели таму Трамбо и продолжува: „Утринската гужва по закрчените улици не ни служи за да го огласиме убиството на сите камбани, туку за да стасаме до својата копанка“.

Обезличени бројки

Со други зборови, помислуваме: „Страшно!“ и продолжуваме да се подготвуваме за велигденските празници и продолжениот викенд. Да си праќаме икони и некакви гифчиња по социјалните мрежи, да си го честитаме најсреќниот христијански празник, инфантилно да се чукаме со чудно вапсани јајца… Зашто, нели, тоа е нашата традиција, нашиот идентитет, а животот продолжува натаму!

Еве, тука ќе наведам дека момчето, најновата жртва на пожарот во Кочани, е родено 2001 година и се вика Стојанче Стефанов. И проклето знам дека веднаш штом ќе го прочитаме ова име, во истиот момент ќе го заборавиме. Затоа што нашите несреќи се бројки, а не загинати луѓе.

Не пресметав тука колку се тоа… неискористени плати, колку нереализирани боледувања и пензии, колку склопени и разведени бракови, колку непрославени родендени, колку пијанства и настинки

Несреќниот Стојанче ќе остане само цифра. Ќе биде само 62-рата жртва. Нема да знаеме ништо за него. Нема да знаеме кој му е омилениот пијалак, какви филмови сакал да гледа, какви школи учел, која му е омилената книга, кој му е најубавиот ден во животот… Нема ништо да знаеме, затоа што кај нас единечните и масовните убиства, извршени во полза на некакви властодржечки или моќнички мафии, мора да останат деперсонализирани. Да останат само бројки, ако веќе не можат да се сокријат.

Ете, и јас знам само толку: Стојанче Стефанов (24). И ништо повеќе! Затоа што не постои никој што ќе ни каже нешто повеќе: ниту медиумите, ниту официјалните извори, ниту невладините и/или граѓанските организации… Никој! Не, жртвите на нашиот немар не смеат да добијат хумани прерогативи. Та, бројките не се живи суштества. Тие се статистика. Политичка статистика.

Но, ајде, штом квантитетот е толку поважен од квалитетот, а статистиката побитна од „обичниот“ живот, еве да се обидам со една ваква равенка: 62 жртви = 4.650 килограми месо и коски; 87 килограми мозочна маса; 295 литри крв; најмалку 2.852 години живот што никогаш нема да биде проживеан; барем 155 деца што нема никогаш да се родат… (во ред, ова последново уште и можеме да си го дозволиме, затоа што очигледно имаме доволно деца да ни горат по пожари, а богами и во светот ги има тамам да гинат во војни или да умираат од глад).

Не пресметав тука колку се тоа неодработени работни часови, колку неискористени плати, колку нереализирани боледувања и пензии, колку склопени и разведени бракови, колку непрославени родендени, колку пијанства и настинки, колкав пораст или пад на БДП-то… Нема да пресметувам тука што значи ова за едно Кочани, па, ако сакате, и за Македонија.

Дали се будиме ноќе со врескање кога овие бројки ќе ни ги допрат соништата? Не. Затоа што ние ова не го сонуваме, а не го сонуваме затоа што не размислуваме за тоа, а не размислуваме затоа што суштински не ни е грижа. Многу повеќе се грижиме некој да не ни ја „украде“ историјата, или да не ни ја смени химната, или да ни го „разнебити националното битие“.

Поделена одговорност

А што правиме со речиси двестете повредени? Знаеме ли нешто за нив, а да не е бројка: двајца се во потешка состојба, тројца се пуштени на домашно лекување! Ако веќе и нив ги обесчовечуваме и им ги одземаме имињата и презимињата, тогаш барем да знаеме колку од нив ќе останат вечни инвалиди? Колку од нив ќе бидат со вечно ампутирани чувства?

Колку од нив ќе останат целиот живот сосема работонеспособни? Колку од нив ќе нѐ колнат нас, кои поради некои среќни околности уште не сме изгореле во кочините во кои секојдневно се движиме. Што се случува со нивните семејства? Дали ќе произведеме луѓе што само ќе глумат дека се живи? И кој ќе биде виновен за тоа?

Ете, токму кога се наврши еден месец од големата трагедија во Кочани и кога стаса веста за смртта на младиот Стојанче Стефанов, онака, со утринското кафе, уште пред да појадуваме, прочитавме дека некои од обвинетите за овој случај се пуштени во куќен притвор, а некои други не се.

Јавноста, жедна за одмазда, ќе се примири кога ќе разбере дека истрагата опфатила широк круг луѓе и уште поширок временски распон. И уште еднаш, како многупати досега ќе завршиме со фрлена прав во очите

Истрагата опфатила повеќе од 60 лица. Толку и толку полицајци, толку и толку сегашни и бивши градоначалници, толку и толку вработени во фирмата за обезбедување, толку и толку сегашни некогашни инспектори, толку и толку разно-разни службеници… Инспекцијата проверила толку и толку угостителски објекти и казнила олку и олку. И толку? Толку!

Забележувате ли колку е деперсонализирана истрагата? Забележувате ли дека нема имиња. Само бројки. Само статистика. Кого го знаеме од осомничените за трагедијата во Кочани? Евентуално бившиот министер за економија, Крешник Бектеши (кој, да се разбереме, е бивши) и, со помош на гуглање, доскорешниот градоначалник на Кочани, Љупчо Папазов.

Некој (од власта) ќе рече дека во интерес на истрагата не се даваат повеќе детали. Некој друг ќе се повика на претпоставената невиност (никој не е виновен додека судот не докаже). А, јас ќе се прашам како е можно тогаш да знаеме сѐ за Љупчо Палевски, обвинет за убиствата на малата Вања Ѓорчевска и на Панче Жежовски.

Не само што во минута знаеме како се движел во инкриминираните денови на злосторството и што правел тие денови, туку му ја знаеме целата кариера, приватниот живот, неговите прекари, неговите афинитети, политички ставови, па дури и детали од приватниот живот.

Но, очигледно е дека за случајот во Кочани владеат други критериуми. Критериумите на големи бројки. Колку повеќе лица се опфатени со истрагата – толку подобро. Јавноста, жедна за одмазда, ќе се примири кога ќе разбере дека истрагата опфатила широк круг луѓе и уште поширок временски распон. И уште еднаш, како многупати досега ќе завршиме со фрлена прав во очите. Тоа во теоријата се нарекува „поделена одговорност“.

Колку има повеќе виновни, толку е помала поединечната одговорност.

Значи, кои се тие 60 и кусур осомничени? Дали се злосторничко здружение? Дали е во прашање нивни заговор за бесправно богатење? Дали воопшто се познавале меѓу себе? Кој е тој „мастер мајнд“ што го смислил овој беспрекорен злосторнички план?

Не, нема да стасаме до одговорите на овие прашања. Нема да разбереме кој е вистинскиот извор на корупција во оваа несреќна држава. Нема да се запрат тука договорите „во четири очи“ и нерегуларните тендери. Нема да ја запреме ниту урбаната мафија. Зошто? Затоа што тоа не нѐ интересира. Нас нè интересираат само бројки. Аха, власта конечно почна вистинска битка против корупцијата! Како да не!

Некаде на социјалните мрежи прочитав статус од еден сериозен „патриот“. Вели: „Солзи ми навираат на очите кога го гледам македонското знаме“. И мене! И мене! И толку? Толку!

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија