Типично за „македонцките работи“, до овој Велики петок, исцртавме една тажна траса: наша верзија на Виа Долороса, но по која чекори само владината нетранспарентност, наречена „класифицирана информација“. Власта смета дека молкот не треба да биде распнат од јавноста, бидејќи тоа што се крие зад превезот на тајноста е стратешки интерес на државата, односно излез од сегашната патна инфраструктурна „голгота“.
Така, договорот за изградбата на автопатските делници од коридорите 8 и 10-д, планиран во вкупна должина од 110 километри, се издигна и повеќе од „света тајна“.
Не постои граѓанин на оваа земја што не сака да бидат изградени нови автопатишта, низ кој побрзо и побезбедно ќе се одвива транспортот на луѓе, стоки и услуги, делници што ќе значат пошироко инфраструктурно поврзување на земјата и нејзино издигање во главна крстосница на Балканот. А кога изградбата се плаќа од парите на даночните обврзници, граѓаните имаат право да знаат како ќе се трошат нивните пари.
Не може јавноста да се занимава 24/7 со цени намалени за неколку денари, а да нема увид како се стигнало до споменатата цена за изградба на делниците од околу 1,3 милијарди евра
Џабе договор од неколку стотици страници, ако власта е единствениот субјект што нема рационална анализа за ризикот од нетранспарентноста за овој договор пред домашната јавност. Неподносливата леснотија на образложението дека тајноста ја барал стратешкиот партнер (конзорциумот „Бехтел и Енка“) е признание за вазалска положба и отсуство на елементарен суверенитет при договарањето на обврските меѓу двете страни.
Споменатиот конзорциум е врвен бренд за изградба на инфраструктурни проекти, со реноме во брзината и квалитетот на градење. И јасно е дека овој стратешки партнер, во земји со пререгулираност во областа на градежништвото, како што е нашата, бара начин за премостување на потенцијални пречки за навремена изградба на патните делници. И јасно е дека владата предлага законски измени токму за да го намали ризикот од трошење дополнителни буџетски средства. Зар тоа не е клучната причина владата да обелодени колку би биле зголемени трошоците ако условите од договорот не се почитуваат?
Патем, во преодните и завршните одредби од Законот за утврдување јавен интерес и номинирање стратегиски партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридорот 10 д, усвоен во јули 2021 година, пишува дека „одредбите од постојните закони што ги уредуваат прашањата во врска со постапките за планирањето, проектирањето, изградбата и употребата на оваа инфраструктурна градба треба да се усогласат со одредбите од овој закон во рок од шест месеци од денот на влегувањето во сила на тој закон“.
Зошто тоа не е направено во тој рок, туку се прави повеќе од една година подоцна, на врат-на нос, со брзање, што значи со помала можност за темелно и квалитетно да бидат анализирани сите предложени измени и за превенирање на опасностите дека тие ќе ги зголемат ризиците од корупција.
Не може јавноста да се занимава 24/7 со цени на овошје и зеленчук, со цени на макарони и јајца намалени за неколку денари, а да нема увид како се стигнало до споменатата цена за изградба на делниците од околу 1,3 милијарди евра, но и за ризикот таа да биде сериозно надмината.
Секој проект содржи потенцијални економски ризици за дополнителни трошоци или оштетни побарувања. Добар договор е оној во кој ќе бидат вклучени мерки, ќе исклучат или до максимум ќе го намалат преземањето непотребни ризици и дополнителни трошоци и договор во кој нема дисбаланс во поделбата на ризиците меѓу договорните страни.
Ако владата постигнала таков договор, зошто би го криела од јавноста? Патем, од нејзин интерес е, во контекст на обврската за ангажирање на 51отсто од домашните ресурси во овој проект да ја објасни и да ја регулира ефикасно разликата меѓу уставно и законски плафонираното работно време и исклучиво доброволното прифаќање на повеќе работни часови.
Такви измени беа спроведени и во Србија, заради изградба на автопатот Појате – Прељина (Моравскиот коридор), граден исто така од „Бехтел и Енка“, со цел што повеќе домашни работници да бидат ангажирани во изградбата. И беа направени слични измени во Законот за експропријација, како што кај нас предложија пратеници од мнозинството.
За отсуство на транспарентност се наплаќа „морална камата“ и таа не е ограничена сума, туку расте секојдневно и правопропорционално со траењето на молкот
И тоа не е случајно, со оглед дека токму ваквите постапки се покажаа како главна кочница во претходи изградби. Умешноста ќе биде тоа да се реши на начин, во кој граѓаните и државата нема да го плаќаат цехот од брзањето.
Без транспарентност, без анализа и стручна дебата, нејасно е како ќе се остварат и најавените очекувања дека околу 650 милиони евра од овој капитален проект ќе завршат кај македонските градежни компании. Од каде тие ќе најдат работници, ако регулативата ги исклучува домашните, во корист на странските?
Затоа барањето за демократска, граѓанска контрола врз овој договор не е против изградбата. Недозволувањето таква контрола ќе донесе трошоци, многу повисоки од оние за проектот. За отсуство на транспарентност се наплаќа „морална камата“ и таа не е ограничена сума, туку расте секојдневно и правопропорционално со траењето на молкот.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија