И без некои законски, пишани правила, повеќе како некакво усно предание, нешто што веќе влегува во традиција, цензурата е длабоко и малигно навлезена во македонскиот медиумски простор.
Не сум од оние што се склони да веруваат дека законот за „заштита од бомбите“ што го предложија ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ, односно пратениците Крсто Мукоски и Талат Џафери е само сп(л)ин што служи да го одвлече вниманието на јавноста од поважните теми (договорот за изборното законодавство). Во тоа не ме убедува ниту брзината на неговото предлагање (по скратена постапка), ниту пак, брзината на неговото повлекување (неколку часа откога е предложен).
Дури и маглата што се крена (поточно се спушти) околу предложените законски решенија (ту законот е повлечен, ту е даден во редовна постапка, ту е дел од договорот од Пржино, ту…) не говори во прилог на неговата „случајност“ и „несмасното“ предлагање туку токму спротивното.
А и негово упорно „бранење“ во оние неколку часа до неговото повлекување од страна на предлагачот, „молчаливиот“ Џафери, кој наводно самиот го повлекол законот од собраниската процедура, говори за еден обмислен потег на владејачката структура, кој дејствува како логично продолжение на актуелната политика на дисциплинирање на веќе „предисциплинираните“ медиуми (јавноста) и инстинктивен рефлекс да се спаси она што може да се спаси од веќе објавените бомби.
Конечно, „законот за заштита од бомбите“ е наменет за оние малкуте маргинализирани медиуми што тие бомби ги објавуваа, бидејќи оние главните меинстрим медиуми и онака успешно ја бојкотираа оваа најголема политичка афера од осамостојувањето на Македонија до денес.
За среќа, освен власта, и јавноста, барем она што остана од неа, поседува свои инстинкти кои веднаш ѝ наложија да ги одбрани малкуте слободи што ѝ останаа на располагање. Да, се разбира, клучната улога повторно ја одигра нашиот ментор, озаглавен под еуфемизмот „меѓународна зедница“, бидејќи како што гледаме тој традиционално има „посилни“ аргументи од „еутанизираното“ јавно мислење.
Она што (не) изненадува е реакцијата на спомнатите меинстрим медиуми, кај кои, се чини, дефинитивно отапел инстинктот на нивната улога во општеството, односно нивното дефинитивно и беспоговорно застанување во одбрана на цензорските капацитети на владејачката елита.
Типичен пример за тоа е дневниот весник „Дневник“, кој преку перото на главниот уредник Дарко Јаневски („Комуњарска хистерија“, 7 октомври 2015 година) во еден агресивен стил, во релативно кус текст, успева да им врзе шлаканици и на СДСМ, и на меѓународната заедница, и на правните експерти (со еден збор, на сите оние што се осмелиле да ја оспорат легитимноста на спорниот закон), плус, веројатно заради рамнотежа, да ги искара и ВМРО-ДПМНЕ во нивната неодлучност во расчистувањето со Заев и „комуњарите“.
Што е тоа што ги тера колегите да работат во полза на сопствената штета и да ги бранат цензорските закони на власта, што би рекол Јаневски: „(…) никој никому не забранува да објави што сака. Само што, ако се направи тоа што законот го предвидел како недозволено, би следувала санкција“? Па, цензурата, се разбира.
И без некои законски, односно пишани правила, повеќе како некакво усмо предание, нешто што веќе влегува во традиција, цензурата е длабоко и малигно навлезена во македонскиот медиумски простор.
И токму во сферата на тоа усно предание, веќе никој во Македонија не може да каже дали овде има повеќе тврда, отворено насилна и немаскирана цензура која од новинарот (извршителот) бара беспоговорна послушност или пак, превладува онаа маскираната, која функционира преку коруптивно-уценувачките методи околу напредувањето или губењето работа.
Имено, никој нема увид над сите медиуми. Усните искуства се сегментирани и фрагментарни, а нема ни посериозни истражувања за степенот, модалитетите и случаите на цензура.
Во состојба во која можностите за вработување во новинарството се крајно ограничени, да се спротивставиш на некој што ти дава плата, најчесто значи дека сопствените шанси за преживување си ги свел на нула, па ретките антицензорски „испади“ можат да си ги дозволат само ретките новинари, чија пазарна вредност е посилна, па сметаат дека нема да претрпат преголема штета.
Со снабдувањето со информации, кои се искривени, манипулирани и пристрасни („сечени, лепени и монтирани“ се термините кои, парадоксално, денес се употребуваат токму за информациите за кои сите се убедени дека се точни), чие значење тенденциозно се намалува или зголемува, а објавувањето се задржува додека не се намали нивното влијание, за сметка на информациите кои содржат само дел од вистината или само оние „вистини“ што им одговараат на центрите на финансиската и политичката моќ, јавноста не ги губи само темелните права на јасна и врамнотежена слика на светот и на отворена дискусија за сѐ туку таа ја губи и подлогата за донесување лични одлуки.
Прифаќајќи го ова цензурирано и насочено информирање, новинарите сами ја обесмислуваат сопствената професија, станувајќи составувачи на соопштенија, кои повеќе не им служат на интересите на јавноста и на зголемувањето на општото добро туку им служат на оние кои им ги диктираат тие содржини, а тие, новинарите, мораат да ги потпишат со сопственото име.
Иако во македонската јавност (сѐ уште?) не постои свест дека вистинските медиуми се предуслов за сите граѓански и човечки слободи, па така и за изградбата и зачувувањето на демократскиот поредок, публиката сепак ја намирисува цензурата и сфаќа дека е излажана. Луѓето, се разбира, не сакаат да се чувствуваат излажани, но наместо од тоа да произлезе осмислена општествена акција со која ќе се бара ослободување на информирањето, загаденоста на медиумите најчесто резултира со решението: „од утре повеќе не купувам весници“ или со свртувањето кон тривијални и „жолти“ содржини, со кои медиумите се преполни.
Синџирот на моќта, кој по правило доаѓа од местото каде што се концентрирани парите и влијанието, преку издавачите и уредниците до новинарите, има свој систем на морков и стап, со кои се наградуваат послушните, а се казнуваат или се маргинализираат бунтовниците (тарифата за послушност е секогаш поголема од тарифата за непослушност).
Бидејќи во Македонија овие процеси се одвиваат крајно успешно, редакциите стануваат места каде што во непријатна тишина, речиси во конспирација, се создаваат профитабилни содржини за издавачот. Во таков контекст не само што полека се умртвува секој отпор кон цензурата туку многумина неизградени новинари никогаш и не успеваат да распознаат што е тоа воопшто цензура и како таа се спроведува, па на крајот повеќе не ја ни забележуваат.
Токму затоа е логичен законот за „заштита од бомбите“. Не смее ништо да се остави на случајот. И повторно да го парафразираме Јаневски: Може да се објави сѐ. Само ако ѝ одговара на власта, се разбира.