Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, неодамна изјави дека ќе се предизвика „генерациска катастрофа“ ако училиштата останат затворени подолг период. Во таа смисла, отворањето на училиштата го наведе како врвен глобален приоритет, се разбира во комбинација со ставање на пандемијата под некаква контрола.
Нешто подоцна, во ист дух се огласи и Фондот на Обединетите нации за деца (УНИЦЕФ), повикувајќи ги властите да стават приоритет на отворањето на училиштата, правдајќи го овој став со тезата дека „не постојат познати докази за корелацијата меѓу стапката на пренос на болеста и отворените или затворените училишта.“ Од друга страна, како што се наведува во соопштението, „доказите за негативните ефекти од затворањето на училиштата се огромни и со долгорочни импликации врз учењето, безбедноста, здравјето и благосостојбата на децата.“
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, се закани дека ќе ја укине финансиската помош за справување со ковид 19 на оние американски држави што ќе одбијат да ги отворат училиштата на почетокот на учебната година.
Нашиот министер за образование и наука, Арбер Адеми изјави дека, според законот, наставата се изведува исклучиво во училница, односно дека засега не постојат законски претпоставки за некаков алтернативен, односно онлајн-начин на учење. За волја на вистината, министерот не прецизираше дали училницата е дефинирана во законските акти, односно дали мора да биде ѕидана и со одредени размери или може да биде поставена на отворено, под шатор или во некоја друга импровизирана просторија.
Првата работа што може да се заклучи од горните примери е дека образованието е првенствено политичко прашање и затоа за него решаваат и дискутираат – политичари. Како што тоа впрочем го прават и за другите политички прашања: здравјето, културата, спортот, инфраструктурата итн. И затоа, ете, ни две недели пред почетокот на учебната година, тие што треба (наставниците, родителите, учениците), сѐ уште не знаат како и на кој начин ќе се одвива учебната година.
Никаде на друго место не се учи поуспешно за хиерархија и авторитети. Никаде на друго место нема да научите што значи да му се „вовлекуваш“ на авторитетот и што значат привилегии ако си дисциплиниран и послушен
Ако и можам да ги разберам политичарите што инсистираат на „класичното“ образование, односно на отворањето на училиштата, никако не можам да ги разберам родителите и другите засегнати што го застапуваат овој став. Една од главните причини во прилог на отворањето на училиштата е таканаречената социјализација. Демек, воспитната улога на училиштето и школското другарување се незаменливи.
Но, останува нејасно за каква социјализација станува збор, кога, според протоколите, децата во клупите ќе седат сами и на физичка дистанца. Секако и во намален број, со излегувања од училниците со еден по еден и со намалени одмори. Во суштина, пологично би било отворањето на училиштата да се правда со спречувањето или барем контролирањето на дружењата на децата и младите, отколку со социјализацијата.
Од друга страна, кога баш и не можеме да се пофалиме со некои ефикасни решенија против епидемијата (дури во најава е и повторно, додуша парцијално, воведување на „полицискиот час“) и есента ја дочекуваме со стравување за влошување на здравствената криза, лесно може да се случи училиштата да станат нови кластери на ковид 19. Во случај, на пример, позначаен број од наставниците да го дофатат корона вирусот, тој наставен кадар, не само што ќе биде надвор од наставниот процес во училиштата, туку нема да може ни да спроведува онлајн-настава. За самоизолациите на децата, родителите и наставниците не треба ни да зборуваме.
Еден од главните аргументи на застапниците на отворањето на училиштата е тезата дека децата „од дома“, односно преку онлајн-настава, нема ништо да научат. Јас, пак, мислам обратно. Мојата скепса е мое граѓанско и човеково право, кое имам право да го бранам, па ќе се обидам.
Јас сум еден од оние што тврдат дека сето она битно што сум го научил во животот, сум го научил – сам! Да, на училиште учевме за осмоза, за сточарството во Казахстан, за Наполеон и дропки, ама она што јас го научив таму беше – покорност. Таканаречената училишна социјализација и не е ништо друго, туку – дресура!
Никаде на друго место не се учи поуспешно за хиерархија и авторитети. Никаде на друго место нема да научите што значи да му се „вовлекуваш“ на авторитетот и што значат привилегии ако си дисциплиниран и послушен. (Во овој клуч треба да се бараат причините за политичките инсистирања и одлуки речиси по секоја цена да се отворат училиштата).
Јас сум, значи, еден од оние што за кои школското доба, не само што не беше најубаво „од колепка до гроб“, туку го помнам како мошне сериозна траума. Еве, и сега, пред влезот во седмата деценија на животот, ми се случува да сонувам кошмари како ме вратиле во осмолетка и повторно сум морал да го преживувам целиот пекол. И се будам, целиот вознемирен и испотен.
Го праќаш на училиште за потоа да му објаснуваш дека не е сѐ баш така, како што таму го научиле. Го праќаш детето на училиште, а потоа го учиш дека сѐ што е важно, мора да го научи самото. И тоа не во училиште, туку со читање!
Добро, читателот може да каже дека зборувам за состојби од пред повеќе од половина век, но сведок сум дека работите на ова поле, не само што не напредуваа, туку се влошуваа. Се сеќавам кога моето дете го оформуваше образованието. Го праќаш детето на училиште, задолжително е нели, а потоа безуспешно и бесцелно полемизираш со „општествените вредности“ што од таму ги донело.
Го праќаш на училиште за потоа да му објаснуваш дека не е сѐ баш така, како што таму го научиле. Го праќаш детето на училиште, а потоа го учиш дека сѐ што е важно, мора да го научи самото. И тоа не во училиште, туку со читање! Го праќаш на училиште да го дресираат и да му го кршат духот, за да го убедуваш потоа дека најважно е да ја сочува отвореноста и љубопитноста на духот. Го праќаш детето во клупа, во калап, за да му кажуваш подоцна дека е најважно да не биде вкалапено.
Еве, да кажеме, дека и времето на образованието на моето дете помина. Но, да не се правиме недоветни, сите знаеме каде сме и како стоиме со квалитетот на нашето образование. Кога на кантарот би го ставил тој квалитет и ризикот по јавното здравје, јасно е на која страна ќе се навали вагата.
Како и да се завртат работите, и да ги отворат, и да не ги отворат училиштата, ова ќе биде уште една изгубена учебна година. Само што, ако училиштата останат затворени, децата, сепак, ќе имаат некои шанси, прво да останат здрави, а потоа да не се претворат во „уште една тула во ѕидот“ што би рекле големите филозофи од „Пинк флојд“. Оние за кои никогаш нема да учат во нашиот образовен систем.