Полицијата не морала да биде толку „скромна“ во битката со „непријателот“. Можела да си ја позајми и Армијата од нејзиниот газда, Ѓорге, додека сѐ уште не е зафатена со мигранти. И не требало два пати да му рече. Веднаш ќе им ја дал.
Автоматско оружје на борна кола во центарот на Скопје. А страшниот „непријател“, што од гаражите на МВР ја извлекол таа активна скулптура на репресијата, се студенти од Пленумот. Браво за полицијата!
Кога се во прашање студентите, оние сомнителни субверзивни елементи, тешко наоружани со основни студентски барања и со телефони со истрошени батерии, лажно облечени во летни маички и бермуди, а всушност вешто замаскирани врвни непријатели на универзитетот, државата и иднината генерално, полицијата и не морала да биде толку „скромна“.
Можела да си ја позајми и Армијата на Република Македонија од нејзиниот газда, Ѓорге, додека сѐ уште не е зафатена со мигранти. И не требало два пати да му рече. Веднаш ќе им ја дал.
Но, ете, евидентна била и скромноста и „соодветноста“ во употребата на државните, се извинувам, партиските ресурси, штом полицијата се потпрела „само“ на Единицата за брзо распоредување, на колона теренски возила и на една борна кола со митралез.
Поразителна е таа ресорска сиромаштија наспроти раскошните ресурси со кои синоќа располагал непријателот во нашите редови. Пред таква анемична слика на полицијата, и вицепремиерот Владимир Пешевски би можел повторно цврсто да си заспие. И со право. Подобро да хибернира, отколку да го гледа срамот.
„Нејаки“ полицајци, наспроти опасни студентски елементи, раководени којзнае од кого. Во недостиг на оперативни сознанија, би се послужила со вербалната ризница на претседателот: во прашање мора да се странски служби, туѓи игри, центри на моќ или недржавни актери. Никој нормален не вади митралез на улица за џабе.
Се надевам дека на местото каде што вчера беше „одбранета државата“, но и на плоштадите низ Скопје и други градови во земјава, денеска ќе бидат отворени книги на жалост. Се извинувам, мислев книги на радост. Граѓаните, особено партиски подобните студенти, мора да го изразат задоволството од чувството на сигурност и спокојство што толку силно им го рефлектира полициската униформа.
Можете ли да претпоставите какви тешки последици ќе имаше за земјата, ако ЕБР синоќа не пристигнеше навреме? Прво, сонцето повторно ќе изгрееше, но со УВ – индекс 9, наместо 8, како вчера. Второ, Кирил Спировски ќе беше малку мамурен, заради ноќ преспиена на фотелја во СПУКМ.
Ме прашувате – кој е Кирил? Ако досега не сте слушнале за него, од денеска е уште помалку важно. Не го знаеја ни од ЕБР, ама добија налог да го штитат. За ваша утеха, ни тој самиот веројатно не знае кој е. Знае само дека мора да го спроведе сценариото за избор на претседател на Студентскиот парламент, така како што му кажале. Ништо повеќе, ништо помалку. И тој тоа го одработи.
Во нормална демократија, министерот за внатрешни работи од денеска би бил третиран како општествено опасна личност, која веднаш мора да замине од функцијата, бидејќи ресорот го злоупотребува за неовластено постапување и во сфери каде што и за него важи знакот СТОП. Како универзитетската автономија, на пример
На студентски микро план, тој и СПУКМ, како на некоја генерална проба, најсликовито ни демонстрираа како би изгледале и колку регуларни би биле изборите на макро план – парламентарни, локални или претседателски.
Нѐ уверија дека вирусот на нерегуларности и измами е толку длабоко навлезен во секоја општествена пора, што ни претседател на Куќен совет, а камоли на нешто позначајно, не може да се избере без арбитрарност, нарачка, налог, организиран контингент гласачи, и се разбира – преку интервенција на полицијата за заштита на таквите ујдурми.
Во нормална демократија, министерот за внатрешни работи од денеска би бил третиран како општествено опасна личност, која веднаш мора да замине од функцијата, бидејќи ресорот го злоупотребува за неовластено постапување и во сфери каде што и за него важи знакот СТОП. Како универзитетската автономија, на пример.
Тој нема надлежност да уредува односи меѓу студентите или редовните полициски акции да ги злоупотребува како алиби за да пушта полицајци со калашникови да прават опсади по факултетите, да исфрла насилно студенти од нивни простории, да ги снима учесниците во протестите и врз основа на тие снимки да мотивира поттикнување хајки, закани и притисоци, како и ред други постапки кои врз основа на ваквиот неограничен волунтаризам се претвораат во директна закана на јавниот ред и мир, токму од ресорот кој е задолжен нив да ги штити.
А кога полицијата ќе крене рака врз студенти, тоа е првиот зрел симптом дека почнува одбројувањето на последните денови на власта која негува вакви репресивни методи и идентични профили на полициски функционери.
Инсталирање полициска држава во зоната на правото на слободен протест, слободно здружување, слободно искажување мислење и став, нема да биде можно.
Ова се последните обиди да се заплаши граѓанството – од студенти, преку синдикалци до учесници во „Шарената револуција“, преку полициски акции кои само гротескно ја разобличуваат изолационистичката и дегенерирана власт, типична за некои одамна минати времиња, кои дури ни часовникот на Паско Кузман веќе не ги „фаќа“.
Апологети на такви системи имало, и како што гледаме, сѐ уште има. Протестот на студентите ним им предизвикува тешка фрустрација, им сигнализира дека и покрај сите напори не успеале сѐ да купат, сѐ да корумпираат, сѐ да стават под партиски калап.
Во студентското огледало ја гледаат својата слабост, чувствуваат удар врз мерките наменети за другите, а кои и самите никогаш не ги постигнале, го чувствуваат непочитувањето на нивните магистерски трудови за кои точно се знае кој им ги напишал додека тие биле зафатени со важните функции.
Со еден збор, не станале импакт – фактор, иако ги имале сите лостови на власта, а сметале дека моќта е поважна за нивна општествена валоризација, наспроти некои академски ламентирања за критериуми и вредносни системи во сите сфери.
Полицијата, очигледно, не може да ги испегла ваквите вредносни разлики.
Образованието мора да остане во служба на знаењето, на научната и слободната мисла, а не во служба на чија било партиска доминација.
Но, на илибералните режими не им одговара постоењето на слободен универзитет како место каде што ќе се негува критичко мислење, трагање по знаењето и вистината.
Тоа пак, мора да биде идеал за управата на секој универзитет кој сака да остане слободен и автономен.
Новиот ректор, кој стапи на функцијата во вкрстен оган меѓу старите проблеми туркани под тепих и новите, сега е на голем тест. Тој има само еден избор: да им забрани на политиката и на полицијата пристап на академско тло и да бара одговорност за вчерашната бруталност на полицијата врз негови студенти.
Тој по дефиниција треба да биде прв меѓу еднаквите на Универзитетот, и во професионална и во морална смисла. Него не го поставува Владата туку го избираат неговите колеги, а сите заедно се таму заради студентите. Во таа заедница и не смее да има никој друг, освен професори и студенти.
Од аспект на очекуваните реформи и модернизација на општеството, полицијата сега е дел од проблемот, а не од решението. Затоа, за почеток, неопходно е таа да го напушти Универзитетот, а министерот- функцијата.