Додека траат пресметките нa две теми – „Премиер дезертер“ и „Кај е шпицниот градоначалник“, далеку од политичките арени и рефлектори, без престанок си тече „најпродуктивниот“ процес – иселувањето. Деновиве сведочев на таква сцена – заминување на млади.
Кога сега би имало нов попис, бројките од претходниот може да ги фрлиме во првата корпа за отпадоци. Интензитетот на иселување го гарантира тоа
Седнати во автобуси го чекаа поаѓањето, со погледи во кои не може да се исчита каење за одлуката, освен можеби, што не ја донеле порано. Нивните родители, со измешани чувства на тага и нова надеж, се храбреа едни со други.
„Барем таму ќе има подобар живот“, уверена беше една мајка.
„Сигурно“, ѝ одговара друга, додека со книжно шамивче си ги брише солзите.
„Не плачи, му правиш потешко на детето“, ја укорува сопругот.
Пред да тргнат автобусите со новите македонски иселеници, како плотуни се испукаа последните родителски пораки.
„Да не заборавиш – адресата на братучед ти, ти ја ставив во џебот од ранецот“… „Прави што ќе правиш, гледај да најдеш работа и за брат ти“… „Питата да ја изедеш, баба ти ја месеше“… „Ајде, да повлечеш нога, па и Гоце и Невена да дојдат“… „Ќе ти пратам ајвар за две недели по Глигор“… „Те гушкаат мајка и татко, најсилно…“
Сликата на кренати раце што поздравуваат од зад стаклата ја замагли чад од ауспусите, а и тие набргу исчезнаа од видикот. Зад нив останаа само траги од обичајното истурање вода „за добар пат“ и „подобар живот“ во новата дестинација.
Лицата на родителите имаа речиси еден ист израз – ем тага, ем олеснување, меѓу брчките издлабени од напори да ги школуваат децата, но и од разочарувања што за нив не се нашло место под ова небо. Истата вечер можеа да се слушнат пораките на премиерот од Самитот за трансформација на образованието на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„Ние сме посветени на создавање услови и средина што ќе им овозможи на нашите ученици и студенти да напредуваат и да ги постигнат своите потенцијали (…) Учењето значи стекнување писменост, но и развивање критичко размислување и вештини за анализа, истражување, носење одлуки, а со тоа и развивање на потенцијалите на нашите идни лекари, научници, градители, идни лидери, на кои ќе се потпира нашиот свет“.
Така е. Светот одамна се потпира и на наши кадри, многу повеќе отколку нашава земја, која не ни сака да се потпира на оние што се научени да развиваат критичко мислење. Таквите не се вклопуваат во плановите на партиите за послушни и лојални кадри. Таквите не се потребни во киднапиран и дегенериран систем.
Си заминуваат сите што не сакаат да бидат партиски вазали. Кога сега би имало нов попис, бројките од претходниот може да ги фрлиме во првата корпа за отпадоци. Интензитетот на иселувањето го гарантира тоа.
Земјава останува без социјален капитал, и тоа најмладиот, за кој овде нема ни интерес, ни стратегија, ни институционална поддршка. Нема поддршка ни за талентираните деца, а најдобрите дипломци на конкурси за работа по правило се прегазени од повторувачите. На повторувачите и на партиите не им одговара мерит – систем.
Кој сака вистински скрининг, нека провери колкав е степенот на усогласеност на домашните политички ветувања со нивната реализација. Нула. Zero. Nul
Но, за фалење сме на прво место. Секој што избегал одовде „главом без обзира“ поради вакви и слични причини и постигнал успех некаде во светот, експресно го присвојуваме и го прикачуваме на македонскиот ревер. „Македонец бил најдобар во…“, „Македонка работи за најголемата компанија во светот за …“ „Македонец ја крена на нозе салата на …“ и ред други фалбаџиства, за кои овдешниот придонес секогаш бил ист – ги мотивирал да заминат што побргу од Македонија. Единствено тој „успех“ ни припаѓа нам.
Оние, пак, што и покрај сѐ останале да работат овде со стекнати бројни меѓународни дипломи и стручни вештини, во голема мера се задушуваат во налози од редица неписмени и партиски назначени раководители. Таквите дунстери се вториот силен мотив за одлив и на последните кадри, кои се еталон за стручност и компетентност.
Во земја каде што партизацијата, поларизацијата и популизмот заемно се јакнат, ја окупираат јавната сфера и ги ослабнуваат капацитетите на општеството, не останува здрав темел врз кој може да почне каква било акција за решавање на овие проблеми. Дотолку повеќе што сме удавени во примери на неуспех на сите нивоа, во време кога земјата е во социјален распад.
Лидерство во вистинска смисла никогаш и не сме имале, освен привид, но дури и тој привид е во длабока криза. Нема нова енергија, нема визија што треба да се прави во време кога светот драматично се менува афектиран од војна, интереси и сплет од кризи.
Скринингот за степенот на усогласеноста на македонското со европското законодавство се продава како содржина што треба да ја покрие актуелната безидејност и непродуктивност. Кој сака вистински скрининг, нека провери колкав е степенот на усогласеност на домашните политички ветувања со нивната реализација. Нула. Zero. Nul.
За волја на вистината, имаме и еден континуиран успех. Сумата на тендери во четири очи од година во година расте. Во превод – тендерашите „ќе ги биде“, државата сигурно – не!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија