Ако нешто е прилично јасно во глобалната политика, особено низ бројните изборни циклуси низ кои помина светот годинава, тогаш тоа е фактот дека радикалниот десничарски фанатизам за контрола на женските и квир тела станува победничка партиска програма.
Конзервативниот поглед е фиксиран на телата, но не на нивната автономија, различност или отпорност, туку на нашите тела како простори што треба да се контролираат, дефинираат и ограничуваат. Во оваа опсесија, телата на жените стануваат рингови за политичка борба, нивните репродуктивни капацитети се врамени како национални ресурси што треба да се заштитат од замислените закани на модерноста, феминизмот и имагинарниот „Запад“.
Десничарската фиксација на абортусот, репродуктивното здравје и животите на ЛГБТИ+ е повеќе од само политичка реторика. Тоа е фетишистички чин на доминација, каде што контролата врз телата се претвора во контрола врз иднината.
Како де жаву ги доживувам очајните обиди на Мицкоски, секоја можна пригода да ја користи да нè потсети на неговата идеја за бракот и многудетните семејства
Затоа и не изненадуваат сетот од глупави мерки што Русија ги донесе за справување со демографскиот проблем, особено во ек на војна, мерки што вклучуваат финансиска поддршка за семејствата, ограничувања на абортусот и забрана за ЛГБТИ содржини во јавноста, и последно забрана за промовирање животен стил без деца.
Врамувајќи ја оваа опсесија како морална грижа, конзервативците и популистите успеаја да ја покријат својата регресивна агенда со лажни гестови за праведност, претворајќи ги женските тела во симболи на културата што тие наводно тврдат дека ја бранат, но, всушност, се обидуваат да ја потиснат и да доминираат.
Па, така и нашиот премиер, соочувајќи се со прилично раширено незадоволство од првите месеци од својот мандат, се фаќа за старата, за нив добро позната партиска мантра – сè е добро, само вие доволно не се размножувате.
Како де жаву ги доживувам очајните обиди на Мицкоски, секоја можна пригода да ја користи да нè потсети на неговата идеја за бракот и многудетните семејства, изјавувајќи го следново: „Секој оној што се одлучил да влезе во брачна заедница, секој оној што се одлучил да прави семејство што е составено од татко маж и мајка жена, со различни полови, треба да направи патриотски чин, а тоа е да има многудетно семејство.“
Здодевно и тажно, веќе видено, глупаво и наивно. Јас поинаку не можам да го толкувам овој патетичен политички чин.
Несомнено е дека светот минува низ крупни демографски промени. Периодот меѓу 1965 и 2015 година покажува дека стапките на наталитет во светот се преполовени. Современите општества досега немале искуство со олку значајна депопулација. Оттука, интересот за демографијата не е неоправдан.
Наместо сериозна опсервација, истражување и разгледување на можни реалистични интервенции, ние сведочиме на популистички реторики засновани на идејата дека некаква нејасна „прогресивна агенда“ ја одзема желбата за многудетни семејства на „обичните“ луѓе
Проблемот лежи во начините на кои политичките елити се справуваат со овој феномен. На своето предавање одржано минатиот месец на Институтот за филозофија во Белград, Иван Крастев овој феномен го нарече „демографска анксиозност“, која, според него, избива ширум светот, без разлика дали станува збор за многу богати или за многу сиромашни земји, за демократски или за тоталитарни режими.
Па така, наместо сериозна опсервација, истражување и разгледување на можни реалистични интервенции, ние сведочиме на популистички реторики засновани на идејата дека некаква нејасна „прогресивна агенда“ ја одзема желбата за многудетни семејства на „обичните“ луѓе.
Со други зборови, современите демографски политики не се ништо друго, освен политики на страв и фатализам, кои се опасни затоа што ги воскреснуваат старите инквизициски еуфории за дисциплина и контрола. Оттука, десничарските елити не се заинтересирани толку за самата демографија, колку за политичките поени што оваа јавна дискусија ги носи на нивното конто.
Конечно, зар не е најлесно да се зборува за човечката интима и избор доколку сте избран политичар со моќ, но и одговорност? Во спротивно, ќе мора да одговарате за лошата економија, намалувањето ресурси, квалитетот на животната средина и серија други социо-економски предизвици.
Владата на Мицкоски нема одговори на овие прашања, не гледаме долгорочна стратегија за справување со инфлацијата, не се јасни плановите за намалување на аерозагадувањето, отсуствува програма за проблемот со дефицит на лекари низ земјава, напуштена е идејата за подобрување на квалитетот на образованието, непрепознаени се проблемите на социјална поларизација и кршење на човековите права на маргинализираните заедници.
Додека голтате канапеи и ламентирате за убавината од бепчиња, иако имате едвај по две, жените ќе мора да се справуваат со проблемите што ги создавате наместо ги решавате
Но, Мицкоски, сепак, има решение за нашиот сексуален живот и доколку не ни се допаѓа, тогаш тоа е наш проблем и наш недостиг од патриотизам.
Сепак, она на што не се надеваше Мицкоски, е дека жените, особено феминистките, нема да влезат во неговата популистичка игра. Веројатно и затоа ја повторува оваа мантра деновиве, повторување во манир на некаков политички Јеховин сведок, кој кога и да му отворите врата, ви тутка дел од својата догма под нос.
Ми изгледа како очајно да бара исцртување „спротивна страна“ и отворање јавна дискусија, која ќе ги исцрпи другите теми и потенцијали. Веројатно заборавија дека од 2006 до 2009 година се исцрпевме и себеси, и другите, објаснувајќи им на тогашната влада на Груевски дека демографија не се гради со субвенции за трето дете и ТВ емисии „Време е за бебе“.
Ниту не послушаа, ниту ја зголемија демографијата. Овојпат можеме само да им посакаме среќа во циркусите што ги планираат, да си дочекаат уште многу рекламички, договорени интервјуа и фотографии за насловни каде што убаво се испаднати, јавни форумчиња и конференциички.
Додека голтате канапеи и ламентирате за убавината од бепчиња, иако имате едвај по две, жените ќе мора да се справуваат со проблемите што ги создавате наместо ги решавате. Нека ни е со среќа на сите, зашто освен луда среќа, немаме на што друго да се потпреме во земјата во која плаќаме даноци.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија