Во окото на бурата

Европската Унија е во тешко бунило. Иако е свесна оти светскиот поредок е пред драматичен пресврт, сè уште не може да ги претпостави неговите димензии. Францускиот претседател Емануел Макрон задоцнето се растрча. Неговите оценки од есента 2019 година, кога ЕУ ја опиша како на „работ на амбисот“, а НАТО во состојба на „мозочна смрт“, денес му се враќаат со прашањето – а што е направено во изминатите шест години за да не биде така, барем во однос на ЕУ?

Ништо. А токму заради најавуваните „промени“ ни го ставија првото вето под превезот за потреба од нова методологија за преговори со земјите аспиранти за членство во унијата. Се сеќавате ли колку говори се одржаа заради поприоритетната потреба од реформско „продлабочување на ЕУ“ и градењето кохерентна и одговорна унија?

Каде е таа кохерентна ЕУ денес? Ниту се „продлабочи“, ниту се прошири, туку се претвори во унија каде членките функционираат како рогови во вреќа, што по победата на Трамп доби уште појасни карактеристики.

Стравот дека вториот мандат на Трамп ќе ја ослаби европската безбедност сега е на максимум. Макрон се подготвува за средба со американскиот претседател, Стармер исто така, додека во унијата чекаат да видат како ќе завршат изборите во Германија. Во ЕУ владее една комплетна неизвесност, во која единственото нешто што го разбираат е дека крајот на стариот светски поредок го дочекаа неподготвени.

„Предварителен“ потег

САД стави крај на бинарниот пристап од времето на студената војна – со нас или против нас, нешто што ја шокира ЕУ, особено по изјавите кој е диктататор и кој ја почнал војната. Трамп, без сомнение ќе ја поттикне Европа да се повети на сопствената одбрана, но тешко е да се поверува дека ќе се создаде обединет европски фронт против неговите потези.

Особено, што дел од членките во ЕУ, промовираа антиципаторска поддршка уште пред неговата победа и карт-бланш за неговите политики. Други, пак, отпосле побрзаа да инвестираат во конјуктерен прагматизам.

На пример, лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, денеска изјави дека ја поддржува Украина, но и напорите на Трамп да ја запре војната, а бугарскиот парламент усвои декларација дека нема Бугарија нема да испраќа војници во Украина. Сепак, одби да ја осуди „тековната, неиспровоцирана и неоправдана војна и злосторства на Русија против Украина и нејзиниот народ“.

„Одеднаш“ и Борисов изрази загриженост поради тоа што во Украина не се одржале избори, но изрази уверување дека на крајот сè ќе си дојде на свое место. Ви звучи неверојатно? Да, ама е вистинито. Уште многу салта ќе се изнагледаме во следниот период.

На пример, Бугарија претходно откажа веќе снимена реклама, а спроведена со цел да се намали бројот на одбивања за Бугарите за американски визи, само затоа што во рекламата е ангажирана најпознатата Бугарка во САД – актерката Марија Бакалова, која имала улоги во „спорни“ филмови.

Една во „Борат 2“, каде во непријатно светло бил прикажан поранешниот адвокат на Трамп, Руди Џулијани, а друга во филмот „Приправник“ каде таа ја играла улогата на поранешната сопруга на Доналд, Ивана Трамп.

Бидејќи тој филм Трамп го оцени како „одвратен“ и наменет да ја спречи неговата претседателска кандидатура, Бугарија ја тргна рекламата за „предварително“ да се заштити од евентуален гнев на Tрамп поради изборот на Бакалова во национална кампања во Бугарија.

Нова посета – старо прашање

И во вакво време, кога настаните се одвиваат со огромна брзина, кога станува неизвесно кои сојузништва ќе опстојат кои не, кога државите газат како по јајца заради свои интереси, во дел од домашната јавност која како да живее на друга планета или на изолиран остров, и натаму главно прашање е – што бара премиерот Мицкоски по вторпат за еден месец во Вашингтон – епицентарот на настаните што го менуваат светот.

Колку човек треба да е неинформиран, оттуѓен или можеби злобен и незаинтересиран за сопствената држава, за да постави такво прашање?

Додека кај нас се вадат површни анализи „од ракав“, група републикански сенатори поднесоа предлог-закон во Сенатот „за повлекување на САД од Обединетите нации (ОН) и сите органи, специјализирани агенции, комисии и други тела формално поврзани со ОН”. Исто така се предлага забрана за повторно приклучување кон организацијата без одобрение од Сенатот, и одбивање на САД да учествуваат во мировните мисии на ОН.

Не знам дали е јасно што може да значи ова? Што да прави Македонија во овие турбулентни времиња – да слуша едни исти приказни за т.н. прозорци на можности кои одамна престанаа да бидат тоа? Јасно е дека мора да бара посилни стратегиски врски и поддршка од нејзините партнери.

И додека премиерот „железни опинци“ искина да обезбеди таква поддршка, дрва и камења летаат кон неговите напори од опозициски и удобни аналитички фотелји. Те зошто го спомнувал македонското прашање, те зошто зборувал за досега направените компромиси… А за што да зборува по сите условувања, блокади и отстапки од македонска страна и „наградата“ за тоа – две децении во чекалната во ЕУ?

За да направам споредба колку луѓето се раководат од тоа „кој кажува, а не што кажува“, му испратив тест-прашање на еден аналитичар (критичен за посетата и изјавите на Мицкоски во Вашингтон), да погоди чија е следнава изјава.

„Нема дилеми дека Европа, поточно ЕУ, е местото каде што оваа земја припаѓа и тоа прашање долги години беше дел од процесот. Отсекогаш сум велел дека решението за т.н. македонско прашање, нешто за што речиси два века се зборува во дипломатијата и европските политики и го пишува во учебниците по историја, дури и Бизмарк зборувал дека клучот за стабилноста на Балканот лежи во решавањето на македонското прашање“.

Одговорот беше – ова мора да е изјава на Мицкоски.

Не е на Мицкоски, туку на Филип Рикер, поранешен амбасадор на САД во Македонија и помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, од април 2024 година за „360 степени“. Никој не ја оспори, никој не му најде мана.

А кога Мицкоски ќе изјави дека „македонското прашање нема никогаш да биде затворено додека главните и стратешки цели не се реализираат, а тоа е полноправна членка на Европската Унија“, сите што овозможија концесии во преговарачката рамка како резултат на нивните сервилности, наместо да се скријат во глувчешка дупка, држат лекции за политика и дипломатија. Толку за објективноста. Чиста нула.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија