Еве, на три дена пред почетокот на новата учебна година, единствената информација поврзана со образованието е почнување граѓанска иницијатива и петиција со наслов „НЕ за образование спротивно на нашиот христијански светоглед“. Иницијативата ја почнуваат загрижени граѓани токму од Струмица, сега веќе самопрогласена клерикална престолнина, каде што локалната власт и локалната епархија се втурнати во мисија на ревизија на закони и образовни политики според некакви нивни квази-религиски замисли.
Во најавата за оваа иницијатива стои дека тие преку родителски здруженија и организации, но и родителските совети ќе дејствуваат во училиштата каде што ги праќаат децата да ги образоваат, а не да ги обезобразуваат со идеологии и теории спротивни на нивниот христијански светоглед. Каков патос, заснован на апсолутно ништо!
Војната против родовата еднаквост во образованието е, всушност, отпор против прогресивните идеи и зачувување на концептот на педагогија, чија апсолутна цел е идеолошки конформизам и продукција на послушни работници
Замислете, образованието е наводно нападнато од „идеологии и теории“ и тоа треба да се запре преку ништо друго, туку христијанска идеологија. Неверојатно како луѓе, кои ниту еден ден не поминале во читање и проучување на исклучително комплексниот систем на образование, најмногу имаат што да кажат за истото. Токму затоа, тие не само што не знаат дека образованието никогаш и никаде не било лишено од идеологија, туку и не разбираат што е тоа идеологија, иако тој збор го користат почесто од кој било друг.
Моќта што оперира зад образовниот систем и зад улогата на образованието на пазарот на трудот, иако примарно е политичка и економска, таа е ултимативно зависна од идеолошката моќ. Вистински посветените педагози го знаат овој факт, но тие се некако најмолчаливи кога науката е предизвикана од мегафоните на моралната паника.
Маркс за идеологијата ќе каже дека претставува производство на идеи, концепти и свест, односно сето она што луѓето го говорат, мислат и го замислуваат. Со други зборови, идеологијата ги претставува „доминантните идеи“ на дадена епоха, кои се секогаш идеи на владејачката класа.
Па, имајќи го предвид она што и самите иницијатори на христијанското образование не го кријат, а тоа е дека овие светогледи го делат мнозинството луѓе од нашето општество, тогаш можеме да заклучиме дека овие идеи веќе претставуваат идеолошка структура на нашиот национален образовен систем.
Како некоја што поминала доста труд во анализа на македонски учебници и читање анализи на други истражувачи од Македонија, слободно можам да заклучам дека нашиот образовен процес, всушност, претставува длабок идеолошки зафат, кој од нашите деца прави армија на послушни граѓани лишени од капацитетот за критичко размислување и визија за промени. Секој први септември, во училиштата не влегуваат млади потенцијали што ќе го менуваат светот, туку идна армија на конформисти, кои го одржуваат системот, кој токму нив ќе ги уништува. И ова мора да се запре.
За волја на вистината, паниката на чуварите на христијанскиот ред во училиштата за наводна радикална идеолошка интервенција е заснована на илузија. Македонија речиси и да не доживеала посериозна и темелна образовна реформа во сите декади од нејзиното постоење како независна држава.
Токму напротив, на чело на едно од најважните министерства, она за образование и наука, се менуваат министри побргу од кој било друг ресор. Па така, од 2000 до денес, ние сме смениле 14 министри за образование и наука, што во просек му доаѓа по година и пол за секого. Со други зборови, таман додека се адаптираат и го разберат системот, тие треба да заминат.
Дополнително, меѓу овие 14 министри, едвај да има по некој со визија и идеја. Во најголем број случаи, образованието било оставено на администратори, на кои им недостасува, или поширока визија, или критичко разбирање на образованието како сила што ја јакне способноста за имагинација и го проширува доменот на демократскиот јавен и политички живот.
Ниту министрите, ниту овие наводно загрижени родители не се интересираат за тоа што децата не успеваат да пронајдат пасија во предметите што ги изучуваат, да откријат возбуда во лекциите што ги читаат, да развијат интерес за книжевност преку лектирите, да изградат критички ум и да го разберат светот на начин на кој ќе сакаат да го променат и да го адаптираат кон поинакви и похумани идеи.
Она за што се заинтересирани овие луѓе е случајно да не се најде дефиниција за родот како социјален конструкт, според која доминантните родови улоги и норми, како оние за ранливоста на жените и цврстината на мажите се производи на хегемониската култура кои може и мора да се менуваат.
Ниту министрите, ниту овие наводно загрижени родители не се интересираат за тоа што децата не успеваат да пронајдат пасија во предметите што ги изучуваат, да откријат возбуда во лекциите што ги читаат
Не тврдам дека ова е банална идеја, напротив, сметам дека ваквиот пристап во образованието може да придонесе многу во развојот на младите момчиња и девојчиња, чиј потенцијал не треба да се ограничува во ригидните патријархални рамки. Сепак, треба јасно да се каже дека војната против родовата еднаквост во образованието е, всушност, отпор против прогресивните идеи и зачувување на концептот на педагогија, чија апсолутна цел е идеолошки конформизам и продукција на послушни работници.
Ние што имаме деца во образование и што сме успеале да изградиме некаков однос и став кон школувањето доволен за да ги преиспитуваме постоечките курикулуми, знаеме дека токму оној концепт на „христијански вредности“, кој го заговара дадената иницијатива, веќе е доминантен. Па оттука, можеби изгледа малку чудно зошто се појавуваат иницијативи што се борат против нешто што не постои. Верувајте има причини и за тоа.
Сакале ние или не сакале, глобалните културни и политички промени се рефлектираат дури и во затворените, паланечки контексти како нашиот. Оттука, тешко дека она што било културен образец во 20 век може да преживее непроблематично и во 21-от. Иницијативите за наводно враќање на нешто што никогаш не заминало не се ништо друго, туку крик да се спречи дури и зародишот на идеи и концепти за промена и осовременување.
Промените ги плашат единствено тие што во постоечкиот систем се носители на привилегии, затоа што промената на идеолошките парадигми ќе значи губење на моќта. Доколку иницијаторите на петицијата се доволно свесни и искрени, тие истата би ја именувале како иницијатива за одбрана на конформизмот во образованието.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија