Врева место гласови

Нема официјални информации, или барем јас не ги знам, зошто е укината балканската подружница на меѓународната телевизиска мрежа „Ал Џезира“. Се разбира, медиумите пренесуваат низа шпекулации кои главно се „вртат“ околу финансиското работење на оваа регионална медиумска куќа: од тоа дека централата направила финансиска ревизија на работењето на балканската испостава, па заклучиле дека за финансиска консолидација на целата корпорација е потребно да згасне балканскиот огранок, па сѐ до тоа дека раководството на „Ал Џезира Балканс“ правело некакви финансиски малверзации, форсирајќи и преплаќајќи приватни продукциски куќи на нивни блиски луѓе.

Причини

Не знам што ќе биде формалното образложение за гаснењето на „Ал Џезира Балканс“, ама лично ми е многу тешко да поверувам дека тоа е последица на какви било финансиски проблеми. Имено, „Ал Џезира Балканс“ е во стопроцентна сопственост на истоимената медимска група од Доха, односно Катар (Al Jazeera Media Network), која, пак, е директно финансирана од Катарскиот државен фонд. Колку што мене ми е познато, засега ниту Катар, а богами ниту централната „Ал Џезира“ досега и засега не пријавиле какви било финансиски проблеми. Натаму, не верувам дека станува збор за некаква цензура. „Ал Џезира“ може и не мора да ви се допаѓа, ама нејзините професионални стандарди многу тешко можат да се оспоруваат.

Впрочем, токму поради карактерот на стопроцентната сопственост, прилично лесно ѝ беше на централата да го замени целото раководство на балканскиот сервис или да прави некакви посериозни кадровски промени. Било да станува збор за финансиски проблеми или за емитирање некакви наводно непосакувани содржини. Не мораше да прибегне на толку драстичен чекор.

Велам, не знам како официјално ќе се објасни овој потег, ама знам дека во саботата беше емитувана последната информативна емисија на овој канал. Како што е најавено, програмата ќе се емитува до крајот на јули со емисии што се веќе снимени, а потоа, на 31 јули, на сите вработени им престанува работниот однос и фрекфенцијата дефинитивно замира. А проценка е дека овој регионален центар има околу 200 вработени.

„Ал Џезира Балканс“ емитуваше програма од крајот на 2011 година, значи околу 14 години, или како што прецизно соопшти водителката на последната информативна емисија, 4.970 денови. Замислена беше како некаков вид конекција на регионот, имајќи свои дописништва (редакции) во Белград, Загреб, Подгорица, Скопје, Љубљана, Приштина и, се разбира, Сараево, каде што беше сместена централната регионална редакција. И сопствен дописник од Вашингтон. Остатокот од светот се покриваше преку таканаречената синергија, односно преку обемната дописничка мрежа на централниот телевизиски канал.

Јазикот што се користеше во програмата беше босански/хрватски/српски/црногорски без титлуван превод, што беше некој вид експеримент за меѓусебното разбирање. Инаку, тоа беше првиот канал на „Ал Џезира“ што емитуваше програма на друг јазик, освен на англиски и арапски.

Првиот главен уредник на „Ал Џезира Балканс“ беше познатиот телевизиски новинар Горан Милиќ, кој требаше да симболизира некаков вид континуитет од последниот заеднички телевизиски проект во Југославија, некогашниот „Јутел“, кој постоеше и се распадна заедно со распадот на тогашната држава. Главен уредник на „Јутел“ беше токму Милиќ. Тие први години под негово водство ќе останат запомнети по високиот професионализам и врвната продукција на програмата. Основен белег на програмата беше информативата, дебатните емисии и висококвалитетните документарни филмови, како и низа таканаречени човечки приказни. Токму врз база на ваквото брендирање, во 2018 година „Ал Џезира Балканс“ го покрена мошне битниот и престижен фестивал за документарен филм (AJB Doc), каде што буквално учествуваа филмаџии од целиот свет.

Последици

Реално гледано, македонската редакција беше релативно мала, така што укинувањето на „Ал Џезира Балканс“ нема и не може да го измести веќе изместениот македонски медиумски простор. Од друга страна, што се однесува до мене лично, немав никакви професионални релации со „Ал Џезира“, ниту со балканскиот огранок, а уште помалку со нивната централна редакција. Освен што можеби беше еден од ретките телевизиски канали што повремено ги гледав. Како некое прибежиште од сето она што ми се презентира на телевизиските екрани.

Зошто тогаш потребата да се арчи скапоцен простор, а богами да се троши и бесценото време на читателот, само затоа што згаснал уште еден медиумски сервис?

Токму затоа. Затоа што „Ал Џезира Балканс“ не е само медиумски проект. И нејзиното гаснење не значи само укинување на еден телевизиски канал меѓу стотиците други. Босанскиот колега Амер Бахтијар прилично прецизно дијагностицира дека  згаснувањето на оваа телевизија е „тивка капитулација на идејата за дијалог на постјугословенскиот простор“.

А онаму каде што нема дијалог – има врева! Врева од која не можеш да слушнеш ниту еден глас. Карл Јасперс, на пример, тврди дека дијалогот е темел на автентичната егзистенција.

„Вистината не е она што поединецот го има. Таа се создава во комуникација“, вели Јасперс.

Значи, дијалогот не е размена на мисли и идеи, туку заедничко трагање до вистината. А, „Ал Џезира Балканс“ беше последниот обид да се воспостави дијалог на овие простори. На таа фрекфенција по исти прашања можеа да се слушнат различни гласови од различни делови од некогашната заедничка држава, која сега еуфемистички се нарекува регион.

Луксембуршката компанија „Јунајтед груп“, преку својата подружница „Јунајтед медија“ се обиде да направи нешто слично, инсталирајќи три телевизиски канали под исто име „Н1“ – во Белград, Загреб и Сараево.

Меѓутоа, за разлика од „Ал Џезира“ овие телевизиски канали во најголем дел се завртеа кон своите внатрешни политички и општествени прашања, малку или воопшто не успевајќи да го поврзат регионот со некаков заеднички именител. Наспроти ова, кај „Ал Џезира“ не постоеа привилегирани. Вклучувајќи ја тука не само регионалната, туку и светската политичка и општествена сцена.

Значи, „падот“ на овдешната испостава на катарската телевизија не значи само социјален проблем за вработените, туку значи уривање на идејата на секој натамошен обид за меѓусебно медиумско поврзување на овие простори. А да не се вика тоа „Звезде Гранда“ или некоја друга комерцијална скаламуција за ишмукување пари.

Ова прашање е особено важно, ако се знае страотниот притисок што американскиот претседател Доналд Трамп го прави врз „Гласот на Америка“ и „Слободна Европа“, а Европската Унија нема или не сака да најде соодветен одговор.

Страв ми е ова да го изговорам, ама ќе го речам. Колку и да не сме погодени и каква и да биде формалната причина, гаснењето на овие медиуми значи гаснење на професионалниот журнализам.

Ако сакате и на демократијата. И не само кај нас. Туку во целото „глобално село“, што би рекол Маршал Маклуан. А медиумот е порака, вели истиот тој Маклуан.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија