Главна болест во нашето општество дефинитивно е краткото помнење. Легитимно право е граѓаните да преферираат различни партиски опции и разбирливо е што низ тој визир ги анализираат и изјавите на политичарите. Но, дури и при таков субјективизам, потребна е барем мала дистанца, во стилот на народната: „Криво седи, право суди“. Кај нас тоа го нема.
„Малку повеќе“ е изненадувачко нивото со кое дел од јавноста се фрапираше од изјавата со која премиерот Мицкоски ја критикуваше неефикасноста на кривичниот прогон, илустрирајќи какви сѐ проблеми добиваат обвинителите (дијареја, анксиозност итн.) кога ќе треба да преземат одредени дејства.
Се разбира, хиперболизирањето на случаите со вируси и нелагодности беше во насока да ја посочи алката што недостига, што е климава или длабоко шлајфува во место, а тоа оневозможува да се испорачаат резултати во битката со криминалот и корупцијата.
Тоа е сѐ народе
Продефилираа многу оценки за таа изјава со негативна конотација. Но, евидентно е дека по таа изјава, републичкиот јавен обвинител веднаш го затегна ременот – донесе одлуки со кои, освен што почна и контрола во ОЈО ГОКК, а најави и други, им посочи на обвинителите и стриктни рокови, кои тие претходно ги беа заборавале.
Побара сите јавни обвинители итно да им дадат приоритет на предметите за кривични дела од областа на корупцијата и оние од особен јавен интерес. Чуму ваква мобилизација и „реорганизација на силите на Јавното обвинителство“, како што вели републичкиот јавен обвинител, ако досега сѐ било во ред?
Тоа укажува дека таа динамика и тој приоритет претходно ги немало. Затоа и не е чудно што Ислам Абази, шефот на ОЈО ГОКК, досега доминатно нѐ забавуваше со „мигрантски репертоар“ и со ноншалантна порака во стилот „тоа е сѐ народе, за овие две години“.
Целава ситуација ме потсетува на еден вистинит настан во САД. Осуденик, како последна желба (на која имал право) побарал цигара, бургер и колаче, но бил одбиен, со образложение дека состојките во сите три нешта се штетни за неговото здравје.
Тоа му го кажале на човек, кому за помалку од еден час му претстоело инјектирање одредена (нездрава) супстанција, со чија помош за неколку секунди ќе му биде згаснат животот. По жалба на адвокатот, сепак му била дозволена цигара.
Дебатата за изјавата на Мицкоски е како да дебатираме колку е штетна „цигарата“ (изјавата) со која тој го „почести“ обвинителството, кое заедно со судството се самоосудија на тивко умирање и на општа недоверба од граѓаните поради сомнежи за предозираност со политички влијанија во сите изминати години.
„Добар ветер во грбот“
Секако, може да дебатираме дали Мицкоски ги избрал соодветните зборови за да укаже на доцнењето или на недостигот од постапки, ама откако ќе признаеме дека имаме колективна амнезија за сѐ што досега поминало низ овдешниот „филтер“ по тоа прашање.
Може ли да заборавиме на „Планот 3 – 6 – 9“, во кој еден од приоритетите беа реформи во судството? Може ли да заборавиме дека врз основа на тој план се формираше Совет за реформи во правосудството, на чие чело застана тогашниот премиер Зоран Заев – лично!? Немаше поголем скандал од тоа.
Имаше критики, секако, ама очигледно не до толку гласни, штом Заев остана да „јава“ на чело на Советот повеќе од една година! Зошто токму тој? Објаснувањето беше „за да ги интензивирал работите во правосудството“. Демек, целта не била да влијае врз одлуките што треба да ги носат обвинителите и судиите, туку напротив, да им биде добар ветер во грбот при нивното самостојно одлучување.
А заради слично „интензивирање на работите“ со сомнежи за мешање на извршната власт, дел од експертите го напуштија претходниот состав на Советот. Образложија дека чувствувале оти одлуките се носат на некое друго место и дека нивните предлози се игнорираат.
Но, потоа дојде Заев за да ги „поправи“ работите, а набргу и да изјави – го отворив судството како пупка.
Каде што застана тој, продолжија неговите наследници. Од петни жили ги бранеа измените на Кривичниот законик, кои предизвикаа тектонски потреси. Сега, кога од Европската комисија прашуваат како ќе се санираат тешките последици што настанаа од тие измени, во СДСМ немаат одговор.
Ама не им пречи по дифолт да критикуваат, иако потрошија седум години во лажни ветувања дека ќе обезбедат функционирање на правосудството – независно, неселективно и без притисоци.
Тој филм нема да го гледаат
Други, исто така, ем загрижени, ем со тешка амнезија, денес држат лекции дека граѓаните мора да направат санитарен кордон против обидите на власта да се меша во судството, ама и во безбедносните служби зашто ќе имало злоупотреби, нови прислушувања.
Навистина? А како ќе заврши предметот за „злото што никогаш не требаше да се повтори“, оној за масовното прислушување на над 20.000 граѓани, наречен „Таргет-Тврдина? Заврши со застарување заради измените на Кривичниот законик, кои СДСМ ги бранеше до последен здив. Заврши без разрешница. Каде беше кордонот тогаш?
А кога нема разрешница на таков капитален предмет, се праќа јасна порака дека секој што во иднина ќе се впушти во прислушување, вака или онака, на крајот ќе помине несанкционирано. Ако во СДСМ не им е јасно какво наследство оставиле, нека го прашаат Рајнхард Прибе што мисли тој за „резултатот“ од нивните реформи во клучните области.
Тие немаат никаков кредибилитет да говорат за ова прашање, бидејќи директно го трасираа и асфалтираа патот, на кој сега ставаат предупредувачки знаци за опасност од злоупотреби.
А ако се случи такво нешто, никој од Бихаќка нека не се надева дека ќе се „шлепа“ на некаква нова „револуција“, шарена или каква и да е, сметајќи дека граѓанскиот сектор повторно може да биде „нејзин“ партнер во битката против нови злоупотреби.
Таквата надеж може да ја фрлат во истата корпа каде што ја фрлија паролата „Нема правда, нема мир“, каде што ја изгазија, каде што ја испоганија револуцијата и ги изедоа нејзините деца, откако удобно си чучнаа во фотелјите и јалово профуцкаа седум години.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија