Во големата врева што се крена по социјалните мрежи со почнувањето на примената на измените на Кривичниот закон, особено по протестот на Ромите од Бајро (Битола) и во некои други градови во државава, при што можеа да се прочитаат немал број дискриминаторски, па и расистички коментари, иако од втор план, исплива уште една мошне сериозна дилема.
Имено, колку новите одредби, мислиме на оние што се однесуваат на сообраќајот, навистина кореспондираат со принципите на владеењето на правото. Или, ако сакате поедноставно: зошто, бре, оваа држава секогаш се решава за најдрастичните санкции во своите законски решенија? Кој е тој ќеф, драконски да се казнуваат сопствените граѓани?
Се разбира дека мислам на законското решение за задолжителна трајна конфискација на возилата што ги возеле оние што се фатени без возачка дозвола. Според мое длабоко убедување, тука се нарушени барем два од основните принципи на владеењето на правото. Првиот е неприкосновеноста на приватната сопственост, а вториот е изрекување пропорционална казна во однос на стореното дело.
Законодавецот, оваа драконска мерка ја базира врз фактот дека со измените на Кривичниот закон, возењето автомобил без положен возачки испит, за разлика од досега, е „унапредено“ во кривично дело, а по правило, средството со кое се извршува кривичното дело, се одзема, односно се конфискува.
Пресуда без суд
Возењето без дозвола се третира во сега веќе фамозниот член 297, во одделот наречен „Безобѕирно управување со моторно возило.“ Без некоја особена градација на таа „безобѕирност.“ На пример, конфискација на возило следи со самиот факт што немате дозвола, без оглед на тоа дали реално сте направиле некој додатен прекршок или не.
Односно, без оглед дали сте возеле според прописите или не; дали во тој миг ви било неопходно управувањето со возилото (итно морате да однесете некого во болница или од некои причини баш во тој момент мора да седнете зад воланот); дали возилото е семејно; дали е неопходно средство за заработување приходи итн.
Возилото, по наредба на јавниот обвинител, привремено ви го одзема полицијата, а судот облигаторно прогласува трајна конфискација. Тоа е, значи, едно од ретките кривични дела, каде што обвинетиот практично нема право на одбрана и на изнесување олеснителни околности. Судијата нема право на толкување на законот и проценка на тежината на кривичното дело. Адвокатот нема право да ја врши својата работа.
Нема потреба ниту од обвинител. Обвинението е докажано со самото тоа што полицијата констатирала дека немате положен возачки испит. Со други зборови, конфискацијата на легално стекнатата приватна сопственост во овој случај се применува како прва и задолжителна мерка, и тоа со практично суспендиран судски систем. Висината, пак, на останатите санкции (парична, па и затворска казна во потешките дела) дополнително се проценува. Во секој случај ќе останете без возило!
Нема тука да навлегувам во теориски расправи дали возењето без дозвола е фактички прекршочно или кривично дело. Тоа, од мој аспект, е помалку битно. Конечно, не се конфискува имот за сите кривични дела. Возењето без дозвола се третира како „сериозна закана за животите на другите“, па конфискувањето на возилото, од една страна, се смета како превентивна мерка (да се отстранат условите за исполнување на заканата, но и да се одвратат евентуални идни починители на ова дело).
Да, секако ќе се сложиме дека станува збор за „опасна закана“, но, сепак, таа е уште само закана. И треба да се превенира. На пример, со сериозни парични и мандатни казни, но нарушувањето на правото на сопственост, поточно трајното одземање легално стекнатата сопственост, сепак, се чини за прекумерна мерка во однос на стореното дело.
Претпоставувам дека превенцијата можеше да се постигне и со привремено исклучување на возилото од сообраќај, односно привремено одземање комбинирано со забрана за возење, па и полагање возачки испит во одреден временски период, како што тоа впрочем е случај во речиси сите земји на Европската Унија.
Ја прашав вештачката интелигенција дали постои пример на земја во Европа каде што возилото облигаторно се одзема ако се вози без дозвола. Скратената верзија на одговорот гласи: „Да. Северна Македонија.“ Прилично исто решение се применува уште само во Белгија. И тоа со тамошните нови законски решенија, кои стапија во сила исто како и кај нас, на 1 февруари годинава. Не знам дали таму имало некој вид протести, ама знам дека и таму се водат полемики околу неприкосновеноста на приватната сопственост.
Без оглед на натамошната судбина на белгискиот закон, мене навистина не ми е јасно зошто мора да ги следиме најрепресивните решенија во некоја област? Исто како и во случајот со новиот закон за заштита од пушењето. Зошто моравме да се угледаме на најригорозниот пример (Ирска), а не, да кажеме, на Германија, Австрија, Словенија, Шпанија, Португалија… кои имаат поблаги, па ако сакате и похумани решенија?
Вината на возилото
Во овој случај може да се проблематизира и принципот на „одземање на средството со кое е извршено кривичното дело.“ Возилото, во овој случај е потенцијално средство за остварување на проценетата закана, а не „средство за извршување кривично дело.“ По таа логика, што би требало да очекувам натаму? Власта да ми го одземе мојот остар кујнски нож затоа што тој е закана по животите на моето семејство и на моите соседи? Со други зборови, возилото не е виновно за прекршоците и кривичните дела што евентуално ќе ги направи неговиот сопственик.
Не стои ниту тврдењето дека со конфискацијата се одзема можноста делото да се повтори. Конечно, таков ефект нема ниту една конфискација. Дали конфискација на украден имот, на пример, ќе одврати некој крадец да не го повтори делото.
Проблематична е и премисата дека со драконски казни ќе се одвратат евентуалните идни починители на ова кривично дело. Да беше така, смртната казна уште ќе беше стандард во светот, а ние ќе живееме во совршено средено општество. Во светот постојат држави каде уште се практикува јавно извршување смртни казни, камшикување, сечење екстремитети итн., па и натаму се повторуваат истите злосторства од други починители.
Натаму, се крши и принципот на еднаквост пред законот. Некому, ете, ќе му биде одземен автомобил во вредност од, да кажеме, 5.000 евра, а на друг од 50.000 евра. Како може да биде иста таа казна за исто починето дело?
Запреги наместо автомобили
Би сакал овој текст да се сфати како принципиелна забелешка на нарушувањето на владеењето на правото (кон кое сме очигледно склони како државен систем), затоа што лично не сум никако засегнат со овие законски решенија. Имам возачка дозвола од 1979 година. Возам речиси секојдневно и уште не сум добил никаква порака од „безбедниот град.“
Поседувам автомобил стар четврт век, со реално многу ниска пазарна вредност, претпоставувам пониска од некоја посериозна мандатна казна. Подготвен сум да ги платам сите пропишани казни за прекршувањата на законот што евентуално ќе ги направам (како што сум ги платил во досегашното возачко искуство). И тоа без оглед на нивната висина.
Но, не сум подготвен да се откажам од автомобилот, иако, велам, неговата вредност изразена во пари е можеби и помала од некоја парична казна. Знаете зошто? Затоа што автомобилот е мој. И јас знам како сум го купил и што сум жртвувал за да го имам. Затоа што тоа не е луксузна стока, туку неопходна потреба во град (и држава) без јавен превоз. Затоа што тоа е приватна сопственост. Моја, а не на државата. И е неприкосновена. И, конечно, затоа што врз такви, мали приватни имоти почива целата држава, целиот систем. Затоа што мислам дека на овој начин се уриваме самите себе.
А Ромите? Се разбира дека го поддржувам нивниот протест против прекумерните и непропорционални казни. Иако, реално, проблемот на оваа етничка група е многу поголем и системски од нивните одземени возила и е тема за многу посериозни анализи отколку што може да пружи еден ваков текст. Што се однесува, пак, до нивните одземени возила, тоа е најмалиот проблем. Ќе си се вратат луѓето на своите коњски и магарешки запреги и нема да претставуваат „сериозна закана во сообраќајот“!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија










