Запрете го Ројтерс!

Под претпоставка сите медиуми во Македонија да бидат запрени, сите новинари замолчени, па дури и сите светски агенции да бидат ставени „под клуч“, дали некој навистина верува дека тој молк ќе резултира со подобра слика за судството?

Дел од говорот на претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, деновиве најдиректно ме потсети на една од поважните лекции и примери во новинарството, кога властите, кои и да се тие (извршна, законодавна или судска) се обидуваат да ја скријат вистината преку обид да ги замолчат медиумите. Историјата покажува дека таквиот обид секогаш се претвора во гротеска и завршува на штета на налогодавачите.

Еден од еклатантните примери за таков обид е славната реченица на висок функционер во СФРЈ, кој во 1981 година, сакајќи да ја скрие од јавноста информацијата за растечките нереди на Косово, на директорот на Танјуг му издал наредба: „Зауставите Ројтерс!“ (Запрете го Ројтерс)

На функционерот тоа му се видело како наједноставно решение, според „принципот“ – „тоа што не е објавено во медиумите, не постои ни во реалноста“.

Увереноста на функционерот дека неговиот цензорски повик ќе биде спроведен и во странска новинска агенција, веројатно се темелела на неговата голема и распашана политичка моќ, несанкциониран волунтаризам и широки овластувања злоупотребени за криење политички и безбедносни информации од јавноста.

Се разбира, Ројтерс не запрел, и благодарение на неговите информации, како и на други светски агенции, граѓаните на СФРЈ посредно дознале што се случува на југот од нивната земја. Но, изреката „Зауставите Ројтерс“ до денес остана да се користи за потсмев кон сите што на ист или сличен начин се обидуваат да ја ретушираат реалноста.

Претседателката на Врховниот суд, во дел од говорот што го одржа по повод 70-годишниот јубилеј на институцијата, за жал, го оживеа токму духот на оваа реченица, барајќи „да запре јавната хајка против македонското судство“. Во нејзино присуство, пред еден месец, од судии стигнаа бројни критики дека новинарите вршеле притисок врз судството.

Кога новинарите бараат информации, тоа ни случајно не смее да се третира како притисок, бидејќи тоа е основна задача врз која се темели медиумската улога во општеството. Ако, пак, за „хајка“ се сметаат оценките за партизирано и контролирано судство, тоа значи дека судството не е подготвено да се соочи со сопствената слика во огледалото и еднаш да почне да се реформира.

Многу е лошо што вакви ставови стигнуваат во време кога од Македонија се бараат темелни реформи во поглавјата 23 и 24, од кои најголем дел се за судството и владеењето на правото. Уште понепријатно е што домаќините дозволија претседателот на законодавниот дом да го злоупотреби јубилејот на Врховниот суд, за преку неговиот говор да испраќа пораки кон политичкиот опонент, кој дал „несреќна изјава дека не го признава судството“.

Вистински судија, со вистински сенз за улогата што ја има во општеството, по говорот на Вељаноски ќе укажеше дека судската говорница не треба се користи за размена на политички пораки. И со тоа најдиректно ќе манифестираше цврст став дека судството не сака да биде фразеолошки „брането“ на таков начин од ниту еден политичар или партија. Ќе покажеше дека барем се бори за некаква независност, а не за ујдисаност со другите власти.

sudii_mediumi

Фото: БИРН

Но, Неделкова тоа не го стори. Зошто – не знам. Не прашувам, за да не го ставам судството „под притисок“. Самата нека објасни ако чувствува потреба.

Во време кога демократските земји гарантираат разни видови слободи – на изразување, говор, став,.. кај нас се мотивира еден друг вид слобода, слободата на молчењето. Да, и тоа е еден вид „слобода“, но исклучиво во авторитарните и диктаторски системи. Таму таквата слобода е издигната на ниво на врвна општествена вредност.

Не сум сигурна дека такви стандарди ќе му бидат од корист на нашето судство. Под претпоставка сите медиуми во Македонија да бидат запрени, сите новинари замолчени, па дури и сите светски агенции да бидат ставени „под клуч“, дали некој навистина верува дека тој молк ќе резултира со подобра слика за судството?

Сигурно дека нема. Еве, за неколку дена ќе биде објавен Извештајот на ЕК. Многу ме интересира како ќе бидат дочекани и оценети забелешките за судството: како „притисок“, како „хајка“ или како „паушална перцепција“ на некои клети странци, кои пак, не знам зошто, овде истурија купишта пари од нивните даночни обврзници за реформи и обуки на наши судии и обвинители, додека ние нашите пари си ги трошиме на фасадна козметика и споменична естетика.

Зошто судството не спротивстави никакви аргументи и за дијагнозите дадени во Извештајот на Рајнхард Прибе? Или, кога нема аргументи, најлесно е да се удри по медиумите. Но, тоа не ги решава проблемите.

На крајот да расчистиме една работа: Сите ќе го почитуваат македонскиот суд, а не само грчкиот (кај што нечии деца заглавуваат заради поседување кокаин), тогаш кога во правосудниот систем ќе влегуваат лица според мерит-систем, а не по силата на министерски тефтер, во кој со плусови и минуси се бележи нивната партиска подобност и кога судии и обвинители нема да примаат и спроведуваат владини налози, па дури и нарачки од сопруги на пензионирани министри за правда. Кога тоа ќе се случи, и медиумите ќе можат да одморат. Што би се рекло, малку „да запрат“.