Завршена обука

Македонката протерана од Србија, побргу самата се огласи во медиумите, отколку што нашата амбасада во Белград дозна дека во престолнината на Србија „оперирал“ македонски државјанин, кој станал „безбедносен ризик за Србија“.
Се разбира дека ова го кажувам со иронија.

Нашата државјанка, заедно со граѓански активисти, не правела ништо повеќе од тоа што учествувала на обука/работилница на Eрсте академијата во организација на австриската Ерсте фондација.

Веќе два дена, земјите од регионот брујат дека без никакво објаснување, група од 13 активисти на невладини организации од повеќе земји земји (Хрватска, Словенија, Словачка, Северна Македонија, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка) биле приведени, а потоа и депортирани од Србија, ноќта меѓу 21 и 22 јануари.

Ние дури денеска дознавме дека протераната македонска државјанка била извршната директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ, Искра Росо. А дознавме, благодарение на тоа што дала изјава за МИА. Македонскиот амбасадор, за еден медиум, претходно кусо беше изјавил дека немало никакво официјално барање (обраќање) од страна на македонски државјани.

Трла баба лан

Чудно е што во нашата амбасада никој не се заинтересирал за случај за кој се говори два дена, а во кој е засегнат и граѓанин на Македонија. А што ако државјанинот не можел да се обрати, на пример?

Верувам дека од амбасадата, врз основа на јавно објавените информации за овој случај, можеле барем да го побараат списокот на учесници на оваа невладина академија, да најдат контакт и да ѝ понудат конзуларна помош. Освен ако не биле презафатени со „трла баба лан“…

Романската амбасада тоа го направила – ѝ дала и конзуларна помош на нивната сограѓанка и побарала објаснување од српското МНР. Албанското МНР го повика на разговор српскиот амбасадор, побара објаснување и изрази сериозна загриженост за приведувањето и депортацијата на двајца припадници на цивилното општество од Албанија.

Шефот на хрватската дипломатија завчера се огласи од Давос и најави протестна нота до Белград. И тој кажа дека хрватската амбасада во Белград им ја ставила на располагање потребната конзуларна помош на петте хрватски државјанки. Вчера, хрватското МНР им препорача на нивните граѓани да ги одложат сите патувања во Србија што не се нужни поради непримерни и неосновани постапки кон граѓани на Хрватска.

Eвропската комисија, уште пред два дена, изрази загриженост што „мирољубиви активисти на цивилното општество од земји-членки на ЕУ и од регионот на Западен Балкан биле приведени, а потоа властите побарале тие да ја напуштат Србија затоа што претставуваат безбедносен ризик“.

Страв од туѓо сценарио

Во последниве месеци не е пријатно да се патува како граѓански активист во Србија. Протестите што ја тресат земјата и со кои се бара одговорност за трагедијата со 15 жртви од уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови САД, во ноември лани (и други барања), ја зголемија паранојата кај српските власти од развивање „македонско сценарио“ или барем тоа го користеа како алиби за постапките. Почнаа да говорат за увоз на замешателства преку активисти од соседни земји, при што прстот најчесто беше вперен кон Хрватска.

На пример, српската јавност сведочеше на јавно објавување лични податоци на двајца браќа српски студенти, учесници во протестот, кои беа посочени како хрватски шпиони, затоа што имале хрватско државјанство. Излезе дека го имале врз основа на тоа што едниот од родителите им бил роден во Хрватска – бил Србин од Книн, плус ранет во војните на тамошните простори.

Дваесетина студенти од Електротехничкиот факултет во Загреб, кои пред Нова година беа во посета на нивните белградски колеги, беа посочувани како дел од завереничка група што организира протести. Ова се само дел од примерите.

Загреб и Белград, подолг период, имаат „историја“ на реакции, досега поради „задржувања“ на граница. Тоа, лани во август го доживеа хрватската пејачка Северина Вучковиќ, која четири часа била задржана од српската полиција на граница и испрашувана за геноцидот во Сребреница, хрватската воено-полициска операција Олуја и зошто ги поддржала демонстрациите против копањето литиум во Србија.

Тогаш српскиот претседател изјави дека „некои правеле некакви списоци за вербални деликти на кои имало десетина луѓе“ и најави дека тие ќе бидат укинати во следните два-три дена.

Ана Брбнабиќ, пак, критикуваше дека токму во Хрватска, а не во Србија, е можно некој да биде уапсен и осуден на затворска казна од 15 дена, само поради изборот на музика што ја слушал во својот автомобил, како што му се случило на граѓанинот на Србија, адвокатот Немања Бериќ. Такви пораки не престанаа да се разменуваат.

„Обучени“ да препознаеме

Не знам дали дел од активистите, меѓу кои и нашите, станале колатерална штета примарно поради хрватските, но не е наша работа да нагаѓаме. Факт е дека нашата државјанка, кога по обуката се вратила во хотелот каде што била сместена, била задржана од страна на полицијата и, заедно со уште неколку учесници, префрлена во полициска станица без јасно објаснување. Подоцна дознала дека ѝ била издадена забрана за влез во Србија, во траење од 12 месеци, врз основа на член 78 од Законот за странци.

За време на процесот не добила објаснување за задржувањето, а напоменува дека полицијата во Белград се однесувала професионално. Таа самата поднела барање до нашето МНР за добивање информации за причините за издавање на забраната за влез и подготвува жалба на решението. Попладнево, и македонското МНР изрази загриженост за протерувањето и побара објаснување од српските власти.

Извршната директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ сигурно не претставува безбедносен ризик за Србија. Здружението што го раководи, обезбедува директни услуги за лица со попреченост и за нивните семејства, со фокус на поддршка, инклузија и унапредување на правата и можностите.

Од 2022 година нуди услуги и за деца со и без попреченост преку инклузивни работилници што поттикнуваат учење, креативност и прифаќање, како и услуги насочени кон унапредување на професионалниот развој на персоналот од градинки, училишта и други организации.

Но, оваа показна вежба на Белград може да е првиот индикатор за развивање највисок степен на непријателство кон цивилното општество, на подолги патеки. Впрочем, и досегашното неприфаќање на неговата улога во развојот на демократското општество е една од причините поради кои власта во Србија со месеци ја тресат протести.

Протерувањето активисти само уште повеќе ќе ги засили. Нус-ефект од тоа ќе биде што врз крилата на протестите ќе се возат и оние што, не само што не се загрижени за барањата на цивилното општество, туку ќе сакаат таа протестна енергија да ја навртат на своја политичка воденица. Го видовме тоа еднаш кај нас. Сега барем низ искуство сме „обучени“ да го препознаеме.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија