Историјата покажува дека оние кои се противат на демократските промени, и убивањето на тие промени го разбираат како „секоја друга, нормална работа“. Во тој контекст, министерот Спасовски треба да научи една важна лекција: дека отчетноста е важен фактор во превенирањето на таквите опасности. Ако им претходи – ги демаскира, ако доцни – ги мотивира!
Фазите на морална и политичка ерозија по која следува трансформација и обновување на изгубените системски и општествени вредности, никогаш не оделе ни брзо, ни лесно. Македонија во моментов е соочена со таков процес.
Но, стапицата што земјата треба да ја избегне на тој пат, е да не западне во политички и безбедносен процеп, кој процесот ќе го пренасочат во непосакуван правец.
Токму поради тоа, вчерашната фамозна телеграма на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, мора да биде темелно објаснета, за да не се остави простор за шпекулации кои и натаму ќе подгреваат тензии од секаков вид.
Тоа е неопходно и за итно спречување на евентуални интервенции од „претприемачите на инциденти“, кои само чекаат „повик“ за да докажат дека по влезот на СДСМ во Владата, „се доведени во прашање функциите на државата“. Ако се има предвид дека со ваков став меѓу првите реагираше бившата министерка, Гордана Јанкулоска, сосема извесно е дека на таа воденица ќе се тера водата.
Но, сега е помалку важно на која воденица ќе меле партијата која до вчера го узурпираше ресорот внатрешни работи. Тоа што ваквиот став доаѓа од министерка која преку „бомбите“ јасно стави на знаење кој е газда во МВР и тоа без телеграма за одземање или давање овластувања, ни најмалку не ја намалува одговорноста и обврската на министерот Спасовски за одговор на следниве прашања: Дали неговата одлука е вовед во почеток на темелна демонтажа на партиски узурпираниот систем во МВР? Со кои мерки и механизми ќе бидат гарантирани безбедноста и јавниот ред и мир до враќањето на одземените овластувања? Какви гаранции ќе ѝ понуди на јавноста дека прочистувањето на МВР од рецидивите на партиските вируси, нема да заврши со смена на една партизација со друга?
Појасно кажано, преку неговите потези и одлуки тој сега пред јавноста треба да докаже дека еден Мијалков нема да биде заменет со друг, дека шерифувањето со пиштоли по плочниците на регионалните аеродроми ќе биде минато, дека сите катови во МВР ќе бидат исклучиво во служба на системот за безбедност, а не со знак на еднаквост меѓу партијата и ресорот, меѓу МВРО и ВМРО, како што беседеше Јанкулоска, но ни на СДСМ-МВРО. Само и единствено на МВР.
Брзиот и темелен одговор на овие прашања е единствената превентива од опасноста „да биде запален фитил на теренот“, а со тоа да почне компромитација на капацитетот на преодната влада за какви било реформи, со „назнака“ дека тој е доведен под прашање откако во неа партиципираат кадри на СДСМ.
Со оглед на вака оставениот празен простор, кој би можел да ги мотивира примарните узурпатори на МВР и нивните „подизведувачи“ да не седат со скрстени раце, може да се каже дека министерот Спасовски направи почетен пропуст.
Оваа одлука, тој требаше јавно да ја соопшти, образложи и аргументира во истиот момент кога решил да ја испрати до сите организациски единици на МВР. На тој начин ќе го затвореше капакот на потенцијалната Пандорина кутија, од која сега излегуваат куп шпекулации со единствена цел – да внесат вознемирување во јавноста.
Историјата и искуствата во регионот, покажуваат дека оние кои се противат на демократските промени, и убивањето на промените го разбираат како „секоја друга, нормална работа“. Нема ништо нормално во убивањето на демократските промени кон кои се стреми општеството. А отчетноста е важен фактор во превенирањето на таквите опасности, бидејќи ако им претходи – ги демаскира, ако доцни – посредно ги мотивира.
Министерот Спасовски со своите следни постапки ќе покаже дали ги демаскира или ги мотивира, станувајќи самиот дел од нивното „совршено алиби“.
Особено, што на тој план во нашиот јавен дискурс веќе постои одредена автодинамика, која се потпира на обрасци на подметната перцепција, на медиумски индоктринации и на дистрибуирање опасни идеолошки и безбедносни клишеа преку субјекти од кои се очекува да произведат брз реванш.
Општествените агенси на демократските промени и реформи, ако не сакаат земјата да се забарикадира во самоизолација, мора да поттикнат дебата за деконструкција на состојбите кои ѝ донесоа толку срам и проблеми на земјата, но и да инсистираат на навремена отчетност од сите што тие системски промени можат да ги започнат од позициите на кои се наоѓаат. Преговори по тие прашања не смее да има.