Убав празничен неделен ден. Се враќаме во Скопје по кусиот обид да го искористиме можеби последното зимско сонце годинава. Некој во автомобилот констатира дека и во градот е прекрасно времето. Не беше тешко сите да се согласиме со оваа констатација. Сѐ до моментот додека не излеговме од колата и не го вдишавме воздухот со остар вкус и уште поостар мирис на – чад!
На апликацијата „МојВоздух“ во тој момент пишуваше дека во делот од Скопје каде што се наоѓавме, загаденоста, според индексот на квалитетот на воздухот (AQI), изнесува 274 (фамозните ПМ 10 честички во тој момент изнесуваа 212, а ПМ 2,5 честичките 184 – патем речено, оптималната вредност за сите три измерени категории е под 50). Без оглед на висината на измереното загадување, за Скопје ова е, би рекле, некоја нормала за ова време на годината. Или барем ние се навикнавме да вдишуваме воздух што буквално може да се опипа.
Со други зборови, никаде не можеше да се слушне или прочита за уште еден скопски загаден ден. Едноставно, овие теми станаа здодевни. Јавноста се забавува со односите во владејачката коалиција и се сити на препукувањата околу Законот за употребата на јазиците и мислењето на Венецијанската комисија, а главна тема се новите „бомби“ со Орце Камчев и неговата улога во „аферата на столетието“.
Не велам дека овие теми не се важни и не велам дека следните избори, чија преуранета кампања најавува под каква пресија ќе бидеме во следните три-четири месеци, меѓутоа индоленцијата што упорно и доследно се манифестира кон овој проблем е навистина неверојатна.
Неверојатно е дека со години наназад се повторува истата приказна. Дека секоја година Скопје (а богами и другите градови во Републиката) се наоѓа во репрезентативното друштво на Њу Делхи во Индија, Лахоре во Пакистан, Улан Батор во Монголија и со останатите градови за кои, со неверување, сме читале стории и сме гледале документарни филмови. И сме се прашувале како тие луѓе воопшто преживуваат.
Просто е неверојатно како во екот на глобалната кампања за климатските промени ние уште имаме министерство за екологија, кое служи само за меѓупартиски раскусурувања.
Проблемот на загадувањето не се решава преку врски и местења, не се решава ниту преку објавување „бомби“, ниту рекети и подмитувања, а најмалку со давање чудни „маркички“ за изградба на уште почудни згради. И затоа не се решава
Неверојатно е дека и во историски рекордниот буџет на Република Северна Македонија нема никакви поместувања во однос на заштитата од загадувањето…
Само не се знае каква визија имаме за иднината. Или ќе ги чекаме пристапните преговори со Европската Унија, па ќе очекуваме европските експерти да ни го решат проблемот. А потоа коалициските партнери ќе се расправаат дали е умесно пред избори да ги решаваат овие проблеми или, во духот на добрата традиција, ќе ги стават под тепих.
И, се разбира, ќе ги стават под тепих. Затоа што проблемот на загадувањето не се решава преку врски и местења, не се решава ниту преку објавување „бомби“, ниту рекети и подмитувања, а најмалку со давање чудни „маркички“ за изградба на уште почудни згради. И затоа не се решава.
Не е тоа проблем од типот: „Дали е Вилма или Катица во право“ или „Слушна ли што рече Орце за Вицето“. Не е тоа проблем ни на политички поени, па дури ни на афери (токму затоа го нема во „жолтиот“ печат, а богами го нема многу ни во таканаречените сериозни медиуми – здодевно е, брате). Дури не е ни проблем на избори. Тоа е проблем на сите нас.
Надвор од радарот на нашата јавност, а како што гледам и од радарот на политичките елити помина информацијата за прелиминарниот извештај на Програмата за заштита на околината на Обединетите нации (UNEP), во која се вели дека „загадувањето на воздухот е директно одговорно за едно од пет предвремени умирања во 19 градови во Западен Балкан“. И?
И ништо. Ние ќе засадиме неколку жбунови и ќе направиме една наводно зелена тераса на Градскиот трговски центар и ќе тврдиме дека „имаме нова визија за зеленилото“ и дека „се справуваме со загадувањето“.
Не постои политичар, пратеник, одборник или што и да е во политичкиот апарат што не е одговорен за состојбата во која се наоѓаме. Затоа што тоа е прашање на сите партии и на сите оние што ги имаат лостовите на моќта
Да се разбереме, проблемот на загадувањето го имаат најголемиот број градови во светот. Според некои проценки, дури над 90 проценти од светските градови живеат во загаден воздух (иако она што е „нормала“ за Скопје, кај повеќето градови ќе предизвикаше вистинска тревога), односно UNEP не е формиран само поради проблемите во Западен Балкан или во македонските градови.
Она што сакам да го кажам дека нема потреба од нобеловци за да се реши овој проблем. Доволно е само да се види што направи Мексико Сити, на пример, кој од една од најнаселените и најзагадени метрополи со години нема проблем со ПМ честичките. Или како функционира Берлин. Не мора ни дотаму да се оди. Доволно е да се погледне искуството на Љубљана. Примери има многу. Нема многу што ги гледаат.
Јасно ми е дека ова не е работа на партии и партиски рејтинг и дека вистинската стратегија во борбата против загадувањето е скапа, односно ќе има помалку пари за разно-разни патни трошоци, бонуси и надомести по илјадниците управни, извршни и какви сѐ не други одбори.
И токму затоа со голема комоција можам да тврдам дека не постои политичар, пратеник, одборник или што и да е во политичкиот апарат што не е одговорен за состојбата во која се наоѓаме. Затоа што тоа е прашање на сите партии и на сите оние што ги имаат лостовите на моќта. Па, по ѓаволите, и за нивните деца се работи. Ако во меѓувреме на заминале во некоја поцивилизирана средина.
Излегуваме, велам, ние неколкумина од автомобилот и веднаш нè удира реата на чадот, со многу добра волја наречен „скопски воздух“. И веднаш се почувствуваме некако валкано, зачадено, загадено…, а како инаку. И потоа отидовме да гледаме телевизиски вести за да имаме комплетно доживување. И да се надеваме дека презентерот на временската прогноза ќе ни каже дека се очекуваат поголеми врнежи или барем малку посилен ветер што ќе го расчисти воздухот барем за кратко време.