Свен Милекиќ, Даблин
Славко Шајбер го преживеа холокаустот во Хрватска благодарение на чудесната комбинација на храброст, алтруизам и среќа. Тоа беше искуство што и него, и мене како негов внук, нѐ дефинираше.
Во рамките на проектот за собирање на сведоштва од лицата што го преживеале холокаустот, на Славко Шајбер му било поставено прашање, дали пред Втората светска војна, се чувствувал како Евреин.
„Мислам дека оваа спонтана асимилација отиде толку далеку, што не чувствував ништо; поточно, не се чувствував поразличен од било кој друг”, одговорил тој.
Така, сознанието, покрај отпочнатата војна, дека другите го сметаат за поинаков, му беше како да „удрил со главата во ѕид”.
„Другите ме потсетуваа на многу грд начин дека сум Евреин”, велеше тој.
Дедо ми, чие оригинално преиме беше Scheiber, почина пред 15 години, речиси 60 години по завршувањето на Втората светска војна. Тој имаше богат и исполнет живот, две ќерки и три внуци, вклучувајќи ме и мене. Сепак, судбината не му беше наклонета во тинејџерските години.
За само неколку дена, во април 1941 година, силите на Оската ја поразија војската на Кралството Југославија, а на 10 април, под покровителство на нацистичка Германија и фашистичка Италија, беше прогласена фашистичката усташка Независна Држава Хрватска (НДХ), која опфаќаше поголем дел од територијата на денешна Хрватска и цела територија на Босна и Херцеговина.
Не помина ниту еден месец од нејзиното формирање, кога НДХ, инспирирана од своите нацистички ментори, усвои расистички декрети против Евреите и Ромите, како и сет на антисрпски закони.
Славко, во тоа време, имал 12 години и живеел во просперитетното село Градина, во близина на сегашната граница со Унгарија.
Тој брзо научил што значи да се биде Евреин во НДХ.
„Одете дома и не се враќајте”
„Мојот прв удар – со главата во ѕид – се случи кога директорот на моето училиште … еден ден побара од одреден број на луѓе, можеби една третина од оние во средното училиште, да се соберат во гимназијата”, раскажа тој.
„На насобраните ученици им рече: ‘Она што сега ќе ви го пренесам, не е мој став; Јас едноставно ги пренесувам одлуките на другите. Вие, а тоа значи Срби, Евреи и Цигани, повеќе не можете да одите во училиште. Значи, земете си ги торбите и работите, веднаш одете дома и не се враќајте”.
Со години подоцна, кога веќе бев средношколец и знаев за искуството на дедо ми од војната, тој ми рече: „Единственото нешто што ме прави Евреин, е мојата еврејска судбина”.
Тој мислеше на холокаустот, збор што првпат го прочитав на насловната страница на една од неговите книги, на која имаше грозна фотографија на еден куп тела. Никогаш не го прашав директно што значи „холокауст”. Тоа го научив патем.
И додека војната се продлабочуваше, семејството Шибер се борело ‘за воздух’.
Леополд Шибер, таткото на мојот дедо, имал продавница во која локалните земјоделци купувале материјали и ги продавале своите производи. Според новите фашистички закони, Хрватите не смееле да работат во неговата продавница и никој не смеел да ѝ помага на неговата сопруга Јулијана, да управува со големата куќа и кујната, во која јаделе и семејството, и вработените.
Наскоро, кај Леополд дошол еден локален усташ, кој побарал од него да му дава поголема сума на пари, што тој тоа го правел секој пат кога усташот доаѓал кај него.
НДХ, повторно по примерот на хитлеровата Германија, во првиот месец од своето владеење, физички ги обележа Евреите, кои морале да носат лента со Давидовата жолта ѕвезда и буквата Ж, ознака за „Жидов”, хрватски збор за Евреин. Оние што ќе ги фателе да не носат лента на раката, завршувале во затвор или во концентрационен логор.
По повеќе од 50 години, како посетител на една изложба за холокаустот во музејот Мимара во Загреб, заедно со мајка ми, неговата ќерка, Славко доживеал шок поради фотографиите на кои биле прикажани убиени Евреи, логори и гасни комори, поради документарните филмови и книги, кои веќе ги имал и видено, и прочитано. Но, тој речиси се онесвестил кога ја видел лентата за раката со Давидовата жолта ѕвезда.
„Тие никогаш не се откажаа од нас”
Лентата за рака и дискриминаторските закони имале за цел изолирање на одредени групи од остатокот од општеството.
Но, на микро план, ова честопати било залудно. Славко раскажуваше дека неговото семејство не изгубило ниту еден од своите пријатели, некои дури и му помагале во тајност на неговата потесно, но и пошироко семејство.
„Тие никогаш не се откажаа од нас”, велеше тој. „Еден од вујковците живееше во област каде што живееше голема Волкдојч (германска) заедница. Морам да кажам дека го третираа како што го третираа и татко ми во нашата област, во која живееше доминантното хрватско население”.
Сепак, на крајот, НДХ дошла по нив. Први на удар биле Србите, кои биле протерани од Градина и од други области, во Србија, во километарски колони.
А на есен во 1941 година, семејството на Славко и другите еврејски семејства биле уапсени и натоварени во сточни вагони, со кои ги однеле во една напуштена мелница, која се наоѓала на околу 70 километри од нивното село. Таму ги држеле една седмица, а потоа без објаснување ги вратиле назад во нивните села и ги предупредиле да не ги напуштаат своите домови.
Еден ден, на почетокот на 1942 година, од еден локален усташки функционер, слушнале дека за следниот ден, било планирано депортирање. Таткото на Славко организирал, неговиот син и неговата ќерка Ема, да се сокријат во мелницата на еден од неговите пријатели, која се наоѓала на околу седум километри од Градина.
Како што подоцна дознав од дедо ми, кога усташите дошле во нивната куќа, тие не знаеле дека неговите родители имаат деца. Тоа им го кажал еден локален усташки симпатизер, бербер, на кого Леополд му помогнал да започне со својата работа и кој јадел во нивниот семеен дом. За среќа, војниците не му обрнале внимание на ова.
Кога неговите родители биле депортирани во Аушвиц, Славко и Ема се сокриле во мелницата.
Ема, која била три години постара од Славко, подоцна им се приклучила на партизаните, а Славко, со лажни документи, заминал во Загреб во трговско и занаетчиско училиште за чираци. Тој таму велел оти е хрватски Германец кој ги загубил своите родители во војната. По два месеца, Славко ја завршил обуката за чираци.
Мојот дедо си спомнуваше за неговото доаѓање во главниот град и за атмосферата на страв и несигурност, и за сиромаштијата што го чекала.
Сите знаци на присуство на Евреите во градот биле избришани, а нивната продавница ја презеле „лојалните” граѓани – Хрвати, Бошњаци и Германци.
„Секој можеше да влезе во сечија куќа и да украде што сака или да убие кого сака”, раскажуваше дедо ми.
Во неговите сеќавања беа врежани слики на мртви луѓе обесени по бандерите долж трамвајската линија до предградието Дубрава. Меѓу оние што усташите ги уапсиле и обесиле, без некое очигледно злосторство, бил и еден негов познаник од Словенија.
Антифашистички агитатор
Тајната не го спречила дедо ми, да им се спротивстави на властите. Набргу по доаѓањето во Загреб, Славко формирал група во училиштето за обука, која се жалела на квалитетот на храната што ја јаделе.
Учениците работеле на училишната фарма за време на викендите, произведувајќи храна за сопствени потреби, но училишниот персонал им ги крадел добрите производи, оставајќи ги учениците да јадат супа со црви, се сеќаваше мојот дедо.
Далеку поризична била одлуката на Славко да соработува со загребската антифашистичка комунистичка младина, која дистрибуирала летоци и изведувала мали саботажи како дел од антифашистичката борба.
Според приказната на Славко, по завршувањето на обуката, како чирак го зел еден еден „висок, убав и добро облечен човек”.
Неговото име било Мурат Ризванбеговиќ, познат трговец кој имал дуќан на главниот плоштад во градот. Ризванбеговиќ добро се однесувал со својот чирак, кого го поставил да управува со продуктите во подрумот.
Иако живеел опасен живот на еден млад антифашистички агитатор, за Славко работите неколку месеци оделе добро.
Но, неколку недели по поразот на Германија во битката за Сталинград, во зимата 1943 година, Ризванбеговиќ го викнал Славко да слезе во подрумот. Претпоставувајќи дека сака да помине низ книгите, чиракот ја отворил фиоката со документи и го прашал својот газда кој производ го интересира. „Ниту еден”, одговори Ризванбеговиќ, “Не ни треба тоа; ние треба да разговараме“.
„Ме праша кога починал мојот татко. И кога почнав да му ја раскажував истата приказна од претходно, ми рече: ‘Лажеш’“.
Дедо ми бил преплашен. Ризванбеговиќ бил заменик претседател на усташкото хрватско-муслиманско здружение и бил поврзан со највисоките усташки функционери.
„Размислував да земам метална шипка и да го удрам по главата”, раскажуваше дедо ми. „Еден Евреин, како мене, веќе следниот ден ќе висеше на бандера во Дубрава”.
Ризванбеговиќ му кажал оти некој трговски патник му кажал за неговите родители и каде тие завршиле. Но, тој му нагласил оти неговата тајна е безбедна и оти тој мора да внимава да не привлекува внимание на себе. Ризванбеговиќ додал дека има „слабост” кон Евреите, бидејќи својата работа ја научил од Евреите што му ја оставиле продавницата.
Дедо ми знаел дека тоа е лага: Евреите што биле сопственици на продавницата, биле одведени во концентрационен логор, а Ризванбеговиќ им се придружил на усташите за да стане нејзин нов сопственик.
„Дали навистина беше толку хуман?”, се прашуваше Славко. „Факт е дека тој го ризикуваше својот живот, бидејќи можеа да ме откријат, тој човек (трговскиот патник) можеше да каже дека му кажал за моето минато. Или тој донел таква одлука поради поразот на Германија во Сталинград, кој сите го сметаа за почеток на крајот на Германија“, додаде тој.
„Сакам да мислам дека едоставно беше хуман”
„Го спаси целиот мој свет”
Славко, кој по војната работел во фабрика, а потоа ја продолжи кариерата во областа на осигурувањето, па во политиката и во спортот, честопати велеше оти фактот дека некој направил добро дело, е поважен од прашањето, зошто тој тоа го сторил.
Луѓето се сложени. Ништо не е црно или бело, тука има многу нијанси. Усташки профитер му помогна на еден Евреин, ризикувајќи ја својата положба и привилегии.
Алергичен на расизам и на национализам
Иако од еврејско потекло, дедо ми ѝ се придружи на еврејската заедница дури во 90-тите години, веројатно во знак на личен протест против растечкиот национализам во Хрватска. Сепак, тој не беше многу активeн член и не учествуваше во религиозните церемонии, но, за фондацијата Шоа, говореше за своите искуства за време на холокаустот, со цел да даде придонес за идните генерации.
Некои беа изненадени кога, како политичар во осумдесеттите години и сѐ уште позната личност и по пензионирањето во 2000 година, јавно критикуваше некои израелски политики кон Палестинците.
Славко, во 1982 година, објави јавно писмо, во кое ги осуди злосторствата на Либанците христијани, над Палестинците и шиитите во бегалските кампови на Сабра и Шатила во Бејрут, како и улогата на Израел во овој масакр. Во 2002 година повторно ја критикуваше политиката на Израел, особено тогашниот премиер, Ариел Шарон.
„Како Евреин, јас сум должен најостро да ја осудам секоја глупост направена во името на Евреите и политиката на Шарон кон Палестинците“, изјави тој во интервју за хрватски „Национал“ во 2003 година.
„Му напишав на Шарон како член на семејство, кој загубил 37 од 42 членови поради усташите. Поради моите покојни и моите спомени на нив, јас не можам да ја прифатам улогата на Шарон во масакрот во Сабра и Шатила, а тоа е нешто што многу луѓе едноставно не го разбираат“.
Кога во 80-тите бил во посетата на Вашингтон, Славко се сретнал со некој градски или државен функционер, чие име не го знам. Мојот дедо му рекол дека Вашингтон е „многу убав град“, а тој му одговорил дека би бил уште поубав „да ги нема сите тие црнци“.
Мојот дедо тогаш збеснал и му одговорил: „Од сите ваши имигранти, тие се единствените кои дојдоа на овој начин“ и ги ставил рацете како да се поврзани со синџири.
Ова е приказната што ми ја пренесе дедо ми, и затоа Ризванбеговиќ заслужува да биде Праведник меѓу народите, што е почесен израз за неевреите кои ги ризикувале своите животи за време на холокаустот, за да ги спасат Евреите од истребување.
Не е клише дека оној кој спасил еден живот, го спасил целиот свет. Ризванбеговиќ го спаси целиот мој свет.
Тој, за време на војната, не го пријавил мојот дедо, дури и кога нашол пиштол под неговата перница.
Ризванбеговиќ, недолго по поразот на усташите и влегувањето на партизаните во Загреб во 1945 година, бил уапсен како усташки соработник и најверојатно би биле егзекутиран, да не бил мојот дедо. Славко им кажал на властите дека овој трговец го криел повеќе од две години. Ризванбеговиќ добил полесна затворска казна, а потоа целото негово семејство си заминало од Југославија.
Сепак, ова не е Холивуд. Нема среќен крај. Мојата прабаба, мајката на Славко, Јулијана, била убиена во Аушвиц II Биркенау. Неговиот татко, Леополд, живеел речиси до крајот на војната, кога го испратиле во марш на смртта – принудно движење на затворениците од еден до друг концентрационен логор.
Тој пристигнал во Гармиш Партенкирхен во Баварија, каде што бил застрелан, по што починал. Неговите останки ги погребале сојузничките сили во заедничка гробница во концентрациониот логор Дахау.
Неколку години подоцна, дедо ми и неговата сестра, во Дахау поставиле спомен-плоча, за да го одбележат гробот на своите родители, иако Јулијана не била таму погребана.
Семејството на Славко, и од страната на мајка му, и од страната на татко му, било речиси во целост сотрено. За време на војната, од 42 членови на семејството, биле убиени 37.
Како вистински антифашист, комунист, атеист и Југословен, дедо ми, сепак, беше свесен дека околности во кои се наоѓал (или судбината, ако сакате), му помогнале да го формира својот поглед кон светот. Тоа најверојатно ме одреди и мене како човек, од мојата политика, преку мојата работа, до мојата опсесија да се бавам со проблематични прашања, што понекогаш ги вознемирува и им претставува товар и на моето семејство, и на моите пријатели.
„Јас еднаш прашав еден политичар: ‘Кој може да каже дека можеби не би бил симпатизер на усташите, ако партизаните ги убиеја сите во моето семејство“, си спомнуваше Славко.
„Тоа не можам да го кажам, но знам дека сум целосно поврзан, крвно, со едната страна. Станав левичар, бидејќи другите ги убија сите мои. Тоа е нешто што никој не може да ми го одземе“.
Свен Милекиќ е докторант на Универзитетот Мајнот, финансиран од ирскиот истражувачки совет во рамките на постдипломската програма на Владата на Ирска.
Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво мислења на авторот и не ги одразуваат ставовите на БИРН.