Регион

Комисии на РС за истражување на воените злосторства: Потрага по факти или прекројување на вистината

Формирањето на двете нови комисии од страна на босанскиот ентитет, Република Српска, со задача да ги истражат воените злосторства во Сребреница и во Сараево, беше критикувано како обид за искривување на вистината и за прикривање на улогата на Србите во злосторствата

Двете контроверзни комисии формирани од Владата на Република Српска (РС), со цел да ги истражат воените злосторства во Сребреница и во Сараево, ќе го одржат својот прв состанок на крајот од март, и покрај големата загриженост што ја изразија меѓународните експерти, дипломатите и бошњачките организации на воените жртви, дека нивната цел е всушност прекројување на историјата.

Членови на овие две комисии – Независната меѓународна комисија за истражување на страдањата на сите народи во регионот на Сребреница во периодот 1992-1995 година и Независната меѓународна комисија за истражување на страдањата на Србите во Сараево во периодот 1991-1995 година, се различни меѓународни академици. Како овие комисии ќе работат и која методологија ќе ја користат, засега не е познато.

Милорад Којиќ, директор на Републичкиот центар за истражување на војната, воените злосторства и тргање по исчезнатите лица на Владата на РС, вели дека целта на комисиите е „само да се утврди вистината”.

„А вистината може да биде само една. Ова се меѓународни комисии кои ќе работат без притисоци и очекуваме да ја утврдат вистината“, изјави Којиќ за БИРН.

Сепак, минатата недела, триесет и еден меѓународен експерт за конфликтите во поранешна Југославија, упатија отворено писмо, во кое се вели дека формирањето на комисиите од страна на РС, повеќе личи на обид за ревидирање на утврдените вистини и „дека претставува кулминација на негирањето на геноцидот и на историскиот ревизионизам, кои се приутни повеќе од една деценија, од страна на Владата (на Сојуз на независни социјалдемократи, СНСД) на РС-а“.

Директорот на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Српска, Бранко Тодоровиќ, вели оти единствена цел на комисиите е да се ослободат од вина Србите, за кои се тврди дека се одговорни за воени злосторства.

„Целта е да ѝ се овозможи на власта која вршеше злосторства да се оправда и злосторствата да се релативизираат, да се минимизираат и да се фалсификуваат или да се оправдаат, и тоа не е цел само на овие комисии, туку и на активностите на сите владејачки структуру во Босна и Херцеговина, во овие 20 и кусур години“, изјави Тодоровиќ за БИРН.

Фокусот ставен на страдањата на Србите

Судница на Хашкиот трибунал. Фото: МКТЈ

Меѓународниот суд на правдата, Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и Судот на БиХ, ги класифицираа масовните убиства на повеќе од 7.000 мажи и момчиња од Сребреница, кои во јули 1995 година ги извршија силите на босанските Срби, како геноцид.

Сепак, властите на РС и владејачките политичари во Србија, постојано одбиваат да прифатат дека масакрите претставуваат геноцид.

Владата на РС во 2004 година, го усвои извештајот на Комисијата за настаните во и околу Сребреница од 10-19 јули 1995 година, кој потврди дека силите на босанските Срби убиле илјадници Бошњаци и оти егзекуциите претставуваат сериозно кршење на хуманитарното право.

Сепак, овој извештај, минатата година, на посебна седница на Народното собрание на Република Српска (НСРС), беше поништен. Претседателот на РС, Милорад Додик, кој беше иницијатор на седницата, изјави оти документот содржи „лажни информации” и оти е составен под притисок на тогашниот висок претставник во БиХ, Педи Ешдаун.

Додик истакна дека злосторствата во Сребреница биле преувеличени „со намера да се сатанизираат Србите”.

Според Којиќ, работа на Комисијата за Сребреница, не е само да ги согледа случувањата во „седумте или деветте денови од јули 1995 година (кога силите на босанските Срби ги егзекутираа Бошњаците), туку сѐ што се случувало во регионот на Сребреница 1992-1995”.

Кога наложи да се изготви нов извештај, НСРС соопшти оти тој треба да ги нагласи „страдањата на Србите во и околу Сребреница”, но и злосторствата над Бошњаците.

Сепак, американската амбасада во Сараево соопшти дека пресудите на меѓународните судови не можат да се доведуваат во прашање.

„Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија заклучија дека во Сребреница е извршен геноцид. Потребно е секој да ги почитува овие судски одлуки, смело да се соочи со минатото и да ја прифати вистината, без разлика колку е таа болна“, истакнаа од амбасадата на САД.

Од Меѓународната комисија за исчезнати лица (МКИЛ), нагласија оти формирањето на комисиите не може да влијае на фактите за бројот на жртвите, чии останки се пронајдени и идентификувани.

„Повеќе од 8.000 лица се пријавени за исчезнати по падот на заштитените подрачја на ООН, во Сребреница и во Жепа, во јули 1995 година. Од тој број, 6.979 лица се идентификувани со ДНК анализа, а само 84 лица се идентификувани пред МКИЛ да почне да го применува процесот на идентификација со ДНК анализа во 2001 година“, велат за БИРН од МКИЛ.

„Утврдувањето на идентитетот се базира на сигурност од најмалку 99,95 проценти. Идентитетот на огромното мнозинство исчезнати лица од Сребреница и од Жепа е научно и дефинитивно потврден“, истакнуваат од МКИЛ.

Којиќ, сепак, негира дека намерата на Владата на РС е да ја намали сериозноста на военото насилство.

„Обвинувањата дека Владата на Република Српска сака да го минимизира злосторството во Сребреница, се бесмислени”, нагласи тој.

Полувистини и негирање на геноцидот

Жена жали на еден од гробовите во Сребреница

Владата на РС го назначи израелскиот историчар и истражувач на холокаустот, Гидеон Грајф,  професор по еврејска и израелска историја на Универзитетот во Тексас, за шеф на комисијата за Сребреница.

„Наша цел е вистината и има само една вистина, нема две вистини за Сребреница. Ќе ги вложиме сите напори да ја пронајдеме таа вистина“, изјави Грајф за Радио телевизија Република Српска, на почетокот на овој месец.

Во комисијата за Сребреница ќе биде и Аденрело Синаба, нигериски експерт за терористичката организација Боко Харам. Тој за медиумите во БиХ, во октомври 2018 година, изјави дека ова е чекор кон „доаѓање до вистината, со објективни наоди и помирување меѓу народите“.

Сепак, некои членови на комисијата, во минатото изразуваа просрпски или антиисламски мислења, или даваа изјави дека масакрот во Сребреница не е геноцид.

Така, членот на комисијата за Сараево, Рафаел Израел, професор на Хебрејскиот универзитет во Ерусалим, во 2011 година, за српскиот весник „Печат“, изјави дека „единствен докажан геноцид е холокаустот, кој е обид за систематско истребување на цел народ”.

Поранешниот офицер на француската војска, Патрик Барио, исто така, член на комисијата за Сараево, во Хашкиот трибунал, беше сведок на одбраната на српскиот претседател, Слободан Милошевиќ, како и на воениот водач на бунтовниците, хрватски Срби, Милан Мартиќ. Барио за време на судскиот процес против Милошевиќ изјави дека Србите само се бранеле од исламскиот тероризам. Тој подоцна стана и коавтор на книга во која овој судски процес е опишан како „обвинение против српскиот народ”.

Во отвореното писмо, меѓународните експерти изразуваат сомнеж во кредибилитетот и непристрасноста на комисиите, наведувајќи дека комисијата е составена од „елементи од страна, поединци кои не ги претставуваат ставовите на консензус на академските и на правните заедници, избрани да произведат наративи кои ќе ја зајакнат ревизионистичката политика на актуелната Влада на РС”.

Којиќ, сепак, смета дека бошњачките политичари во Сараево, настојуваат да го спроведат својот наратив за конфликтот 1992-1995, уште од самиот негов крај.

Тој нагласува дека „во политичко Сараево, вистината е утврдена во 1996 година, и оттогаш постои обид (секому) да се наметне”.

Којиќ признава дека е малку веројатно дека властите на Сараево ќе соработуваат со комисијата што ги истражува насилствата во главниот град на Босна и Херцеговина, кој силите на босанските Срби за време на војната го држеа под опсада.

„Јас, сепак, ги повикувам да соработуваат и ако имаат документација која оди во прилог на нивната теза, да ѝ ја достават на располагање на комисијата. Тие бегаат од вистината, сакаат со криење на документацијата, со медиумско известување, со неадекватни судски постапки, да ја одржат лажната теза“, изјави Којиќ.

Тој додаде дека двете комисии ќе се бават и со начинот на кој медиумите известувале за време на војната во БиХ и „создавале слика во меѓународната јавност, за исклучива одговорност на Србите (за злосторствата)”.

Извршниот директор на Меѓународната комисија за транзициска правда, Фернандо Травеси, вели дека има комисии, формирани од страна на владите, кои само привидно имаат за цел да трагаат по вистината.

„Некои влади, кои немаат вистински интерес да се спроведе правдата, одговорноста, репарациите и реформите кои суштински се занимаваат со последиците од кршењата на човековите права или со историските причини на насилството, научиле да си играат игра и да го користат јазикот на транзициската правда, со цел да ја задоволат меѓународната заедница или да прикажат дека ги следат меѓународните стандарди. Нивните вистински цели, сепак, се во спротивност со целите на транзициската правда“, вели Травеси.

Поранешниот судија, Вехид Шехиќ, истакнува оти најголем проблем во БиХ е што никој (од трите народи во БиХ – Бошњаците, Хрватите и Србите) не сака вистински да се соочи со минатото, врз основа на фактите утврдени од страна на судовите.

„Во БиХ секогаш има три вистини, а може да има само една вистина … и всушност тоа се полувистини, кои понекогаш можат да бидат погубни повеќе од лагата”, заклучува Шехиќ.