Истражувањa

Компании чекаат во ред за да градат покрај Илинденска

Бетонот не крева прашина додека е на хартија, а потоа е доцна

Веќе деветта година, луѓето што патуваат покрај пространите тревници и дрвореди до булеварот Илинден во Скопје, во правец од Зоолошката градина кон салата „Борис Трајковски“, всушност гледаат во плацеви за згради. Деталниот урбанистички план од 2012 година, сѐ уште важечки, врз овој зелен простор покрај расадниците на Јавното претпријатие Паркови и зеленило предвидува 12 деловни објекти по шест или седум ката, со можност да бидат и станбено-деловни.

На некои од минувачите можеби овој податок им е познат, на други не, но за него воопшто не се разговара во јавноста, иако е факт речиси една деценија. „Бетонизацијата“, како што често се нарекува градењето врз зелени простори или отворени површини, вообичаено станува тема кога ќе се уплатат комуналиите, ќе се издадат градежните дозволи или ќе се околчи просторот за градба.

До кога бетонот покрај Илинденска ќе остане само на хартија, не е познато. Во моментов не може да се гради поради административни пречки, поради кои треба да се промени ДУП-от. Но, барем три градежни компании веќе фатиле позиции на теренот и чекаат можност да ги донесат булдожерите. Во новиот ДУП ќе треба да се земат предвид и нивните стекнати права. Токму таквите права досега се покажаа како јажето што им ги врзува рацете на градоначалниците.

Закочен ДУП

Дванаесет згради поделени во шест блока се предвидени покрај булеварот Илинден

Актуелната гарнитура скопски градоначалници често беше мета на критики во целиот свој мандат бидејќи со недоволен успех (или, во некои случаи, без никаков успех) го исполнуваа ветувањето дека ќе се справат со густата градба и ќе ги ревидираат ДУП-овите. Ова се однесуваше, пред сѐ, на зоните што се во и околу центарот на градот, во општините Кисела Вода, Центар, Аеродром и Карпош.

Во сите нив се градеше интензивно во мандатот на претходните градоначалници и се подготвуваа ДУП-ови што се исполнуваа желбите на градежните инвеститори. На сметка на тоа страдаше зеленилото, се зголемуваше густината на населението, а со тоа и притисокот врз инфраструктурата, паркинзите, училиштата, јавните услуги итн.

Стекнатиот приватен интерес и страв од тужби за отштета беа главните фактори што ги премислуваа првите луѓе на општините во своите намери да ги намалат предвидените габарити за градба. Но, и на места каде што таков интерес не постои, промените се случуваат бавно. Досега е пренаменет само тревникот пред Олимпискиот базен, каде што со стариот ДУП требаше да има хотел на осум ката, но бидејќи земјиштето е државно, планот се смени и Град Скопје на местото изгради памп-трак полигон.

Просторот покрај Илинденска е едно од местата што и натаму чекаат промена. Во ДУП-от, дванаесетте згради се поделени во шест блока. Вкупно треба да се гради на околу 17 илјади квадратни метри, простор поголем од три фудбалски игралишта. Сите може да имаат по шест ката, освен таа на аголот, каде што се дозволени седум.

Една третина од оваа градежна зона, односно четири од предвидените 12 згради се на државно земјиште. Тука нема приватник што би бил оштетен и би тужел ако се смени планот. Тогаш, зошто се чека?

Градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев вели дека нов план се изработува од пред неколку години, но процедурата е бавна и тој сѐ уште не е готов.  Не знае, вели, кога ќе заврши таа постапка.

Според него, овој простор засега не може да се претвори во нова градежна зона бидејќи ДУП-от не е усогласен со регулацискиот план на Генералниот урбанистички план. Попрецизно – има проблеми со тоа како е предвидена уличната мрежа и затоа треба да се преправи ДУП-от.

„Поради тоа, таму не може да се издаваат одобренија за градба. Нема ниту барања, досега никој не побарал“, вели Богоев.

Државни, приватни и денационализирани плацеви

Зелениот појас покрај расадниците може да стане градежен појас | Фото: БИРН, Г. Трпковски

Тоа што никој не побарал градежна дозвола од 2012 година досега за тоа место, не значи дека нема интерес за градење. Напротив, неколку градежни компании – ЗСФ Ком, Мадал Бал и СМС Шопс веќе станале целосни или делумни сопственици на некои од површините за градба. Станува збор за познати компании кои веќе имаат градено на повеќе локации низ главниот град.

Дел од парцелите се во сопственост на приватни лица. На просторот има неколку помали куќи и земјишта вратени со денационализација на потомците на старите сопственици. Некои од градежните компании на тој начин ги стекнале своите имоти.

„Ние имаме три парцели, кои ги купивме пред околу четири години. Ги купивме од приватни сопственици што го добиле земјиштето со денационализација. Не сме ја купиле земјата од државата“, вели Зоран Божинов, управителот на „Мадал Бал“, фирмата со најголем имот на овој потег.

Тој додаде дека ги купиле земјиштата со намера да ги изградат објектите што се предвидени на нив, но засега немаат никакви планови да почнат, бидејќи поради грешките во планот, не може да се издаваат градежни дозволи.

„Треба да се променат улиците. Кога ќе се случи тоа, ќе можеме да правиме планови, засега не можеме“, додаде Божинов.

Непознато е дали и за четирите државни парцели на овој простор има постапки за денационализација, и дали е можно и тие да станат приватни додека се изработува новиот детален урбанистички план. Ако се случи тоа, ќе се пропушти можноста за намалување на градењето и таму каде што рацете се одврзани.

Паркингот кај „Холидеј ин“, тревникот кај Мајчин дом во Аеродром, Мексиканскиот парк во Тафталиџе се само неколку примери во кои зградите се оставаат да спијат во ДУП-овите додека некој инвеститор не ги разбуди. Тогаш се сензибилизира и дел од јавноста и врши притисок врз институциите да сторат нешто. Но, судејќи според дел од овие примери, се завршува онака како што сакаат инвеститорите.