Само неколку неодамнешни филмови за холокаустот, предизвикаа толку многу критики и толку многу цврсти мислења, од причини кои речиси воопшто немаат врска со самиот филм.
Дури и пред проекцијата на новиот филм на Предраг Антонијевиќ „Дара од Јасеновац“, во неговата родна земја, Србија, филмот се најде во центарот на бројни критики на британските и на американските филмски критичари, кои имаа список забелешки.
Системот на логорот Јасеновац беше формиран во август 1941 година од хрватското фашистичко усташко движење. Како резултат на расните и другите дискриминаторски закони, над 83.000 Срби, Роми, Евреи и антифашисти, беа убиени во него.
Рецензентите го отфрлија филмот како груба српска националистичка пропаганда, како „расчистување на стари сметки“ со антихрватски и антикатолички предзнак и како историски ревизионизам. Еден критичар отиде дотаму што изјави дека филмот воопшто и не требало да биде снимен.
Филмските прикази на насилството во логорот – и наводниот инцест – особено предизвикаа презир.
„Дара од Јасеновац“ го прикажува секојдневието во концентрациониот логор Јасеновац, од гледна точка на десетгодишното девојче, Дара Илиќ. Таа е уапсена заедно со нејзиниот постар брат, со нејзината мајка и двегодишниот брат Буда, откако усташите и германските војници ги опколуваат српските цивили на Козара.
Нејзиниот татко како затвореник веќе се наоѓа во Јасеновац. Тој работи како гробар на местото за егзекуција во Градина, знаејќи дека еден ден ќе го ископа и сопствениот гроб. Непосредно пред да пристигнат во женскиот и во детскиот дел од логорот Стара Градишка, нејзината мајка и постариот брат се убиени.
Во продолжение на филмот, приказната се фокусира на решеноста на Дара да го одржи ветувањето што ѝ го дала на нејзината мајка: дека таа никогаш нема да дозволи да ја одделат од нејзиниот помлад брат, дури и кога тој станува сѐ послаб, а заменските мајки во логорот се или убиени, или префрлени во Германија на присилна работа.
И покрај тврдењата на многу критичари, во овој филм има малку докази за националистичка агенда.
Напротив, во првата сцена, една млада хрватска селанка спасува бебе од колоната затвореници на пат кон концентрациониот логор, со горчина осудувајќи ја нечовечноста на усташите кон српските жени и деца. Така, од самиот почеток, филмот експлицитно прави разлика меѓу обичните хрватски граѓани и усташкиот режим.
Во филмот не се игнорираат ниту страдањата на Евреите и Ромите во логорот. Така, меѓу трубачите кои свират на забава на персоналот на логорот, има еден Ром, а Ромки се присутни и меѓу затворениците во логорот, додека двата најважни споредни ликови во филмот се Евреи.
Точно е дека филмот се фокусира на животот на српските жени и деца во логорот, но повеќето од затворениците во Јасеновац-Стара Градишка беа Срби. Ова, од своја страна, го одразува фактот дека усташкото движење го сметало уништувањето на Србите како народ, како негова главна цел за градење на нацијата, без кое, како што се верувало, хрватската држава не би била одржлива.
Поразумните критичари велат дека филмот прикажува антикатоличка пристрасност, тврдење најверојатно засновано на споредната улога на бездушната калуѓерка во логорот.
Дел од Католичката црква во Хрватска имаше срамна улога во прогонот на Србите: покрај неславниот свештеник, Мирослав Филиповиќ-Мајсторовиќ, кој се појавува како спореден лик во филмот, бројни свештеници, монаси и ученици по теологија, беа чувари во концентрационите логори.
Меѓутоа, додека некои калуѓерки имаа незавидна репутација поради нивната суровост кон српските деца, особено во детскиот камп Јастребарско, ниту една од нив не беше стационирана во Јасеновац или Стара Градишка.
Соочување со ужасот
Се чини дека продуцентите на филмот зеле вистински настани од разни логори и сите ги преточиле во искуството на Дара и на нејзиниот брат.
Потретот на хрватскиот надбискуп, Алојзије Степинац, закачен покрај портретот на Анте Павелиќ, врховниот водач на државата, на ѕидот од училницата во која калуѓерката ги индоктринира децата со усташката идеологија, е спорна.
Имено, без оглед на тоа колку морално нестабилен бил Степинац и колку не заслужува светост, тој бил доста непопуларен меѓу усташите и режимот немал доверба во него. Затоа, малку е веројатно дека неговиот портрет би стоел покрај портретот на Павелиќ.
А дали е ова доказ за антикатолицизам, тоа е сосема друго прашање.
Треба да се има на ум дека „Дара од Јасеновац“ е игран, а не документарен филм; поврзувањето на настаните и ликовите за драмски цели, е стандарден дел од филмската конвенција. Сепак, тоа е вид на грешка што требаше да се избегне.
Слични забелешки има и за костимографијата.
Јасно е дека костимографот, Иванка Крстовиќ, внимателно проучувала фотографии на затворениците во логорот. Но, костимите на жените, чувари во логорот, како што е историската личност, Нада Таниќ-Лубуриќ, се помалку успешни.
Некои од најострите критики се однесуваа на сцената со забавата, кога затворениците се принудени да играат музички столици, а оние што ќе изгубеа беа давени. Оваа сцена, придружена со сцената на водење љубов помеѓу Таниќ-Лубуриќ и нејзиниот колега, подоцна сопруг, и командант на Јасеновац, Динко Шакиќ – а не, како што тврди еден критичар, нејзиниот полубрат – се чини непотребна.
Сепак, овие сцени имаат малку повеќе смисла кога ќе се разбере намерата на Антонијевиќ.
Тој сака да ги соочи гледачите со ужасот на Јасеновац: со тоа, тој ги прави соучесници воајери и не им дозволува да го одвратат погледот. Морничавата забава, со сцената во која млад германски офицер повраќа, додека неговиот претпоставен потсмевајќи се вели, „Добредојдовте на Балканот!“, е чист театар на Буњел.
Иако вакви инциденти несомнено се случувале во Јасеновац, прашање е дали на нив присуствувал и усташкиот командант на системот концентрациони логори, Вјекослав Макс Лубуриќ.
Исто така, иако германските власти редовно изразуваа гадење од крволочната природа на усташките злосторства и одвреме-навреме ги посетуваа усташките концентрациони логори, нема докази дека присуствувале на тие злосторства. Црниот хумор со непријатност лежи во оваа мачна приказна на филмот, но воедно дава и контекст на она што следи.
Сепак, актерската изведба е она што, на крајот, го држи филмот. Иако актерот, Марко Јанкетиќ, е многу поубав од вистинскиот Лубуриќ, тој успева со неверојатна прецизност да ја долови неговата социопатска, застрашувачката агресивност. Од друга страна, Јелена Грујичиќ, која игра еврејска медицинска сестра која се спријателува со Дара, му дава храбро морално јадро на филмот.
За разлика од понекогаш карикатурното прикажување на персоналот во логорот, филмот потресно ги истражува невкусните и сложени морални компромиси, кои затворениците во концентрациониот логор, во чекалната на смртта, биле принудени да ги прават, при што камерата одблиску ги прикажува болните изрази на нивните лица.
А, пред сè, тивката, достоинствена изведба на Билјана Чекиќ, која ја игра улогата на Дара, која е решена да го спаси својот помал брат и да не се одвојува од него, го носи самиот филм. До последниот неизвесен момент, ние сме емотивно погодени од нејзината судбина; до последен момент е нејасно како ќе заврши нејзината приказна.
Можеби заслугите и недостатоците на овој филм се помалку важни од она што филмот претставува. И покрај сите свои недостатоци, „Дара од Јасеновац“ е важен пробој кој им дава референтна точка на регионалните режисери, кои сакаат да снимаат сериозни комерцијални филмови за војната во Југославија, фокусирани на жртвите.
Во четирите кратки, катаклизмични години од своето постоење, Независната Држава Хрватска имаше големо влијание врз милиони обични луѓе, како и врз генерациите по нив. Во архивите има толку многу приказни за искуствата на поединци во тие години на терор, приказни на Срби, на Евреите и на Роми, но и на Хрвати и Бошњаци, кои само чекаат да бидат раскажани.
Доколку филмот, „Дара од Јасеновац“, успее да ги охрабри режисерите да раскажат некоја од овие приказни, сигурно ќе остане запаметен по тоа, а не по бројните остри критики.
Рори Јеоманс е историчар и автор на книгата „Visions of Annihilation: the Ustasha Regime and the Cultural Politics of Fascism, 1941–1945“, како и на делото кое допрва треба да биде објавено „The City of the Dead: War and Martyrdom in Fascist Croatia“.
Ставовите изразени во овој коментар се ставови на авторите и не ги одразуваат нужно и ставовите на БИРН.