Истражувањa

Ќор-сокакот во односите меѓу Србија и Косово овозможува избегнување на правдата

Србија и Косово меѓусебно станаа засолниште за криминалците, што им овозможува на осомничените за убиство, на дилерите на дрога и на лицата кои тргуваат со човечки органи, со преминување на границата, да ја избегнат правдата.

Фаит Беилеј, Крешник Гаши, Јелена Ќосиќ, Сербезе Хаџиај 

Кога во 2016 година, косовскиот лекар, Лутфи Дервиши, и неговиот син, Арбана, требаше да се јават во затвор на издржување на казната, на која беа осудени поради брутални повоени злосторства, од нив немаше ниту трага, ниту глас.

Косовската полиција верува дека овој уролог и неговиот син, осомничени за управување со мрежа на трговија со човечки органи, на клиниката Медикус во Приштина, на кои во моментов повторно им се суди, ја преминале границата и заминале во Србија, открива БИРН.

Со ова бегство, тие станаа дел од оние кои избегнуваат да платат кауција или да отслужуваат казна затвор, користејќи ја несоработката во областа на безбедноста меѓу Србија и Косово, кое во 2008 година прогласи независност, која Белград не ја признава.

На хартија, иницијативите на ЕУ и ООН требаше, меѓу овие две земји, да го отворат патот за полициска соработка, за размена на разузнавачки информации и за признавање на меѓународните потерници.

Но, во пракса, осомничените за убиство и дилерите на дрога, успеваат, со преминување на границата, да ја избегнат правдата, поради сознанието дека досега немало случај на екстрадиција меѓу Косово и Србија. Така, лекарка осомничена за нелегално вештачко оплодување во Косово, откако успеа да ѝ побегне на полицијата, понуди слични услуги и во Србија.

И семејствата на лицата што исчезнаа во конфликтот во Косово, се жалат дека нивната потрага по најблиските и по правдата, значително е отежната, токму поради немањето соработка меѓу овие две земји.

Министерството за правда на Србија, полицијата на Косово и Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, велат оти во изминатите години имало редовен проток на информации меѓу Приштина и Белград. Сепак, разговорите со претставниците на косовските институции и на ЕУ, како и разговорите со аналитичарите кои го проучуваат ова прашање, покажуваат дека овој процес е значително отежнат и оти ретко завршува со одлучна акција.

Ова е главно последица на фактот дека Србија одбива, па макар и молкум, да ја признае независноста на Косово, но, исто така, и резултат на недовербата и акумулираното непријателство, објаснуваат аналитичарите.

„Недостатокот на соработка во врска со правните и безбедносни прашања, нè тера да продолжиме да ги набљудуваме двете држави како „безбедно засолниште” за криминалците”, вели за БИРН Флоријан Чехаја, од косовскиот Центар за безбедносни студии.

Засолниште за осомничените трговци со органи

Лутфи Дервиши ги негираше обвинувањата дека водел мрежа на илегална трговија со органи, пред Основниот суд во Приштина. Фото: kallxo.com

Во март 2016 година, Апелацискиот суд во Приштина, ја потврди првостепената пресуда со која Луфти Дервиши, и неговиот син, Арбан, беа прогласени за виновни за нелегална трговија со органи во злогласната клиника Медикус во Приштина.

Им беше наложено да се јават на издржување на подолгите затворски казни, поради отстранување на органи на жртви заради трансплантација која се вршела во денес озлогласената клиника во Приштина, по што урологот и неговиот син исчезнаа.

Не е познато како тие избегале од Косово, но полицијата во Приштина смета дека ја преминале границата со Србија, и покрај постоењето на „црвена потерница”, што ја издаде канцеларијата на Интерпол при Мисијата на ООН во Косово.

„Според информациите со кои што располагаме, тие биле на територијата на Србија, каде се криеле од правосудниот систем на Косово”, изјави за БИРН, портпаролот на косовската полиција, Даут Хоџа.

Сепак, останува нејасно дали оваа информација им е пренесена на надлежните во Србија, бидејќи ЕУЛЕКС, УНМИК, но и министерствата за правда на Србија и на Косово, одбија да одговорат на нашите прашања.

Кога Врховниот суд на Косово наложи обновување на постапката, Лутфи Дервиши, во јануари 2017 година, повторно влезе во Косово. Тој набрзо беше уапсен. Полицијата верува дека Арбан сé уште е во Србија.

Постапката за Лутфи Дервиши беше обновена во јули 2017 година.

Потрага по лекарката во бегство

Ѓина Зеќири најде засолниште во Србија, откако полицијата на Косово и ја претресе клиниката во Приштина. Фото: БИРН Косово

Лекарката, Ѓина Зеќири, гинеколог и основач на клиниката Глобал хоспитал во Приштина, специјализирана за вештачко оплодување, исто така, ја искористи дупката во законот, за да ја избегне правдата.

Семејствата на воените жртви чекаат одговори

Во селото Доњи Суви До во близина на Митровица, форензички тимови, продолжуваат да ги истражуваат масовните гробници, барајќи одговори за семејствата на исчезнатите лица.

Бајрам Ќеркини го бара својот син од 1999 година. Тој имал 30 години кога бил киднапиран од српските сили во центарот на Митровица. Ќеркини, веќе долго време е претседател на Здружението на семејства на исчезнатите лица, но во 2017 година, ги здружи силите со Милорад Трифуновиќ, Србин од Косово, со кого формираа Ресурсен центар за исчезнати лица.

И двајцата го спомнаа недостигот на комуникација меѓу Србија и Косово како фактор што ги спречува да ги пронајдат членовите на нивните семејства, но и другите лица што исчезнаа во војната.

„Се споивме како семејства на Албанци, Срби, Роми и Ашкали, за да ја побараме вистината за нивната судбина. Но, не можеме сами да направиме многу, без соработка на двете страни (Белград и Приштина)“, вели Ќеркини.

Неговиот колега, Трифуновиќ, со истото незадоволство говори за потрагата по неговиот брат, кој исчезнал во 1999. Тој имал 32 години и исчезнал еден ден пред својата венчавка.

„Има 1.658 исчезнати лица и чекаме да дознаеме каде се. Петстотини шеесет од нив се Срби„, вели Трифуновиќ.

„Помирувањето треба да се случи, но тешко ќе дојдеме до правда без комуникација“, додаде тој.

Косовската полиција упадна во нејзината клиника во ноември 2014 година, сомневајќи се дека таа е поврзана со низа престапи, со кои, за одредена сума, им овозможувала на родители да го изберат полот на детето, купувајќи сперматозоиди и јајце клетки од ранливи лица и вработувајќи нелиценцирани ембриолози. Сето ова е содржано во обвинение поднесено во јануари 2016 година, чија копија БИРН ја поседува.

Зеќири избега во Србија, каде што продолжи да пружа слични услуги, и тоа веднаш покрај границата и преку веб-страница на српски и на албански јазик, иако косовската полиција ја бара. Таа негира дека некогаш имала клиенти.

Зеќири во февруари 2014 година, во Бујановац, ја регистрираше компанијата Глобал ИВФ, а еден месец подоцна изнајми и канцеларија.

Неџат Бехлули, сопственик на недвижноста што ја изнајми Зеќири, вели дека лекарката во почетокот продавала медицинска опрема, а во мај истата година, канцеларијата ја пренаменила во клиника за вештачко оплодување.

„Јас ја предупредив дека нема да дозволам тука да биде ординација, впрочем, и во нашиот договор за закуп се вели дека таму ќе се продава медицинската опрема, а не да биде тоа ординација”, вели тој.

Откако одбила да го смени договорот за закуп, тој ја заменил бравата на вратата. Зеќири потоа безуспешно го тужела Бехлули, со цел да ги врати парите што ги инвестирала.

Според судските документи во кои БИРН доби увид, Зеќири вршела практика на вештачко оплодување и абортуси во центарот со лиценца на Министерството за здравство на Србија, иако таа го негира ова.

Во декември таа ја регистрирала веб страницата, globalivf.net, преку која продолжила да пружа услуги поврзани со неплодноста, на албански и на српски јазик, преку „регионални и меѓународни клиники”, како и консултантски услуги преку интернет.

Зеќири ги отфрла сите обвинувања. За БИРН вели оти планирала да пружа услуги за вештачко оплодување, но дека не успеала да ја развие работата.

Таа ги отфрли како невистинити тврдењата на сопственикот на деловниот простор.

Зеќири нагласува оти не сака да се врати во Косово, бидејќи верува дека нема да има фер судење.

„Сакав повторно да отворам клиника, но тие ме блокираа и сега чекам да видам што ќе се случи во Косово”, вели таа. „Не постои земја што е заинтересирана (да ми дозволи да работам), бидејќи сум жртва на нефункционалната држава Косово”.

Во јуни 2017 година, Основниот суд во Приштина наложи да се издаде меѓународна потерница за нејзино апсење, но косовското министерство за правда одби да каже дали е издадена „црвена потерница” на Интерпол.

Институциите на Косово и на Србија одбија да го коментираат овој случај, а Зеќири за БИРН изјави дека таа сѐ уште слободно патува.

Без екстрадиција на осомничените за убиство

Не се само осомничените од Косово оние што го искористуваат недостигот на соработка, на полето на владеење на правото меѓу Приштина и Белград, со цел да ја избегнат правдата.

БИРН откри три случаи во кои косовската полиција уапсила поединци обвинети или осудени за тешки кривични дела во Србија, кои подоцна биле ослободени.

Ернад Бишевац, кој се наоѓа на потерница на Србија уште од 2012 година, бил уапсен во Косово во септември 2014 година, но српските власти навеле оти нема да бараат негова екстрадиција, велат од косовската полиција. Бишевац беше ослободен и по една година беше уапсен во Србија. Тој моментално се наоѓа на отслужување на затворската казна од 16 години, за убиство и за обид за убиство.

Предраг Вукосављевиќ, познат и како Предраг Вуличевиќ, бил уапсен во Косово во март 2015 година, врз основа на потерница издадена од Србија, каде што бил осуден на три години затвор за шверц со дрога.

И во овој случај, Србија не сакала да бара негова екстрадиција, изјавија за БИРН од косовската полиција.

Александар Вукадиновиќ, обвинет за “мито и корупција”, беше уапсен во Косово во февруари 2016 година, еден месец по распишувањето на „црвена потерница” од Интерпол Србија.

Според извештаите на медиумите, Вукадиновиќ бил прогласен за виновен како член на криминална група која се занимавала со криумчарење на стоки од Турција и од други земји во Србија. Тој бил уапсен во 2006, а во 2012 година бил осуден на казна затвор од две години и три месеци.

Приштина ја известила српската полиција за неговото апсење, а од Белград побарале Вукадиновиќ неформално да се префрли до најблиската гранична точка. Бидејќи Вукадиновиќ имал и државјанство на Косово, не биле во можност да го депортираат, велат од косовската полиција.

„Врз основа на искуството од претходно споменатите случаи, реакцијата беше иста: Србија нема да бара екстрадиција на своите граѓани од Косово. Се верува дека ова се должи на фактот дека Србија не го признава Косово”, вели портпаролот на полицијата, Даут Хоџа.

БИРН не можеше да потврди што се случило со Вуличевиќ и Вукадиновиќ откако биле пуштени на слобода, бидејќи Министерството за внатрешни работи на Србија, не одговори на нашите прашања.

Косовската полиција додаде дека Србија никогаш не барала екстрадиција од Косово и оти „никогаш не ги уапсила лицата што ги барале косовските власти”.

„Во принцип, постои недостиг на соработка на полето на истрагите за различни кривични дела, особено оние поврзани со криумчарење мигранти или тероризам”, додава Хоџа.

Убиство кое стана нов тест-случај

На клиниката Медикус, на периферијата на Приштина, наводно биле извршени брутални повоени злосторства. Фото: kallxo.com

Никаде не е поопиплив неуспехот во воспоставувањето на владеење на правото отколку во северниот дел на Косово, кој не е под целосна контрола ниту на Приштина, ниту на Белград.

Истрагата за убиството на Оливер Ивановиќ, кој со пиштол беше убиен во јануари во северниот дел на Митровица, пред седиштето на неговата партија, сега е нов тест за ограничената соработка меѓу двете земји.

„Соработката по прашањето за спроведување на законот меѓу Србија и Косово е раководена од многубројни меѓународни организации и половично спроведени договори и сите нив ги попречува политичкиот антагонизам и недоверба”, вели за БИРН, Бојан Елек, автор на извештајот за соработка, објавен од Белградскиот центар за безбедносна политика во 2015 година.

Разговорите меѓу двете земји со посредство на ЕУ, што започнаа во 2011 година, доведоа до некои видливи резултати по прашањата како што е слободата на движење, но дури и тие, како што е наведено во деталниот извештај на БИРН Косово, често лошо се спроведуваат.

На пример, договорот кој имаше за цел да го спречи блокирањето на членството на Косово во регионалните организации од страна на Србија, не го спречи Белград да продолжи да им се противи на обидите на Приштина, да им се приклучи на Европол, Интерпол и на многу други регионални организации кои се занимаваат со спроведување на законот.

Од друга страна, како што наведува ЕУ, ниту една страна не се обидела да ја стави безбедносната соработка во агендата на разговорите во Брисел.

Овој ќор-сокак значи дека Приштина и натаму, во голем дел, зависи од меѓународните организации, во поглед на соработката во врска со владеењето на правото, што во голема мера ги лути косовските власти.

Косово и натаму се потпира на Мисијата на ООН во Косово (УНМИК) при издавањето на „црвени потерници” – меѓународни налози за апсење, додека ЕУЛЕКС соработува со Европол во врска со владеењето на правото. И УНМИК и ЕУЛЕКС имаат задача да ја овозможат комуникацијата меѓу полициските сили на Косово и на Србија.

Косово, во 2011 година, во рамките на косовската полиција, формира меѓународна единица за координација за спроведување на законот, како дел од проектот финансиран од ЕУ, со цел создавање на мрежа на такви единици, ширум Западниот Балкан, преку кои би дошло до соработка.

Иако информациите добиени од координативната единица не можат да се користат како доказ на суд, овој канал доведе до ретки случаи на соработка. Така, двајца осомничени за убиството, беа уапсени во Косово и, по барањата на српската полиција, беа депортирани. Тие беа оставени на ничија земја на границата, каде што биле уапсени од српската полиција, се вели во извештајот на Елек.

Од 2008 година ЕУЛЕКС е надлежен за писмената комуникација помеѓу Приштина и Белград, позната под називот – заедничка правна помош. Мисијата служи и како посредник во случаите на екстрадиција, со земјите кои не ја признале независноста на Косово.

ЕУЛЕКС наведува дека тешката соработка во областа на заедничката правна помош траела до 2013 година, кога започнал протокот на информации. Но, ситуацијата повторно се влошила во октомври 2014 година, кога Србија одби да го признае мандатот на Канцеларијата на специјалниот претставник на ЕУ во Приштина, за која сметаше дека не е неутрална во однос на независноста на Косово.

Белград инсистираше барањата да бидат и натаму испраќани преку ЕУЛЕКС, што околу една година, барем официјално, доведе до застој во комуникацијата. Застојот беше решен кога Белград рече дека ќе ги прифати барањата, ако тие пристигаат преку делегацијата на ЕУ во Белград, се наведува во проценката финансирана од ЕУ.

Додека траеше застојот и додека официјално, барањата од канцеларијата на ЕУ во Приштина, се собираа во Министерството за правда на Србија, ЕУЛЕКС, иако технички со истечен мандат, до министерството во Белград, испратил копии од најмалку десет случаи, преку заедничката правна помош, открива БИРН.

„За да се сработат некои многу важни случаи, поврзани со воени злосторства и организиран криминал, на кои работеа меѓународни обвинители и судии, молкум се договоривме ЕУЛЕКС на Белград да му праќа копии од предметите (барањата), додека оригиналот веќе беше таму во (српското) министерство”, објасни еден висок претставник на ЕУ вклучен во процесот.

Овој официјален претставник на ЕУ, кој бараше да остане анонимен, изјави дека, всушност, и двете страни биле незадоволни од правната соработка меѓу Косово и Србија, и додаде дека иако административниот процес е без испади, трансферот на информации оди „навистина бавно”.

Иако ЕУЛЕКС беше успешен во обезбедувањето на екстрадиција од некои земји кои не го признаваат Косово, како што се Словачка, Босна и Херцеговина, сѐ уште нема екстрадиција меѓу Косово и Србија, бидејќи Белград и Приштина не потпишале договор за ова.

Овие административни проблеми повторно излегоа на виделина поради неодамнешните изјави во врска со убиството на Оливер Ивановиќ. Додека косовските институции тврдат дека има размена на информации преку двете министерства за правда и преку „меѓународна судска соработка”, Србија тврди дека ЕУЛЕКС е посредник во пренесувањето на разузнавачките информации.

Од ЕУЛЕКС за БИРН изјавуваат дека обезбедуваат помош во овој случај, со воспоставување на врска помеѓу косовската полиција и Министерството за внатрешни работи на Србија.

Од министерствата за правда на Косово и на Србија, за БИРН велат дека добиле некои информации од другата страна.

„Без соработка нема правда”

Полицијата на Косово, најмалку еднаш екстрадирала лице кое избегало од Србија, на границата меѓу двете земји, заради избегнување на застој во екстрадициите. Фото: kallxo.com

Главниот обвинител на Специјалното обвинителство на Косово, Решат Милаку, задолжен за најтешките случаи, вклучувајќи ги и воените злосторства и корупцијата на високо ниво, вели дека соработката меѓу Косово и Србија е речиси невозможна.

„Без соработка нема да има правда за жртвите”, вели Милаку. „Ние постојано бараме соработка со обвинителството во Србија, не само во врска со случаите на воени злосторства, туку и со обичниот криминал, а тие постојано одбиваат”.

„Бараа информации за наши државјани во врска со воените злосторства во Косово, но ние не можевме да им ги дадеме овие информации, бидејќи тоа е во надлежност на обвинителството на Косово”, додава тој.

„Откако видовме дека Србија не сака да соработува, решивме да не им одговараме на нивните барања”.

Од друга страна, министерството за правда во Белград ги отфрли обвиненувањата дека нема соработка. Во писмото до БИРН, од службата за односи со јавноста при ова министерство се вели: „Само во минатата година имаше вкупно 316 замолници за правна соработка во двете насоки … Со замолниците беа опфатени сите кривични дела, вклучувајќи ги и воените злосторства, организираниот криминал , тероризам и сл.“. „Конечно, потребно е да се нагласи дека нема законски пречки за соработка, ако постои политичка волја“, се вели во писмото.

„Напоменуваме дека министерството за правда на т.н. држава Косово, експлицитно одби да постапи по барањата на српското обвинителство за воени злосторства”, се вели во писмото.

Нашиот извор од српското судство, вели дека оваа изјава се однесува исклучиво на обидот на Србија, да ѝ биде екстрадиран премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, врз основа на обвиненијата за воени злосторства.

Бојан Елек, автор на извештајот за соработка, смета дека во сегашните околности, малку е веројатно, дека соработката на истрагата за убиството на Ивановиќ, ќе даде добри резултати.

„Ова е несомнено опструкција од двете страни, колку што можам да видам, и затоа преовладува мислењето меѓу Србите во Косово, дека овој случај (со Ивановиќ) нема да биде решен, како и многу други пред него”, потенцира Елек.

„Граѓаните на Косово и на Србија не можат да се чувствуваат безбедно, додека организираниот криминал цвета”, предупреди тој.

Со дополнителни информации во овој текст учествуваа Паулина Нуши, Висар Пребреза и Никола Лазиќ.

Текстот е напишан како дел од Школата за истражувачко новинарство на БИРН и на проектот „По трагата на документите до подобро управување”.