Регион

Косово ќе гради музеј во чест на бегалците од војната

Изложба на фотографии на поставувањето на камен-темелникот на музејот на бегалците. Фото Кабинет на премиерот на Косово

На церемонијата што се одржа денеска во селото Блаце, во пограничната зона меѓу Косово и Северна Македонија, Харадинај изјави дека новиот музеј, посветен на прогонот на Албанците за време на војната во Косово во 1999 година, ќе биде потврда дека минатото не треба да се заборави.

„Овој објект ќе биде дом на колективните спомени, кои ќе нѐ потсетуваат колку е скапа слободата. Тоа ќе биде камен што ќе служи да не се заборави што се случило“, рече Харадинај, на поставувањето на камен-темелникот на планираниот музеј.

На церемонијата беше поставен и возот со кој беа вршени депортациите, а беа изложени и фотографии на косовски Албанци во бегалските кампови. Меѓу нив и оние што ги фотографирале самите бегалци.

Возот, со кој беа вршени депортациите, на местото на кое ќе биде изграден музејот. Фото: Кабинет на премиерот на Косово

Во последните две недели од март, во 1999 година, околу половина милион бегалци од албанска националност, пристигнаа во оваа погранична област, соопшти агенцијата за бегалци на ООН.

Во почетокот, на Блаце дојде до криза, бидејќи македонските власти одбија да прифатат толкав број на бегалци, барајќи гаранции од другите земји, дека ќе им помогнат.

Харадинај изјави дека новиот музеј, ќе биде и знак на благодарност до Албанците од Северна Македонија, кои им помагаа на бегалците од Косово.

„Би сакал уште еднаш денеска да кажам, ви благодарам Албанци за лебот, за водата и за засолништето што им го дадовте на Косовците, а најмногу за надежта што им ја дадовте на преживеаните и на семејствата на жртвите. Денеска го поставуваме овој споменик, ѝ се заблагодаруваме на меѓународната заедница за нејзината помош и упатуваме повик никогаш повторно да не се дозволи етничко чистење“, додаде тој.

На церемонијата беше присутен и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој изјави дека крвавата историја на Косово, не треба да се заборави.

„Овој воз нѐ потсетува дека минатото не треба да се прикрива“, рече Ахмети.

Околу милион Албанци од Косово беа протерани од своите домови во пролетта 1999 година, откако НАТО започна со воздушните напади на Југославија, со цел да ги принуди силите на Слободан Милошевиќ, да се повлечат од Косово.

Меѓу протераните во возот беше и Фехми Агани, истакнат политичар, кој учествуваше во неуспешните мировни преговори помеѓу југословенските власти и претставниците на косовските Албанци во февруари и во март 1999 година,.

Агани беше убиен откако беше симнат од возот во близина на Липљан, на 6 мај 1999 година.