Регион

Косово: На спомен-плоча за жртвите на бомбардирањето на НАТО, изоставени српските имиња

Градоначалникот на Подуевo, Шпејтим Булиќи, ја открива спомен-плочата. Фото: Шпејтим Булиќи/Фејсбук

Фондот за хуманитарно право Косово (ФХПК), ја повика општина Подуево, да ја поправи грешката направена на неодамна откриена спомен-плоча, посветена на патници на автобус, кои загинаа во воздушен напад на НАТО во 1999 година, бидејќи имињата на српските жртви, не се впишани на неа.

ФХПК ја повика  општина Подуево, да ги додаде имињата на 13-те српски жртви, на спомен-плочата подигната во спомен на 44 лица, кои ги загубија своите животи, кога НАТО погоди автобус на мостот во Лужане, на 1 мај 1999 година.

Спомен-плочата беше откриена од градоначалникот на Подуево, Шпејтим Булиќи, во саботата, на 22-годишнината од нападот, но на неа, според соопштението на ФХПК, се напишани само имиња на 31 жртва од албанска националност.

„Негирањето на жртвите на етничка основа, претставува навреда за жртвите и за нивните семејства, и ги продлабочува поделбите меѓу заедниците во Косово“, се вели во соопштението.

ФХПК, исто така, изрази загриженост што и локалните и државните институции придонесуваат за „зајакнување на едностраните наративи, кои претставуваат селективни верзии на историјата“.

Градоначалникот Булиќи објасни дека на спомен-плочата се укажува оти имало и други жртви во воздушниот напад, бидејќи по набројувањето на жртвите од албанска националност, заклучно со бројот 31, е додаден и бројот 32, а после него и три точки.

„На крајот на плочата се наоѓаат три точки, што значи дека постојат и други“, вели Булиќи за БИРН.

Булиќи додаде дека општината се потпрела на информации од општинската комисија, која немала потврдени информации за другите жртви на нападот.

Тој не прецизираше дали на спомен-плочата ќе бидат внесени промени, доколку се потврдат имињата на другите жртви.

Одговарајќи на наводите на Булиќи, Беким Блакај, извршен директор на ФХПК, за БИРН изјави дека пишувањето три точки на спомен-плочата „не е достоинствено за жртвите“.

„Ставањето три точки значи дека општината знаела оти има и други жртви и таа требала да го испита тоа понатаму“, вели Блакај.

„Тоа е неприфатливо. Меѓу жртвите имало и српски деца, исто како што имало и албански … Можете да замислите како се чувствуваат семејствата на жртвите“, додаде тој.

Автобусот што НАТО го погоди, возеше на редовна линија Приштина-Ниш, а меѓу патниците имаше и деца.

НАТО изрази жалење за смртта на патниците, но објасни дека мостот бил легитимна воена цел.

За време на 78-дневната воздушна кампања, спроведена со цел да се принуди Слободан Милошевиќ да стави крај на насилната репресија врз косовските Албанци, НАТО, во неколку наврати, погрешно погоди цивили.