Регион

Косово: Нерегулирана изградба на воени споменици

Во Косово има повеќе од 1.600 споменици поврзани со војната 1998-1999 година

Во центарот на градот Дечани, во западно Косово, има пет статуи на паднати борци на Ослободителната војска на Косово (ОВК), кои се сметаат за херои на војната 1998-1999.

Но, еден од нив е всушност посветен на човек, убиен во 2015 година, во друга држава.

Бег Ризај е еден од 22-те лица, кои загинаа во мај 2015 година, во Куманово, во соседна Северна Македонија, за време на дводневниот судир меѓу полицијата и поголема група вооружени Албанци.

Повеќето вооружени припадници на таа група беа од Косово. Владата на Северна Македонија објави дека станува збор за обид за дестабилизација на земјата, иако позадината на овој настан никогаш не беше утврдена и остана предмет на шпекулации.

Во заедничка изјава, претседателот и премиерот на Косово, го осудија секое „учество на косовските граѓани во инциденти во Македонија“. Преживеаните членови на групата, беа осудени за тероризам.

Бег Ризај, за време на војната во Косово, беше припадник на ОВК, а потоа се бореше во конфликтот меѓу албанските бунтовници и безбедносните сили во Северна Македонија во 2001 година. Неговата статуа во Дечани не ја подигнаа косовските власти, туку неговите поранешни соборци од ОВК.

Градоначалникот на општина Дечани, Башким Рамосај, потврдува дека статуата била поставена на градскиот плоштад во 2018 година, од група пријатели на Ризај, главно воени ветерани, и дека локалното собрание немало ништо против тоа.

„Бег Ризај беше преживеан воен херој и со оглед на тоа, ние не разговаравме за начинот на кој тој беше убиен“, вели Рамосај.

„На крајот на краиштата, не постои валиден закон што нѐ обврзува да следиме друга постапка. Проценивме дека (неговата статуа) заслужува да биде во центарот на градот“, додава тој.

„Девалвација на воените симболи“

Статуа на поранешниот припадник на ОВК, Бег Ризај, во Дечани. Фото: Сербезе Хаџијај/БИРН

Статуата на Ризај е пример за широко распространетиот феномен на поставување на спомен- обележја во Косово, без никаква правна постапка за добивање дозвола за изградба или јавна расправа за неговото значење.

„Понекогаш ова нема никаква врска со нашата историја, туку тоа е нешто што е иницирано од семејството или група пријатели“, вели за БИРН, Бислим Зогај, директор на Косовската агенција за управување со меморијални комплекси.

Иако поминаа повеќе од две децении од војната, косовските власти сè уште немаат сеопфатен официјален регистар на споменици поврзани со војната.

„Работиме на списокот со цел да имаме некои општи информации. Имаме повеќе од 1.600 споменици поврзани со војната“, додава Зогај.

Тој посочува дека е потребен закон за да се обезбеди историска точност, професионалност и правилно поставување на спомен-обележјата.

„Ако им дозволиме на сите да поставуваат статуи и споменици насекаде, дури и во трговски центри, тоа е девалвација на воените симболи“, нагласува тој.

Џавит Јашари, шеф на Здружението на семејства и паднати борци на ОВК, смета дека некои личности, во чија чест се подигнати споменици, не го заслужуваат тоа.

„Побаравме од државната комисија, составена од разни професионалци, да ги процени (спомениците), и од етичка и од професионална гледна точка. Но, тие го игнорираа тоа“, додава тој.

Минатата година, Собранието го разгледуваше предложениот закон за воени вредности на ОВК.

Но, со него не беше опфатено и прашањето за спомениците. Законот не ја доби потребната поддршка од пратениците, по критиките дека претставува потенцијална закана за слободата на говорот.

Кога станува збор за спомениците на Косово, веќе долго време доминираат идеите за воено херојство и величење на припадниците на ОВК, кои беа убиени како борци за слобода, став кој го споделуваат политичарите од целиот политички спектар.

Но, Фатлум Рахмани, професор по историја, вели дека спомениците што ги прикажуваат борците на ОВК како херои, се во спротивност на главниот аргумент на Запад, во донесувањето на одлуката за воена интервенција на Косово, за време на конфликтот во 1999 година.

„Интервенцијата на НАТО беше во голема мера хуманитарна, водена од злосторствата извршени врз цивилите, од страна на српските сили“, вели Рахмани за БИРН.

Занемарување на спомениците од Втората светска војна

Бистата на Рамиз Садику во градскиот парк во ПРиштина / Фото: БИРН

По завршувањето на војната во Косово, бројни споменици изградени за време на комунизмот, беа отстранети или уништени. Се сменија и имињата на улиците.

Еден од попознатите примери за ова е споменикот на Боро Вукмировиќ, Србин, и Рамиз Садику, Албанец, кои беа заедно стрелани.

Тие станаа симбол на „братството и единството“, државната идеологија на Јосип Броз Тито, а споменикот ги прикажуваше прегрнати, како кога биле погубени, на периферијата на селото Ландовица, во близина на Призрен.

Но, по војната, споменикот беше отстранет, а на негово место беше поставен друг, посветен на припадниците на ОВК.

Денес на Косово има само 11 споменици, поврзани со Втората светска војна. Од нив само шест се наоѓаат на списокот на културно наследство на Министерството за култура.

Меморијалниот комплекс, изграден во 1961 година во Приштина, е еден од најпознатите комунистички споменици.

Но, денес, бетонската конструкција пропаѓа, а на оваа локација, во делот познат како „гробишта на мачениците“, се погребани и личности како поранешниот претседател, Ибрахим Ругова, поранешниот политички затвореник, Адем Демачи, и убиениот министер за одбрана во егзил, Ахмет Красниќи.

Таму беа погребани и неколку воени ветерани на ОВК, и шест лица убиени во вооружениот конфликт во Куманово, во 2015 година.

Зогај посочува дека ова место мора да се уреди и реши.

„Срамота е да испратите некого на тоа место. Планираме да ги ексхумираме повеќето останки на ветераните“, додава тој.

Нора Арапи Красниќи, архитект, чија специјалност е културното наследство, вели дека многу споменици изградени за време на комунизмот во Косово, како и во другите земји од поранешна Југославија, се заменети со споменици изградени во чест на луѓето убиени во војната во 90-тите.

„Она што навистина не функционираше, беше адекватен контролен механизам, што ќе одлучи што да се стави во одреден јавен простор и каков вид наратив тоа ќе претставува“, истакнува таа.

На Косово, како и во другите земји од поранешна Југославија, повеќето воени споменици се осврнуваат само на страдањата на припадниците на доминантната етничка група.

Рахмани верува дека ова не е нужно проблем.

„Во случаи кога жртвите се цивили, не треба да им биде ускратено правото да бидат запаметени“, истакнува тој.

Во последниве години имаше обиди да се отстапи од доминантниот наратив за победничката војна и зачувување на споменот на жртвите. На пример, споменикот Хероини во Приштина, им оддава почит на албанските жени, кои биле изложени на сексуално насилство за време на војната.

Јашари смета дека се потребни споменици на жртвите: „Побаравме да им се подигне споменик на децата убиени за време на војната, како и на жените“, нагласува тој.