На 8 мај 1999 година, Бурим Кабаши се обидувал да избега од борбите во западно Косово, кога бил уапсен од српските сили, заедно со уште 70-тина други Албанци. Тие биле однесени во мал затвор во општината Исток.
Тој си спомнува дека била топла вечер кога уапсените биле донесени во затворот во селото Ѓураковац, кој веќе бил преполн со затвореници. Малтретирањето почнало уште со нивното пристигнување во овој објект.
„Се сеќавам кога се собравме тука и почнавме да влегуваме внатре со рацете зад главата. Не тепаа еден по еден. Многумина крваревме“, вели Кабаши за БИРН, додека разговараме со него во дворот, на сега веќе напуштениот затвор.
„Останавме тука четири дена и дури четвртиот ден ни донесоа леб. Потоа нѐ испратија во затворот во Пеќ“, додава тој.
Во тоа време, течеше НАТО бомбардирањето на Југославија, со кое Западната алијанса сакаше да го принуди Слободан Милошевиќ да ги повлече своите трупи од Косово. За време на 78-дневното бомбардирање, силите на Милошевиќ ја интензивираа репресијата врз косовските Албанци и извршија низа масакри и масовни протерувања.
Еден ден по потпишувањето на договорот меѓу НАТО и режимот на Милошевиќ, за повлекување на српските сили од Косово, на 10 јуни 1999 година, Кабаши и другите затвореници, биле префрлени во Србија, прво во затворот во Лесковац, а потоа во затворот во Зајечар, по што биле ослободени.
Откако српските сили го напуштиле, затворот Ѓураковац веќе не бил во функција. Овој објект, повеќе од две децении, го користеле бездомници, претежно Роми, како свое засолниште.
Затворот од внатре денес е запуштен и полн со вода, а во ноември минатата година, општина Исток донесе одлука за уривање на објектот.
Но, Кабаши и некои други поранешни затвореници, решително се спротивставиле на одлуката и покренале петиција со која бараат поранешниот затвор да се претвори во музеј, што ќе служи како „место на колективното сеќавање“.
Досега петицијата ја потпишале повеќе од 1.500 лица.
„Татко ми и дедо ми беа затворени тука“
Мустафе Бајрамај, за време на војната во Косово, бил затвореник во затворот во Ѓураковац. Фото: БИРН.
Затворот бил изграден во 1951 година. Многу поранешни затвореници, како што е Кабаши, го паметат како место на репресија.
„Затворот Ѓураковац е еден од најозлогласените затвори. По Втората светска војна, многу косовски Албанци овде претрпеа нехуман третман, тортура, па дури и починаа тука“, се вели во текстот на петицијата.
„За време на војната од 1998 до 1999 година, стотици луѓе беа приведени и измачувани во овој затвор. Уривањето на оваа зграда би ги скрило трагите на злосторството“, се додава во него.
Семејната историја на Кабаши е тесно поврзана со затворот Ѓураковац.
„Дедо ми беше затворен тука, за време на кампањата за собирање оружје предводена од тогашниот министер за внатрешни работи и шеф на тајната полиција, Александар Ранковиќ, личност позната по угнетувањето на Албанците“, објаснува Кабаши. Ранковиќ, две децении по Втората светска војна, во име на претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито, Косово го контролираше со железна тупаница.
„На почетокот на 90-тите години, мојот постар брат беше притворен во затворот, а потоа и јас“, вели Кабаши, кој сега работи како чувар во затворот Дубрава, во близина на Исток. „Затоа не сакаме да биде уништен.
Мустафа Бајрамај, кој, исто така, бил притворен во затворот кон крајот на 90-тите години, смета дека објектот треба да послужи како потсетник на ерата на репресија.
„Дедо ми помина три години во овој затвор во 50-тите години. Потоа, во 1989 година, татко ми беше затворен и во него. Се сеќавам на зајдисонцето кога влегов внатре, бевме околу 180, и се сеќавам на тортурата што ја претрпевме“, вели Бајрамај за БИРН.
„Треба да ја чуваме зградата како страница од историјата на овој регион“, нагласува тој.
„Нека прават со него што сакаат“
Бурим Кабаши, пред зградата на затворот. Фото: БИРН.
Во мај минатата година, косовската влада донесе одлука, затворот во Приштина, во кој, за време на поранешна Југославија, се наоѓаа и политички затвореници, да се претвори во музеј.
Хаки Ругова, градоначалник на општина Исток, објаснува дека барањето за уривање на објектот дошло од државните затворски власти.
„Ова беше барање на Казнено-поправната служба, која е главен управник на затворот. Но, ние нема да го уништиме, нека прават (организаторите на петицијата) со него што сакаат“, истакнува Ругова за БИРН.
„Не сакам да бидам претставен како градоначалник кој е против спомен-обележјата или објектите што можат да послужат како колективно сеќавање, затоа што во овој затвор беа и членови на моето семејство“, додава Ругова.
Од Министерството за правда, кое е надлежно за затворите, одбија да ни одговорат на прашањето за судбината на поранешниот затвор.
Кабаши и другите уапсени со него биле последната група албански затвореници, донесени во Ѓураковац од страна на српските сили, за време на војната во Косово.
Кога војната во јуни 1999 година завршила, тој, исто така, бил во првата група затвореници, ослободени од затворот во Србија, кои се вратиле дома.
„Ден претходно, моето семејство се врати во урнатините на нашиот дом. Сè што имавме беше еден пластичен шатор“, се сеќава тој.
„Бидејќи затворот беше близу до нашата куќа, влегов да ја видам зградата и најдов ќебиња, но сите беа крвави и не можев да земам ништо“.