Регион

Косово: Сеќавањата на масакрот во Пусто село, ги мачат преживеаните

Две децении по убиствата на 106 косовски Албанци во Пусто село двајца жители раскажуваат како ја избегнале егзекуцијата, како нивните роднини биле убиени и како успеале да избегаат

„Кога колоната од жени и деца тргна кон Ѓаковица, почнаа да нè удираат. Исуф Нуши беше ранет од граната и тие со ножеви го сечеа по телото”, вели Тахир Красниќи за БИРН.

119-те мажи биле поделени во четири групи.

„Првата група се состоеше од деца на возраст од 13 до 17 години. Тие ги натераа да одат околу 30 метри зад нас и ги егзекутираа. Истото се случи и со втората група. Јас бев во третата. Имаше околу 20 војници со митралези”, се присети Красниќи.

Последното нешто на што 75-годишниот Красниќи се сеќава, е моментот кога се обидел да го избегне дрвото што било во близина на неговото лице,  додека егзекуторите се подготвувале за акција.

Тој не се сеќава кога бил погоден со два куршуми во левата нога, ниту кога почнале да пукаат во четвртата група на селани.

„Не знам дали ја изгубив свеста или бев во друг свет. Јас само се сеќавам на течението на водата во потокот во кој до пола падна моето тело и телата на останатите околу мене. Беше ноќ”, рече тој.

Вели оти лежел во потокот неколку часа без да се помрдне, бидејќи куќите што биле во близина гореле, а огнот ја осветлувал околината.

„Во еден момент се разбудив и почнав да одам помеѓу труповите. Последниот лик на кој се сеќавам, беше ликот на 17-годишниот Заим, кој дојде од друго село и беше сместен во мојата куќа”, раскажува Красниќи.

Одејќи низ потокот, видел двајца свои роднини кои побегнале. Подоцна видел дека преживеале 13 луѓе. Сите биле ранети.

„Одевме цела ноќ низ потокот и планината додека не стигнавме до соседното село Полуже. Тогаш дури приметив дека сум погоден со два куршуми. Не чувствував дека сум ранет до тој момент”, вели тој.

Тахир Красниќи. Фото: БИРН

Крв во потокот

И Беќир Красниќи (79) го преживеал масакрот. Тој бил во четвртата група, последната планирана за стрелање.

Тој вели дека сѐ било готово за еден час.

„Беше пет часот и две минути кога хоророт почна. Мојот брат Пајазит беше таму. Имаше 45 години. Го видов кога падна на земја. Видов како ги убиваат и другите роднини во третата група. Сѐ уште беше ден”, раскажува Беќир Красниќи.

Тој се сеќава дека кога се приближувал до местото на егзекуција, видел куп мртви тела. „Видов крв насекаде, течеше во потокот. Тогаш почнаа да пукаат”, вели тој.

Плачење на рането лице, го вратило Беќир во реалноста.

„Тоа беше нашиот сосед Муртезан. Ползевме низ потокот и го видовме Тахир (Красниќи) и другите кои преживеаја. Потоа видов дека српските сили го напуштаат селото, кое беше во пламен”, додаде тој.

Следниот ден, Тахир Красниќи, заедно со некои селани, се вратил во селото за да ги закопаат мртвите.

„Почнавме да ги собираме телата и да копаме гробови. За подоцна да можеме да ги идентификуваме, ние ги запишувавме нивните имиња на нивните ремени или на штиците ставени на секој гроб”, објаснува тој.

„Некои тела беа изгорени, па не можевме да ги идентификуваме. Телата ги завиткавме во ќебиња и пластични фолии донирани од хуманитарни организации за куќите кои беа запалени во 1998 година”, додаде тој.

Во следните три дена, жртвите биле закопувани во тајност, бидејќи српските сили во неколку наврати влегувале во селото и отворале оган во насока на луѓето кои ги погребувале мртвите.

Тахир Красниќи, добро се сеќава на тие три дождливи и ветровити денови во 1999 година, кога го чекале моментот кога српските сили ќе го напуштат селото, за да можат да продолжат да ги погребуваат жртвите.

„Некои од нив останаа во отворени јами и дождот ги покри пред да успееме да ги покриеме со земја”, нагласува тој.

 

Спомен-подрачје подигнато во чест на жртвите. Фото: БИРН

Посмртните останки ископани и скриени

Пајазит Красниќи, исто така, жител на Пусто село, кој загубил 20 роднини, со години собирал докази за масакрот и за жртвите, кои ги срочил во книга.

Тој вели дека некои жртви биле запалени во тракторска приколка по убиството. „Четири од шест беа деца. Најмладиот имаше 13 години”, објаснува тој на БИРН.

На 21 април српските сили се вратиле во Пусто село и повторно ги ископале сите 106 жртви.

„Тие ги ставија во цивилен камион и ги однесоа кон Ораховац”, вели Пајазит.

Во јуни 1999 година, останките на убиените во Пусто село, се пронајдени во три масовни гробници во Ораховац, Призрен и Сува река. Сѐ уште не се пронајдени посмртните останки на осум жртви.

Малиќ Фетаху од соседното село Жолт камен, во масакрот го загубил својот татко и внук, кои се засолниле во Пусто село.

Тој ни раскажа дека дури пред неколку месеци нашол трите коски од неговиот татко, кој во тоа време исчезнал.

„Чекавме 20 години за да ги пронајдеме телата. Колку долго треба да чекаме правда?”, праша тој.

Неговиот татко, Салих, имал 83, додека неговиот внук, Блерим, имал само 13 години.

Беќир Красниќи, во 2009 година, сведочеше пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), на судењето на српските функционери, Владимир Лазаревиќ, Властимир Ѓорѓевиќ, Небојша Павковиќ и Сретен Лукиќ.

Поранешните генерали на војската на Југославија, Павковиќ и Лазаревиќ, поранешниот српски полициски генерал, Лукиќ, и поранешниот помошник министер во Министерството за внатрешни работи на Србија, Ѓорѓевиќ, беа прогласени за виновни за убиство, депортација и нехуман третман на косовските Албанци во 1999 година, вклучувајќи го и масакрот во Пусто село.

Лазаревиќ беше осуден на 14 години затвор и во меѓувреме беше ослободен. Павковиќ беше осуден на 22, Лукиќ на 20, а Ѓорѓевиќ на 18 години затвор.

Беќир вели дека изречените казни не обезбедуваат правда за жртвите: „Најмалку што заслужуваат е доживотен затвор”, нагласи тој.

Комеморацијата по повод 20-годишнината од масакрот се одржа во недела,  во Пусто село.

Обраќајќи им се на семејствата на жртвите, градоначалникот на Ораховац, Смајл Латифи, изјави дека ова е една од најголемите трагедии во војната во Косово.

„Сто и шест лица беа построени и егзекутирани ладнокрвно, со наредба и под команда… и потоа повторно закопани за да се уништат трагите на злосторствата што никогаш не можат да се сокријат. Со тоа Србите извршија двојно злосторство“, изјави Латифи.

Тој жали што директните сторители сѐ уште се на слобода.

Дваесет години подоцна, Тахир Красниќи, вели дека тој и Беќир Красниќи, се единствените од преживеаните, кои денес се живи.

„Сите други починаа. Сакам да сведочам пред да умрам“, истакна Тахир Красниќи.

„Но, се плашам дека нема да го дочекам тој ден”, додаде тој.