Мини од времето на Југославија лежат расфрлани по терен обележан со стапови. Во средината на теренот, можат да се видат остатоци од мртво животно.
Лево, се наоѓа уште една област обележана како реон „контаминиран“ со неексплодирани убиствени средства (НУС), иако мините не се видливи, бидејќи се покриени со вегетација, што го прави теренот уште поопасен.
Станува збор за модел на минско поле во центарот за обука на МАТ Косово во Пеќ, кој симулира опасен терен со кој деминерите во практика би можеле да се соочат. Единствената разлика е во тоа што мините во центарот за обука, се деактивирани.
Косово беше контаминирано со НУС во текот на војната во 1999 година и до 2001 година, кога ООН го прогласи за територија без мини, беше центар на хуманитарната акција против мините.
Брзиот успех во расчистувањето на НУС, беше основа Косово да добие репутација на добро место за обука.
„Дали би биле обучувани за деминирање во Женева или во земја која има успешна историја во воспоставувањето на безбедност на теренот?“, прашува Мохамад Хасан од Сирија, еден од инструкторите во МАТ.
МАТ Косово е сестринска организација на Предиум Консалтинг Малта (Praedium Consulting Malta), компанија за управување со ризици што се занимава со отстранување на НУС, која првично започна да работи како добротворна организација наречена Мајн Авернес Траст (Mine Awareness Trust).
Оваа компанија го воспостави центарот за обука во Пеќ, во 2010 година, и до денес, обуката за отстранување на мини и експлозиви и вештини за управување со ризици, ја поминале илјадници луѓе.
Во изминатите четири години, сертификат од овој центар добиле околу 500 луѓе во Косово, а уште 650 се обучени на терен, во конфликтот во Сирија.
Бен Ремпфри, менаџер за ризици oд остатоци од експлозивни направи во Предиум Консалтинг Малта и МАТ Косово, е поранешен британски војник кој првпат дошол на Косово во 1999 година, како советник во НАТО.
Ремпфри за БИРН вели дека повоената операција за расчистување на мини на ООН во Косово вклучувала „мински полиња, остатоци од бомби фрлени од НАТО за време на бомбардирањето, напуштена муниција и линиите на конфликт меѓу Ослободителната војска на Косово (ОВК) и НАТО со српските паравоени сили“.
По војната, ООН и НАТО, во процесот на деминирање, користеле карти на кои биле означени 600 мински полиња поставени низ цело Косово од страна на Војската на Југославија. Но, евиденција за мините поставени од српските специјални полициски сили, од паравоените сили или од ОВК, немало.
Од друга страна, се проценува дека бомбите исфрлени од НАТО за време на воздушниот напад, имале стапка на неуспех од 10 до 20 одсто, што претставува дополнителен ризик од неексплодирана муниција.
Ремпфри додава дека „народот на Косово сериозно страдал, но оти програмата за делување против мините всушност била добра“.
Како и да е, откако Косово беше прогласено за исчистено од мини во 2001 година, околу 100 луѓе се повредени во експлозии или за време на обуката за деминирање.
Повоена опасност од скриени мини
Инструкторите на МАТ, за време на обуката, користат метални детектори за ги најдат скриените мини во полето за обука.
„Врз основа на сигналот што го дава металниот детектор, оние што ја посетуваат обуката, можат да научат како звучи кога теренот е загаден со мини, а како кога не е“, објаснува Ремпфри.
Во друг дел од центарот за обука, инструкторите закопале остатоци од бомба два метри под земјата. За да ги пронајдат, лицата што ја посетуваат обуката, користат друга алатка – локатор. Локаторите имаат поголем досег од детекторите за метал и можат да откријат остатоци закопани длабоко во земјата.
„Ние, за неметалните компоненти, користиме и георадар, но и нашето куче, Сани“, додава Ремпфри.
Артур Тигани, главен инструктор во МАТ Косово, служел во Југословенската народна армија од 1982 до 1984 година, како и во цивилни мисии за деминирање во Косово, Шри Ланка, Уганда, Демократска Република Конго, Руанда и во Кенија, а вршел обука за отстранување на експлозивни сретства во Сирија и во Ирак.
Тигани објаснува дека неколку години по конфликтот, вегетацијата ги покрила мините, кои поради тоа не биле воочливи.
Во такви случаи, посочува тој, „обично повредените животни и луѓето се индикаторите за можното постоење на подрачје контаминирано со мини“.
Еден од најчестите случаи што предупредува на присуство на мини е кога во контаминирано подрачје влегува добиток, по кој пастириите трчаат и случајно активираат скриена мина, додава тој.
Успеси и неуспеси во Сирија
МАТ Косово води програма за обука за отстранување на импровизирани експлозивни направи, што честопати ги користат вооружените милитантни групи.
Тигани ни покажива неколку примероци на направи, направени во домашни услови и ни објаснува дека во некои од нив се вградени копчиња од компјутерска тастатура, така што кога ќе стапнете на нив, експлозивот се активира.
„Ние ги обучуваме оние што ја посетуваат обуката како да детектираат, лоцираат и уништат вакви домашни експлозивни направи“, вели тој.
Инструкторите на МАТ работеле и за време на конфликтот во Сирија, дури и пред поразот на силите на т.н. Исламска држава.
„Ние обучивме 650 Курди во Сирија пред падот на ИДИЛ. Артур и еден дел од тимот за обука, беа во Сирија цели 21 месец. Работевме таму додека ИДИЛ сè уште делуваше“, ни рече Ремпфри.
Во Сирија, МАТ Косово и другите хуманитарни организации, успеале теренот да го исчистат и да го направат безбеден, што им овозможило на цивилите да се вратат во своите домови. Првичната фаза на расчистување на мините, со која бил обезбеден сигурен пристап до услугите, како на пример, од електраните или до изворите на вода, училиштата и болниците, била успешна. Тигани посочува дека „многу раселени Сиријци тогаш се вратиле“.
Но, бидејќи безбедносната состојба повторно се влошила, тие „повторно ги напуштија своите домови“, додава тој со жалење.
Тигани потенцира дека иако тој и другите експерти на МАТ Косово, на крајот морале да се повлечат поради влошената безбедносна состојба на теренот, времето што го поминале работејќи во Сирија, сепак, вредело.
„Успеавме да го исчистиме опкружувањето од многу опасни сретства. Сепак, делумно безбедното опкружување наскоро стана небезбедно и по 21 месец, колку што поминавме таму, моравме да се повлечеме“, истакна тој.