Регион

Косово: Жртва на воено силување бара казна за сторителот

Шухрете Тахири-Сулејмани. Фото: Kallxo.com.

Шухрете Тахири-Сулејмани  поднесе кривична пријава до Специјалното јавно обвинителство на Косово.

„Денеска сум тука за да ја споделам болката што ја имам во душата, да ги застапувам сите мајки, сопруги, сестри и браќа, кои ја делат истата болка и да ги охрабрам да го направат ова што јас го правам“, рече Тахири-Сулејмани на прес-конференција, пред Специјалното обвинителство.

„Не е лесно да се сподели таа болка што ги растргнува срцето и душата, но јас сум тука за да побарам правда“, додаде таа.

Тахири-Сулејмани е една од ретките што преживеале сексуално насилство во војната, која јавно проговори за тоа. Со ова, таа го следи примерот на Васивије Красниќи-Гудман, која минатата година јавно изјави дека во 1999 година, кога имала 16 години, била силувана од српски полицајци во нејзиното село.

Тахири-Сулејмани на прес-конференцијата беше во придружба на Фериде Рушити, претседателка на косовскиот Центар за рехабилитација на жртвите од тортура.

Рушити истакна дека е важно, жртвите на воено сексуално насилство да истапат, а не да зборуваат за злосторствата што ги преживеале само зад затворени врати.

„Во изминатите дваесет години разговаравме со луѓе кои преживеале грозни злосторства, за кои ниту во семејствата не се дискутирало. За жал, овие приказни ги чувавме скриени и од општеството, и од релевантните институции“, додаде Рушити.

Таа ги обвини косовските институции, бидејќи досега ниту едно лице не е осудено за воено сексуално насилство.

„Без правда нема мир за преживеаните на сексуално насилство“, додаде таа.

Минатогодишното телевизиско интервју со Красниќи-Гудман, во кое таа зборуваше за нејзиниот случај, се смета за почеток на дискусијата за воено сексуално насилство во Косово.

Красниќи-Гудман, исто така, сведочеше и пред Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД во Вашингтон, барајќи од САД „да се справат со неказнувањето на воените злосторства и злоставувањето“ и да им помогнат на жртвите да дојдат до правдата.

Нема потврдена статистика за бројот на жртви на сексуално насилство, извршено од српските сили, за време на војната во Косово.

Вкупно 400 жени и 12 мажи имаат официјален статус на жртви на воено сексуално насилство во Косово.

Во извештајот објавен од Амнести Интернешнл во 2017 година, се вели дека се процесирани само мал број обвинети за воено силување.