Регион

Косовски музеј ќе чува сеќавања на военото детство

Основач на музејот е невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права

Илир Хајдини имал само 11 години, кога неговото семејство побегнало од селото Бело Поље, кое се наоѓа на североистокот на Косово, на почетокот на неговото гранатирање, во април 1999 година.

Околу една недела претходно, НАТО започнал со воздушните напади на Југославија, кои имаа за цел да го принудат тогашниот југословенски претседател, Слободан Милошевиќ, да ги повлече своите сили од Косово. Сепак, Милошевиќ ги засили воените операции против припадниците на Ослободителната војска на Косово (ОВК) и албанските цивили, предизвикувајќи масовен егзодус на албанското население.

Хајдини, иако сè уште не бил во тинејџерските години, скришум, кога возрасните не биле дома, учел да го вози семејниот трактор во дворот на својата куќа во Бело Поље.

Ова се покажало како многу важно кога тие бегале од гранатирањето, бидејќи се испоставило дека тој е единствениот меѓу бегалците, кој знае да вози трактор.

„Немаше друг избор во ова воено сценарио. Никој од возрасните не знаеше да вози трактор, па скокнав во него и го возев низ многу села, по планинските предели“, изјави Хајдини за БИРН.

Повеќето луѓе кои останале зад нив, вклучувајќи и некои членови на неговото семејство, биле убиени, а нивните тела биле фрлени во бунари.

„Кога и да застаневме, се обидував да прочитам нешто. Се обидов да ги одвлечам мислите од разговорите за мртвите во бунарите“, се сеќава тој.

Денес, Хајдини е професор по меѓународно и стратешко управување на Универзитетот во Виена и сака, на Косовскиот музеј на военото детство, чие отворање е предвидено оваа година во Приштина, да му ја донира својата книга, која ја читал бегајќи од војната, „Хаста ла Виста“, роман на албанскиот романсиер, Петар Марко, за Шпанската граѓанска војна во 30-тите години.

Музејот, чиј основач е невладината организација, Младинска иницијатива за човекови права, која за овој проект добила поддршка од УСАИД, ќе содржи сведоштва, лични предмети и дневници на луѓето кои биле деца во војната, а ќе се фокусира и на нејзиното влијание на нивните животи.

„Ова ќе биде музеј на генерацијата што ја доживеа војната и ќе расветли една од најмрачните страни на колективното сеќавање“, вели за БИРН, Маригона Шабиу, извршна директорка на Младинската иницијатива за човекови права.

„Тој ќе има и едукативна цел, со цел да придонесе за подобро разбирање во општеството, како целина“, додава таа.

„Луѓето можат да ја дознаат личната вистина за војната“

Маригона Шабиу, од Младинската иницијатива за човекови права, која го организира музејскиот проект. Фото: Младинска иницијатива за човекови права.

Косовскиот музеј на военото детство, ја следи успешната изложба што беше поставена во 2019 година во Приштина, наречена „Некогаш и никогаш повеќе“, посветена на околу 600 деца убиени во војната. Изложбата вклучуваше фотографии и лични предмети како облека, обувки, играчки, тетратки, училишни книшки, училишни торби.

Новиот музеј ќе биде сместен во Народната библиотека на Косово во Приштина. Досега, Младинската иницијатива за човекови права има собрано десетици лични предмети од цела земја и има снимено повеќечасовни аудио сведоштва, што ги документираат искуствата на луѓето во војната.

„Читајќи ги нивните приказни и гледајќи ја облеката што ја носеле при нападите, раселувањето или во бегалските кампови, луѓето можат да ја дознаат личната вистина за војната“, нагласува Шабиу.

Таа вели дека новиот музеј може да придонесе за помирување во општеството, во кое врските меѓу Албанците и Србите сè уште се оптоварени со војната.

„Детските приказни за она што го доживеавме како општество, ќе помогнат во приближување на луѓето. Тие излагаат предмети на кои не им е даден простор, на пример, за тоа како сосед од српска националност му помогнал на сосед од албанска националност или обратно“, истакнува таа.

Повеќе од две децении по завршувањето на војната, во чувањето на сеќавањата во Косово, доминираат идеите за военото херојство и величењето на припадниците на ОВК, убиени за време на војната, што остава помалку простор за признавање на страдањата и трајната траума на цивилните жртви на војната.

„На многумина сè уште им е тешко да се справат со воената траума, особено на оние кои изгубиле членови на семејството и од прва рака, биле сведоци на злосторства“, заклучува Шабиу.