Регион

Ковид-19 и семејното насилство: Кога домот не е најбезбедното место

Доказите сугерираат дека, откако балканските држави воведоа строги ограничувања на движењето, како дел од борбата против Ковид-19, стапката на семејно насилство е зголемена.

 

Илустрација: БИРН/Игор Вујичиќ

Во Хрватска, како што соопштија за БИРН од полицијата, бројот на случаи на семејно насилство од 94, регистрирани во март 2019 година, се искачил на 120 кои биле регистрирани во март годинава. Но, ова, како што објаснија, не треба да се толкува како „севкупно зголемување на насилството“ , туку како резултат на напорите да се едуцираат полицајците за тоа како да ги препознаат ваквите дела.

На прес-конференција одржана на 8 април, министерот за внатрешни работи на Хрватска, Дамир Божиновиќ, изјави: „Не е регистрирано зголемување на кривичното дело семејно насилство“.

Но, оние што работат на теренот, велат дека тука не е земен предвид порастот на повиците упатени до засолништата.

„Автономна женска куќа“, на 8 април соопшти дека во февруари и март примила 19 барања од жени, за прием во нивното засолниште, и дека примаат околу 10 повици дневно.

Здружението „Домино“ од Сплит, истакна дека повиците на жените кои бараат итно сместување или друга помош, се во пораст.

Паула Зоре од невладината организација, „Платформата за репродуктивни права“, смета дека разликата во бројките и различното толкување на ваквата статистика се одраз на „проблематичниот третман“ на ова прашање, од страна на државните органи.

„Тие не го сфаќаат сериозно насилството врз жените и не разбираат дека оваа состојба предизвикува зголемување на (семејното) насилството“, вели Зоре за БИРН.

Тоа што невладините организации бележат поголем пораст на семејното насилство од властите, е одраз на „недостигот на доверба во (државните) институции“, додава таа.

Адвокатот, Џулија Крисан, од невладината организација „АНАИС“ од Романија, посочува дека помеѓу 13 март и 13 април, нејзиното здружение добило 74 повици за правна и психолошка поддршка, додека во јануари и февруари имале помалку од 50.

„Добиваме директни повици од жртвите кои сакаат да знаат дали можат да го напуштат семејниот дом, дали можат да ги земат своите деца со себе или да поднесат барање за развод“, изјави Крисан за БИРН. „Но, има и случаи кога соседите, откако слушнале врева и плачење на жртвата, не известуваат дека, на пример, стара жена била претепана од својот син“.

Во Северна Македонија, овој месец, Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, испрати писмо до Владата, со кое бара поголема заштита на жртвите на семејно насилство и формирање на „кризен фонд“ преку кој ќе се обезбеди финансиска поддршка.

Многу жртви не се во состојба или се плашат да пријават насилство

Перформанса на уметничка која испрска тротоар со црвена боја во Приштина во знак на протест против насилството врз жените / Фото: Ејми ди Џаконо

Некои земји објавија дека не бележат пораст на бројот на случаите на семејно насилство или дека таквите податоци во моментов не се достапни.

Сепак, според невладиниот сектор, семејното насилство е во пораст и во овие земји.

Така, од воведувањето ограничувања поради Ковид-19, ниту еден од двата ентитета во Босна и Херцеговина, ниту Федерацијата на БиХ (ФБиХ), ниту Република Српска (РС), не пријавиле пораст на случаите на семејно насилство, иако активистите велат дека очекуваат овој број да се зголеми во април и во мај.

„Ова не значи дека насилството не е зголемено, туку дека жените се под контрола на насилникот и не се во состојба да го пријават насилството“, изјави Нада Голубовиќ, претседател на управниот одбор на фондацијата „Обединети жени“, за весникот „Независне новине“, на 13 април.

Во Србија, на 16 април, организацијата „Автономен женски центар“, со седиште во Белград, објави дека во текот на првиот месец од вонредната состојба, примила трипати повеќе повици од вообичаеното.

Мирјана Митиќ, социјален работник во оваа невладината организација, вели дека повеќе од 50 жени неделно им се обраќаат на организациите за помош.

„Треба да се запомни дека овие загрижувачки бројки се однесуваат само на случаите кога жените успеале да побараат помош“, вели Митиќ за БИРН.

„Многу од нив не можат да се јават, затоа што стравуваат дека нивните насилни партнери ќе ги слушнат, дека потоа насилството ќе ескалира и ќе бидат спречени да се обидат да го напуштат домот“.

Таа објаснува дека скоро секоја жена што се јавила, изјавила оти вонредната состојба, изолацијата или полицискиот час во Србија „влијаеле на интензитетот на насилството, кое таа сега го трпи“.

„Изолацијата на жртвата и прекинувањето на нејзините контакти со другите луѓе, се вообичаени модели на однесување на сторителот“, вели Митиќ, додавајќи дека на сторителите „во ваква ситуација им е полесно да ја контролираат жртвата и да ја спречат да побара помош“.

Недостиг на засолништа за жени

Премиерот на Косово во заминување, Албин Курти, на 16 април изрази загриженост поради влијанието на пандемијата врз семејното насилство.

„Како водачи на институциите, ние сме загрижени дека со ситуацијата на самоизолација, поради пандемијата на корона вирусот, семејното насилство е зголемено“, рече Курти, најавувајќи зголемување на државното финансирање на засолништата за 900.000 евра.

Назми Абдула Леку, социјален работник во косовскиот „Центар за рехабилитација на жртвите од тортура“, посочува дека ова им е особено тешко на жртвите на сексуално насилство, извршено за време на војната во Косово, во периодот 1998-1999 година. „Конфликтите во семејствата се зголемени“, вели таа, додавајќи дека ова претставува „ретрауматизација не само на жртвите, туку и на децата и на другите членови на семејството“.

Енвер Цеско, претседател на косовско здружение за психотерапија, за БИРН вели дека бројни организации, вклучително и неговата, обезбедуваат онлајн услуги за менталното здравје. Тој дури на Јутјуб поставува видео снимки од вежби, на албански, англиски и на турски јазик.

Ерза Курти од „Женска мрежа Косово“, потенцира дека, ако треба, жртвите на семејно насилство, без оглед на ограничувањето на движењето, сè уште можат да појдат во полиција, болница, засолниште или во друга институција.

Но, во Молдавија, и засолништата се во карантин и не смеат да примат нови жртви, поради што, како што информира Лилиа Потинг, нејзината организација изнајмила стан „за да ги смести жртвите во неволја“.

„Ние се собравме и се обидовме да го решиме овој проблем“, вели таа.

Од друга страна, Зоре објаснува дека граѓанските организации во Хрватска со години предупредуваат на недостиг на центри за советување и на засолништа, но и дека на жртвите им испраќаат порака оти постоечките засолништа и центрите за поддршка, и натаму работат.

Тоа им дава на жртвите „чувство на сигурност“, вели таа за БИРН. „Навистина, кога станува збор за жртви на насилство, тие можат да се потпрат на поддршката на граѓанското општество, а не на државата“, заклучува таа.