Анализи

Ковид-тест за болното здравство

Епидемијата го стави во фокус здравството и неговите проблеми

Една јунска вечер, или подобро кажано доцна по полноќ, упорно ѕвонел мобилниот телефон на Наташа Петровска, која работи како матичен лекар во Шутка.

Докторката, нормално, спиела.

„Ми се јави член од фамилија на пациентка и ми вели те молам да се јавиш во Брза помош. Тој се јавил и ги информирал дека мајка му не е добро, жената не можела да дише, но од другата страна на телефонот го поучиле оти, сепак, матичниот лекар треба да ја најави пациентката.“

„Станува збор за 3 часот и 45 минути по полноќ“, нагласува докторката.

Пациентката се заразила од ковид и се лекувала дома, меѓутоа ноќта сериозно ѝ се слошило.

Лекарката не знае што би се случило, ако не ја разбудиле и дали Брзата помош и тогаш слепо би се држела до протоколот.

Во друг случај, Инфективната клиника не примила нејзина пациентка, која сама дошла пред болницата. Ја советувале да се врати дома, матичната да се јави на луѓето од Брза помош и тие да ја донесат.

Таа ни тврди дека најголемиот проблем за време на кризата е комуникацијата меѓу матичните доктори и повисоките нивоа на здравствениот систем.

На почетокот од корона-кризата навистина било така, но ваквата пракса се напуштила, во разговор за БИРН признава директорката на Инфективна клиника, Милена Стевановиќ.

„Но, никогаш не сме вратиле пациент без да се погрижиме за него“, нѐ уверуваше.

Здравствениот одговорот на короната беше соодветен на стартните позиции во секоја земја

Искуствата на пациентите на лекарката Петровска се само дел од несовршеностите и од недостатоците на македонското здравство што испливаа на површината за време на здравствената криза.

Рака на срце, епидемијата со новиот и досега непознат вирус изненади и силно погоди многу побогати и поорганизирани општества и здравствени системи. Сѐ уште ни се свежи сликите од преполните италијански болници во Бергамо.

„Сите се соочивме со нови искуства при справувањето со вирусот корона и сите учевме од искуствата на другите“, коментираше за БИРН, кардиологот Игор Балевски, Македонец, кој речиси две децении живее и работи во Словенија.

„Меѓутоа, во ваквата ситуација дојде до израз претходната поставеност на здравствените системи и нивната техничка опременост, но и стручноста и образованието на кадарот“, вели тој.

Кардиологот Балевски е воедно и асистент на Катедрата за интерна медицина на Медицинскиот факултет во Љубљана. Пролетоска кусо престојуваше во родната земја да им помогне на македонските колеги и да им ги пренесе своите искуства.

Здравствениот систем што го напуштил пред две децении ни оддалеку не бил истиот. Проблемите, посочува Балевски, кои сега дојдоа до израз, се последица на долгогодишно и слоевито растурање.

„Триесет години да имавме министерство за уништување, немаше да успееме толку да го уништиме здравствениот систем“, ироничен е докторот.

Сепак, докторот Балевски чувствува потреба да потенцира дека нашите лекари го дале максимумот, ако се земе предвид постојниот кадар и ограничените технички можности.

Тоа го тврди и ресорниот министер Венко Филипче, кого короната го направи своевидна политичка ѕвезда, со рејтинг далеку пред сите други политичари.

Во разговорот за БИРН, тој ја нагласи пожртвуваноста на своите колеги и целиот систем во кој за секој пациент „било направено сѐ“.

„Во смисла на дијагностика, третман, во смисла на искористување на најдобрата експертиза во нашата земја. И тоа одговорно го кажувам.“

Сите други болести на чекање

Честа слика по улиците | Фото: Роберт Атанасовски

Пролетоска, корона вирусот излезе од кластерите составени од оние тазе вратените од странство и како лоша вест се прошири низ канцелариите, фабриките, кафулињата и концертните сали, па оттаму влезе во нашите кујни, бањи и спални соби.

Властите бргу-бргу ги затворија вратите од болниците и сето медицинско знаење и целата работна сила ја насочија во борбата со епидемијата што се приближуваше како цунами.

Болниците ги отвораа портите само на оние што имале срцев или мозочен удар и на таквите што доживеале некоја друга живото загрозувачка ситуација или несреќа. Чуваа сили и места за новозаразените.

Се чини дека предолго запреа прегледите, снимањата, операциите и советувањата. „Мој термин“ повторно проработи дури од септември, шест месеци по првиот корона-случај во Македонија.

Министерот Филипче инсистира дека биле одложувани интервенции без да се влоши здравствената состојба.

„А, сѐ што бараше итна дијагностика, сѐ е завршено.“

Причина за мораториумот, според министерот, е тоа што во изминативе месеци лекарите од повеќе клиники ротирале и им помагале на колегите што директно се справувале со болните од ковид.

„Имавме целосна мобилизација на кадарот за да им се помогне на колегите на Инфективната клиника, бидејќи тие не можеа пет месеци да работат нон-стоп. Тоа е невозможно.“

Но, како изгледаше тоа во пракса, најдобро говори искуството на тие што се соочиле со таа пракса.

Додека Мој терним не работеше, хронични пациенти одеа во приватните клиники

БИРН разговараше со пациенти и со претставници на нивните здруженија, меѓутоа и со лекари. Ни раскажаа со какви проблеми се соочувале хронично болните, додека здравството се фокусираше на короната.

Велешанката Македонка Давчева е координатор на неформалната група од околу 1.000 пациентки болни од рак. И самата имала канцер на дојката.

Таа се навраќа дека и пред короната тежок бил патот да се дојде до термин за ехо, компјутерско снимање и за магнетна резонанца.

„Меѓутоа, од март наваму воопшто немавме пристап до радиодијагностика.“

Овие снимања се исклучително важни за пациентите што примаат или само што завршиле со терапија. Тие покажуваат дали лековите дејствуваат или треба да се менува терапијата.

„Четири-пет месеци тоа не ни беше достапно, иако, рака на срце, секој што имал проблем, беше примен на Онкологија. Меѓутоа, друго е кога се има снимки.“

„Многу беше тешко. Нашата болест не е некоја што може да чека и многумина отидоа на приватно. Тие што имаа пари.“

Проблем била и дијагностиката.

„Познавам девојка, која четири месеци имаше страшни болки во ‘рбетот и чекаше да направи ‘скен’ на скелет. На крај отиде на приватен лекар, ги плати тие 15-16.000 денари“, вели Давчева.

Мирјана Бабамова од здружението „Хема“ се грижи за пациентките со леукемија и со сродни болести.

За неа корона-кризата го извади на површина проблемот на централизираното лекување со хемотерапија.

Пациентите од Битола, Штип и од Тетово и претходно морале да дојдат во Скопје за да примат хемотерапија, но во ситуација кога целата држава се справувала со пандемијата, тоа било многу усложнето. Луѓето се плашеле да користат меѓуградски автобуси или едноставно поради полициските часови не можеле навреме да се вратат од главниот град.

„А, се случува и сега да дојдете до Скопје, да чекате во метежот пред болница и да ви кажат дека нема терапија. И тоа не е нов проблем“, вели Бабамова.

Министерот за здравство Венко Филипче во посета на реновирани болнички капацитети | Фото: Роберт Атанасовски

Имало и случаи кога пациенти со најразлични болести ги молеле матичните лекари за упат на клиника, да бидат прегледани.

„И моравме да им даваме ‘нелегален совет’, да им кажуваме: оди директно на клиника и лажи дека те боли, лажи дека те стега за некој да ти посвети внимание. Инаку, никој нема да им посвети внимание“, искрена беше нашата соговорничка, лекарката Наташа Петровска.

Не се оперирале ни луѓето со проблематичен вид, сите оние офталмолошки случаи – катаракти и пердиња. Добар период не работеа ни стоматолозите и пациентите со забоболка оделе кај матичните.

Тие им давале антибиотици, само колку да ги смират процесите.

Голем број операции беа откажани. Во јуни, ортопедите од градската болница „8 Септември“ четири месеци немаа направено ниту една операција, а на почетокот од годината закажале околу 1.500 интервенции.

„Во овој период, секакви пациенти доаѓаат кај мене. Јас шиев, јас вадев конци и гипсови, јас менував катетри“, зборуваше за БИРН матичниот лекар од скопско Влае, Ненад Лазаров.

За да се намалат физичките контакти, луѓето преку матичните контактирале со комисиите за ортопедски помагала и за социјални додатоци.

Се предвидува пораст на стапките на морбидитет и морталитет од низа заболувања

„Сѐ оди преку нас. Скенираме документи, праќаме, ни враќаат…“, наброја лекарот Лазаров.

Неговата колешка Наташа Петровска вели дека имала пациенти што биле за хоспитализација, ама поради тоа што капацитетот бил исполнет, ги враќале дома.

„Сум молела да примат луѓе.“

Некогашниот министер за здравство (1999-2001), Драган Данаиловски, за БИРН, вели дека стручно оправдано е во почетниот период, целиот здравствен систем да се насочи кон пандемијата и болнички да се третираат само ковид-болните и итните случаи со други заболувања.

Меѓутоа, и Данаиловски е свесен дека овој потег, колку и да е оправдан, има своја цена.

„…тоа сигурно ќе доведе до пораст на стапките на морбидитет и морталитет од низа заболувања, пред сè, од кардиоваскуларните и малигните.“

Неговиот колега професор и микробиолог, Никола Пановски, забележува дека, сепак, предолго беа одложувани интервенциите.

„Нелогично e салите за вежбање да се отворат пред болниците.“

Најтешко во жариштето

Инфективна и 8ми Септември „изгореа“ од работа | Фото: Роберт Атанасовски

„Најтешко им беше на докторите што работеа со хоспитализираните пациенти од ковид“, вели лекар, кој еден месец на почетокот од летово бил прераспределен во болницата „8 Септември“.

Иако не е специјалист по инфектологија, во работата се грижел за дваесетина пациенти со ковид. На барање на соговорникот, идентитетот на овој извор нема да биде откриен.

За да ни долови колку била напорна работата со ковид-пациентите, лекарот ни раскажа случка од ковид-зоната во болницата, местото каде што може да се престојува исклучиво со маска и со скафандер. Во првата смена таму лекарите и медицинскиот персонал влегуваат во 8.30 часот, а излегуваат во 14 часот.

Во тој период нема јадење, нема пиење и нема одење во тоалет.

„Ни се случуваа панични напади. Во еден момент, една колешка, и покрај опасноста, ја симна заштитната опрема сред ковид-зона“, раскажува нашиот соговорник.

Истиот извор вели дека за евентуален нов бран на вирусот корона треба да се интензивираат ротациите во оваа болница и да има посериозна обука за лекарите што доаѓаат на помош.

„Јас цело време се консултирав со инфектолози и останував по работното време само за да направам сѐ како што треба.“

Имаше помош од другите клиники, ама и „дезертерства“

Нашиот извор зборува за натчовечките напори на лекарите од „8 Септември“ и што сѐ тие издржале за овие шест месеци. Тој го посведочил и најлошото.

„Имаше еден ден во кој два часа потпишував посмртници.“

Доаѓа есента и здравствените власти стравуваат дека нѐ чека посилен бран од вирусот корона.

„Потребна ни е подготвеност на секој бел мантил. Ова не е проблем на одредена патологија, ова е проблем на секој еден здравствен работник“, апелира директорката на Инфективната клиника, Милена Стевановиќ.

Клиниката, вели таа, кубури со персонал во последниве 15-20 години.

„Да имавме поголем капацитет, ќе беше помалку трауматично и за нас и за пациентите. Ќе немаше чекање, сѐ ќе беше поефективно“, искрена е директорката.

Стевановиќ има различни искуства со лекарите што биле повикани да им помогнат на клиниката.

„Имаше луѓе, кои, иако беа од внатрешноста, не им беше лесно – ставени тука во нова средина и со нов тим, ама дадоа сѐ од себе. Но, имаше и многу обиди да не се дојде, многу обиди на многу нивоа.“

Вакви ‘дезертери’ на самата Инфективна клиника немало, уверува директорката.

„Сите работеа и работат. Немаме простор ни да ротираме, работам и јас, го немам тој луксуз само да директорувам. Неколку колеги што се најстари и имаат сериозни хронични болести се тргнати на страна, доколку ни се случи нешто нам, да остане инфектолог, мозок кој ќе може да диригира.“

Целиот медицински персонал работел сѐ околу пациентите со ковид.

Нема реска граница во смисла – ова е моја, а она е твоја работа. Тој е начин на работа што претходно го имавме подзаборавено.“

Потребни се повеќе лекари на испомош, односно повеќе ротации во ковид-центрите и обуки

Начелно, Инфективна ги примала и сѐ уште ги прима потешките пациенти, кои докажано имаат ковид, додека во поранешната Воена болница оделе болните што се сомнителни дека го имаат вирусот. Меѓутоа, поделбата не била толку строга и двете болници лекувале пациенти со различен стадиум на оваа болеста.

Директорката на Инфективна, во разговорот со БИРН, потенцираше дека како проблем во целиот здравствен систем во овој период се јави тоа што нема резерви.

„Согледавме дека секогаш треба да има една сериозна резерва на потрошни медицински материјали, заштита и резерва на луѓе, здравствени работници“, вели Стевановиќ.

Анализата што за БИРН ја направи некогашниот министер Драган Данаиловски, пак, покажува дека за условно речено мирнодопски услови не недостасуваат специјалисти потребни за справување со заразни болести.

Сепак, поинаква е состојбата кога имаме пандемија.

„Немаме недостиг од специјалисти, освен од доктори по општа практика во примарната здравствена заштита“, вели за БИРН, Даниловски.

Ние имаме 67 инфектолози или еден инфектолог на 45.000 жители, а стандардот е еден на речиси 40.000. За епидемиолозите не постои таков стандард, но Данаиловски тврди дека во нормални услови на живеење, 39-те епидемиолози се повеќе од доволни.

Слично е и со анестезиолозите, кои се неопходни за ракување со апаратите за вештачка вентилација, специјалисти кои ротираа во ковид-центрите и Клиниката за инфектологија.

„Меѓутоа, стандардите се определени врз основа на товарот со болести во нормални услови на живеење, а пандемијата создаде вонредни услови. Таа, пред здравствените работници што работат директно со ковид-пациентите, постави огромни барања, кои резултираа со неизбежно психо-физичко исцрпување“, вели Данаиловски.

Здравјето на нацијата на црвено

Според нивото на општото здравје ние сме меѓу најлошите во Европа | Фото: Роберт Атанасовски

Нашите соговорници тврдат дека главните причинители за високата стапка на смртност од и со ковид се исклучително лошото општо здравје на граѓаните и недовербата во здравствениот систем. Заклучно со 20 септември починаа точно 693 лица коишто имале корона од вкупно 16.725 заразени.

Зборот коморбидитет влезе во јавниот дискурс за време на пандемијата и тој значи придружна болест.

За некогашниот министер за здравство, Драган Даниловски, точно е дека речиси сите смртни случаи со ковид имаат една или повеќе придружни болести.

„Според нивото на општото здравје и присуството на ризични фактори ние сме меѓу најлошите во Европа.“

Во Македонија, педесет проценти од сите починати се должат на кардиоваскуларни болести, а на второ место се оние со малигни болести. Ваквите пациенти се особено ризична категорија во контекст на вирусот корона.

Податоците на Институтот за јавно здравје покажуваат дека 35 проценти од мажите и 27 од жените се пушачи, додека речиси 63 отсто од мажите и некаде околу половина од жените постари од 18 години имаат зголемена телесна тежина.

Анализата на Министерството за здравство, за периодот од 24 до 30 август годинава, покажала дека од 35 починати во таа седмица, дури 29 лица имале познати придружни болести.

Во една седмица од август од 35 починати дури 29 лица имале познати придружни болести

Во однос на довербата во здравствените власти, клучна улога имаат лажните вести и нестручните коментари.

Општествено влијателни личности и дури лекари коментираа дека вирусот не постои, други го прогласуваа за мртов, а паралелно како шумски пожар се ширеа конспирациите што го поврзуваа вирусот со 5Г мобилните мрежи.

Имаше и измислици дека државата им плаќа на семејствата на починатите да го запишат мртвиот роднина како заразен.

„Не оди во Скопје, ќе те стават на цевка и ќе умреш“, вака им се зборело на пациентите во внатрешноста.

И стигмата си го направи своето. На почетокот од пандемијата, кога стравот од новиот вирус доминираше врз сите сегменти од животот, реакциите на луѓето, посебно на социјалните медиуми, ги стигматизираа заразените.

Преовладуваше ставот дека тие со своето неодговорно и себично однесување го загрозуваат здравјето на другите, беше срамота некој да каже дека е позитивен на вирусот корона.

Затоа имаше такви што воопшто не кажуваа дека се болни, се лекуваа дома и бараа доктор само ако болеста силно замавнеше.

Речиси 63 отсто од мажите и некаде околу половина од полнолетните жени имаат зголемена телесна тежина

Анализата на Министерството за здравство покажува дека од вкупните починати, близу 30 проценти починале меѓу првиот и петтиот ден.

„Што значи дошле толку доцна, што веднаш се ставени на респираторна машина. Доаѓаат со кислородна сатурација од 20 или 30 проценти, тие практично не можат да дишат. Вие што и да направите, тие пациенти тешко можете да ги спасите“, вели министерот Филипче со кого разговаравме на 2. септември годинава.

Доктор Данаиловски проценува дека причината за упорното одбивање на хоспитализација лежи во недовербата на одреден слој граѓани во здравствениот систем.

И, според него, тоа има катастрофални последици.

„Така имаме случаи, болни да бидат донесени во тешка состојба во болница и веќе следниот ден да починат“, вели Даниловски.

Егзодус на лекари

Лекари реагираат на јавната поддршка | Фото: Роберт Атанасовски

Се чини дека ковид-кризата и сѐ што таа донесе со себе ќе го зголеми егзодусот на македонските лекари во странство, најмногу во Германија.

Две млади лекарки, со кои разговаравме, самите почувствуваа потреба да ни кажат оти размислуваат за гурбет во Германија.

Тој тренд и претходно постоеше. Бројките на Здружението на приватни лекари велат дека годишно од Македонија заминуваат околу 300 медицински лица.

Причините се едноставни, за дел од лекарите, како што се матичните, кризата им донесе многу повеќе работа и обврски, а примањата им останаа исти.

Првиот човек во здравството, Филипче вели дека откако тој е министер, исполнети се сите барања на младите доктори, токму за да се задржат во државава.

„Ги качивме платите, им дадовме шанса на сите да работат. Завршуваат факултет и имаат шест месеци загарантирано платено работно место во здравствен дом. Нема што да мислат дали ќе има конкурс.“

Што се однесува до барањето на матичните за повисок капитационен бод од 90 денари, кој им беше ветен уште во 2016 година, Филипче само кусо вели „сѐ ќе биде“ и потсетува оти владата на СДСМ еднаш веќе ги качила приходите на матичните.

Недостасуваат матични лекари, кои сѐ повеќе стануваат „стара“ професија

„Го зголемивме капитациониот бод за осум денари. За секои 1.000 пациенти што ги има еден лекар, тоа се 8.000 денари повеќе. Со тие пари се плаќаат сметките, не е малку. “

Меѓутоа, според сведоштвата на нашите соговорници во услови на корона, проблемите што матичните лекари ги имаат со години дополнително се зголемија.

Тие од 2001 година се приватници, меѓутоа нивниот статус повеќе личи на некој вид јавно-приватно партнерство, бидејќи не можат да им наплаќаат на пациентите за услугите. Затоа Фондот за здравство месечно им плаќа по 63 денари за секој пациент, пари со кои општите лекари менаџираат и живеат.

„На сајтот на Агенцијата за вработување сѐ уште се бараат матични лекари да работат за 20.000 денари месечно, што е мизерно“, вели доктор Наташа Петровска.

На оваа тема има што да каже и нејзиниот колега од скопско Влае, Ненад Лазаров, кој воедно е и претседател на Асоцијацијата на специјализанти и млади лекари.

„Замислете како им е на новите ординации со млади лекари. Тие имаат од 500 до 600 пациенти за кои месечно земаат од Фондот за здравство околу 15.000 денари. Со тие пари треба да платат вода, струја, кирија, медицинска сестра, за себе плата да си земат и сега, во пандемијава плус товар им е тоа што треба заштитна опрема да си купат“, вели Лазаров.

Неколку потези на власта им го зголемија обемот на работа. Го презедоа менаџирањето на своите пациенти сомнителни на ковид и по природата на нештата кај нив отидоа полесно болните што претходни ги третираа клиниките. Меѓутоа, велат дека во кризава ништо не добија за возврат.

Кога треба ним да им се помогне, е тогаш државата ги сметала за приватници.

Доктор Александар Митов, кој често ги коментира темите во здравството, ги пренесува процените на Европската Унија дека за неколку години во Европа ќе недостасуваат милион лекари, кои „ќе се бараат од надвор“.

Кога Германија ви „зема“ лекари, таа ги зема најдобрите

„Тоа значи дека до нас ќе се појави црна дупка и ќе ни повлече сѐ што може од медицинскиот персонал. А, кога Германија ви зема лекари, верувајте не ги земаат најлошите.“

Овие предупредувања доаѓаат по период од неколку години, во кој се изнаслушавме информации за тоа дека недостасуваат лекари.

За да се илустрира недостигот од здравствена сила во Македонија, претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Бузакова-Дервишова ни даде неколку примери.

Кавадарци нема гинеколог. Велешкото село Бузалково со 2.000 жители нема матичен лекар, а во цела источна Македонија има само еден пулмолог, во Штип.

„Сега кога ќе нагрнат сите астматичари од источна Македонија, кои претходно не можеа да дојдат на преглед, лекарката нема да постигне. Еден човечки живот во Богомила е исто вреден како оној во скопските Аеродром и Карпош, меѓутоа немаат сите граѓани пристап до еднаква здравствена нега“, предупредува Бузакова-Дервишова.

Кардиологот Игор Балевски, за лекарскиот егзодус и воопшто за слабостите на македонското здравство ја обвинува партизацијата во изминативе три децении. Таа е изворот на негативната селекција што сега ни се удира од глава.

Балевски вели оти поставувањето луѓе, кои како единствен критериум го имаат партискиот стаж, а не стручноста и едукацијата, на врвни и на раководни позиции во здравствените установи години наназад нѐ донесе во состојба, повеќемина стручни лица да преминат во приватниот сектор, а многумина да заминат во странство.

„Ваквата празнина тешко може така едноставно и бргу да се пополни.“

Проблеми со тестирањето

Хоспитализација на пациент со ковид | Фото: Роберт Атанасовски

На почетокот од корона-кризата, сѐ се вртеше околу тестирањето. Помислата дека сте го „закачиле“ вирусот во продавница или во автобус можеше да се смири само преку негативен тест.

Комисијата за заразни болести, телото што ја советува владата, до денес речиси и да не го смени пристапот кон тестирањето. Идејата беше јасна и логична, да се тестираат сите контакти на заразените доколку покажат симптоми, а во меѓувреме тие нема да излегуваат од дома. Иако во тој период, од многу страни се инсистираше на скрининг на поголемиот дел од населението, комисијата и Министерството за здравство останаа на првичната замисла.

Логиката беше следна.

Скринингот само за кратко би го ослободил некого од стравот дека има корона, иако тој можеби го има вирусот, но сѐ уште не развил симптоми. Дополнително, секој од тестираните може да се зарази уште во првиот момент кога ќе биде во контакт со друга личност.

Тестирањето исклучиво само на контактите имаше логика во првите неколку месеци, додека вирусот беше под контрола внатре во кластерите. Кога тој почна да се шири низ заедницата, тогаш веќе се воспостави фамозниот алгоритам, кој го спроведуваа матичните лекари.

Еден или два симптоми не беа доволни матичниот да го прати својот пациент на тестирање

Тој беше наменет за луѓето што епидемиолозите не ги уловиле во мрежите од контакти на веќе заразените, а кои, сепак, ги имаат симптомите. Насоките беа доколку некој ги почувствува симптомите – сува кашлица, температура, треска или губење на сетила, да се јави кај матичните.

Ако се потсетиме дека пандемијата фати замав пролетоска, во време кога владееја и други вируси што предизвикуваат многу слични симптоми како короната, тогаш ќе биде јасно зошто многу луѓе почувствуваа потреба да се тестираат кога забележале барем еден од симптомите.

Еден или два симптоми не беа доволни матичниот да го прати својот пациент на тестирање. И тука настанаа проблеми.

„Ако денеска имам пет сомнителни случаи, кои како лекар сметам дека треба да се тестираат, само еден од тие пет по алгоритам можам да го пратам на тестирање“, вели лекарот Ненад Лазаров.

Матичните, вели тој, можат да тестираат и смета дека треба да им се даде таа можност.

„Поевтино и подобро за сите е да го тестирам пациентот веднаш кога ќе проценам и на тој начин да спречам понатамошна дисеминација, ако е позитивен, а ако излезе негативен – да бидеме и ние, и тој мирни. Вака го чекам развојот на симптомите и се губат денови.“

Пречките во алгоритамот често ги тераат матичните лекари да лажираат податоци во епидемиолошката анкета и да додаваат симптоми кај пациенти што ги немаат, само за да ги пратат на тестирање. Тоа ја искривува сликата на терен и епидемиолозите и другите научници добиваат погрешни податоци за локалните карактеристики на болеста.

Но, имало и други проблеми. Страната на „Мој термин“, каде што се закажувале тестирањата, била многу бавна и закажувањето одземало време.

Нешто повеќе од 43 проценти од тестовите се направени на трошок на пациентите

„Термини се пуштаат еднаш неделно, в петок, и кога ќе ги пуштат, треба да ставиш клуч на амбулантата и само да закажуваш. И ако не закажете термин во рок од два часа во петок, потоа веќе нема термини за следната недела.“

„Џабе ти е и на глава да застанеш, нема термини“, раскажува лекарката.

Лазаров поинаку го решавал овој проблем.

„Луѓето ги праќаме на тестирање по околните градови на Скопје. Тетово, Гостивар, Штип, Велес, каде што ќе најдеш термин, таму, и тоа за по една недела од сега.“

Сево ова придонесе многумина да се обратат до приватните болници и таму да го платат тестот.

Податоците од државниот Институт за јавно здравје заклучно со 18 септември покажуваат дека од околу 174.000 тестови, близу 97.000 се направени на товар на Фондот за здравство, додека останатите се во приватните лаборатории.

Околу 76.000, односно нешто повеќе од 43 проценти од тестовите се направени на трошок на пациентите. Не може да се направи коректна пресметка за тоа колку пари по овој основ отишле во приватните болници, зашто во различни приватни лаборатории, различни тестови имаат различна цена.