Три со три

Крамарска: Високата политика е во кампањата бидејќи не ветува ништо

Разговор со Соња Крамарска, долгогодишен новинар и аналитичар

Помина половина од кампањата за локалните избори. Додека кандидатите за градоначалници и за советници се смешкаат на билбордите, се појавуваат по секоја трета објава на социјалните мрежи и се туткаат  за да ги собере во телевизиските студија, на вечерните митинзи, сликата е малку поинаква. Традиционално, таму тие се „предгрупа“ пред главниот настап на партиските лидери. Барем кај двете партии што сите години досега редовно си ги менуваа улогите на власт и опозиција.

Непосредно пред изборите, СДСМ поднесе резолуција во Собранието за црвени линии во односите со Бугарија и за отворање на европскиот пат, тема за која партијата е постојано обвинувана од своите противници за предавство. Но, тоа не го спречува нејзиниот прв човек Венко Филипче да го повторува барањето до власта и до премиерот Христијан Мицкоски да се прифати декларацијата. И Мицкоски си има омилена тема – криминалот и корупцијата на минатата власт, кои, според него, не се решаваат поради лошото правосудство.

Ова се темите што граѓаните ги слушаат во општини што немаат основна хигиена, градови каде што колабира јавниот превоз, места во кои воздухот е презагаден, а за посериозни локални проекти или услуги може да се зборува само ако се добие некоја донација или владина поддршка.

За досегашниот тек на кампањата и за пробивот на високите теми во неа разговаравме со Соња Крамарска, долгогодишен новинар и политички аналитичар.

БИРН: Во првиот дел од кампањата за локалните избори, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, се занимава со правосудството и гонењето корупција, а лидерот на СДСМ, Венко Филипче, со црвени линии за односите со Бугарија и за европскиот пат. Колку овие теми од високата политика може да влијаат врз изборниот резултат, наспроти ветувањата за решавање на локалните проблеми?

Крамарска: Би рекла дека високата политика е преокупација на сите во нашата држава, па и на клучните партиски лидери. Тоа е така на сите досегашни избори, без разлика дали се локални, парламентарни или претседателски. Високата политика го одредува тонот и темата на кампањата, а локалните проблеми, односно ветувањата за нивно решавање, се само декор.

Причина за тоа е што кога зборувате за висока политика, вие не ветувате речиси ништо конкретно, бидејќи во доменот на високата политика сега има само едно горливо прашање – ЕУ интеграцијата, од кое власта бега како ѓавол од крст, бидејќи одбивањето да ги стави Бугарите во Уставот ѝ остана единствениот адут за владеење. Значи, високата политика е прилично еластична тема, лесно се пали народот на неа, не обврзува никого на ништо и затоа е одличен кампањски инструмент.

Мислам дека на овие избори, решавачкиот фактор за изборниот резултат е политичката сила што сè уште ја има ВМРО-ДПМНЕ по триумфот на ланските избори, кој ќе ги одведе во уште една изборна победа.

Што се однесува до ветувањата за решавање на локалните проблеми, од состојбата во која се наоѓаат општините е јасно дека тие ветувања малку или воопшто не се остваруваат. Така што, не верувам дека кој било граѓанин ќе решава според тоа кому да му го даде својот глас.

БИРН: СДСМ ја враќа темата за Бугарија и за ЕУ, која, според многу анализи, беше главна причина за нивниот голем пораз на минатогодишните парламентарни избори. Која е логиката токму тие да ја отвораат оваа тема сега, притоа давајќи му простор на ВМРО-ДПМНЕ да ги напаѓа за обиди за ново предавство на Македонија?

Крамарска: Јас не мислам дека СДСМ падна поради бугарските барања. Сметам дека падна поради корупцијата во која владата учествуваше или ја дозволуваше, измените на Кривичниот законик и неприкосновеноста на ДУИ како фактор во владата.

Гледано од опозициски агол, сметам дека СДСМ сега игра на картата на истакнување на фактот дека ВМРО-ДПМНЕ нема намера да го продолжи европскиот пат на земјата и дека долгорочно ја води Македонија кон катастрофа. Особено ако Албанија и Црна Гора влезат во ЕУ. Некој треба да ја потсетува владата на основната задача за развој на земјата, кој, како што се покажа низ залудно потрошените децении, е невозможен без членство во ЕУ.

Да одговорам поконкретно: СДСМ знае дека губи, а можеби и пропаѓа, но изгледа дека Филипче е решен да го нагласи фактот дека ВМРО-ДПМНЕ е партијата-кочничар на европскиот пат на Македонија и партија која националното достоинство го користи само како пропаганден слоган за владеење, а не и за водење на државата напред.

За мене е проблематично што се подразбира под предавство. Сметам дека не е предавство да се реши тридецениски спор, кој ја кочеше земјата на меѓународен план и се овозможи влез во НАТО, туку е предавство да се остави државата да тоне како што е сега случај, за да се исполни партискиот интерес за што подолго владеење.

БИРН: Мицкоски, од друга страна, ја користи кампањата за да го портретира лидерот на опозицијата како корумпиран политичар и измеќар на поранешниот премиер Зоран Заев, не пропуштајќи да нагласи дека обвинителството и судиите се виновни што не се гонат поранешните функционери. Што говори ова за борбата против корупцијата во изминативе 15 месеци откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт и како тоа би влијаело врз изборите?

Крамарска: Во Македонија, единица мерка за политички успех стана дали една влада ќе „улови“ капиталец од претходната влада и ќе го стави в затвор. Моето мислење е дека се тоа теми што служат за „храна“ на сиромашното население и некаква лажна правда. Македонија мора да излезе од таа спирала. Тоа не значи дека нема криминал и корупција на највисоко ниво, туку дека со тоа се манипулира со чувствата на граѓаните.

Кај нас секоја кафеанска расправа почнува и завршува со „зошто Бранко не е во затвор“, „зошто Љупчо не е во затвор“, исто и за Груевски, Заев… Но, борбата против корупцијата е нешто друго, потемелно, и треба да се води секојдневно. Имам впечаток дека ние сме далеку од политичка еманципација, во која не значи априори дека секој политичар е криминалец, а секој граѓанин е чесен. Корупцијата и криминалот ги има и во двата табори, и кај обичните граѓани, и кај „кремот.“ И тука би сакала да додадам дека еманципацијата на еден народ се постигнува низ закони и нивното спроведување, што во Македонија не е случај.

Мислам дека измените на КЗ му ги врзаа рацете на Мицкоски за гонење корупција, а мислам и дека токму за таа цел беа и донесени. Но, и без тоа, морето немаше да се бранува. Мицкоски имаше шанса да се докаже на кочанската трагедија, но сите видовме дека не го стори тоа. Многумина мислат дека штити некого, но јас мислам дека тој само се уплаши. Се уплаши дека тоа ќе му ја затресе фотелјата. Затоа и никој повеќе не му верува на ветувањата.

Да заклучам: сметам дека борбата против корупцијата и гонење на претходните функционери не е тема на која би се добиле или губеле гласови. Во таа насока, и едно мало потсетување дека во 2016 година, на изборите што се водеа на тема правда и слоганот „ќе си лежите“, значи целата опозициска кампања и наратив се темелеа на тоа, СДСМ со двапати одлагање на изборите за да се билда опозициско расположение, едвај успеа да дојде на два пратеника до ВМРО-ДПМНЕ и корумпираната власт во тоа време.