На полноќ на 17 мај 2025 година, украински студент во градот Малме, во јужна Шведска, го разбудил звукот на кршење стакло на улицата пред неговиот дом.
Студентот отишол до прозорецот и сведочел на застрашувачка сцена: маскирани мажи во црно трчале низ темнината кон катна гаража. Други сведоци виделе како мажите товараат сомнителни пакети во автомобили и заминуваат со мотори.
„Еден автомобил помина со голема брзина, создавајќи застрашувачки звук од триење на гумите“, подоцна изјавил студентот во полиција.
На местото на настанот, полицијата пронашла повеќе од 231 килограм кокаин со пазарна вредност од 23 милиони евра, расфрлан во дворот, на улицата, по скалите и во еден стан. Пакетите – од кои некои биле обележани со логото на фудбалскиот клуб Манчестер сити – паднале на земја во брзањето на крадците, додека биле изнесувани во „Икеа“ кеси и во картонски кутии.
Според обемен судски предмет од шведските власти, запленетиот кокаин бил дел од огромна пратка од 1,5 тон од Костарика до Шведска, за која подоцна се судриле ривалски криминални групи.
Случајот дава увид во тоа како организираниот криминал користи меѓународна логистика, пренесувајќи товар вреден стотици милиони евра преку океан и ангажирајќи „експерти“ од различни земји за да ја извршат операцијата. Во него се вклучени криминалци од Албанија, Шведска, Норвешка, Белорусија, Турција, Босна и Херцеговина, Данска, Холандија и од Белгија.
Најмалку четворица Албанци се идентификувани како вмешани, а еден од нив е на судење во Шведска, заедно со уште пет лица, кои се обвинети дека учествувале во извлекување на кокаинот од пристаниште и негов транспорт до безбедна локација.
Но, случајот, исто така, покажува дека европските полициски органи сè уште се соочуваат со предизвици во соработката кога се во прашање меѓународни криминални мрежи.
Шведските органи велат дека побарале помош од Албанија за да ги пронајдат тројцата осомничени, но во Албанија, полицијата, обвинителството и Интерпол тврдат дека немаат информации за случајот.
Од Костарика до Хелсингборг
За да се разбере што се случило во Малме, потребно е да се вратиме неколку недели наназад.
На 23 април 2025 година, контејнер натоварен со банани пристигнал во пристаништето Пуерто Лимон на карипскиот брег на Костарика. На 28 април, контејнерот бил натоварен на товарниот брод MSC ANISHA R. Полицијата се сомнева дека меѓу бананите биле сокриени 1,5 тон кокаин, со проценета пазарна вредност од 180 милиони евра.
По промена на брод во Антверпен, Белгија, контејнерот пристигнал во Хелсингборг, Шведска, на 13 мај во 14.48 часот. Еден час подоцна, контејнерот наводно бил украден од пристаништето и ставен на камион управуван од белоруски државјанин по име Илија Кирилау.
Според полицијата, последователната истрага покажала дека Кирилау, кој подоцна бил уапсен, дошол специјално во Шведска за да ја изврши оваа задача – откако претходно бил вклучен во слични операции во Германија и на други места. Кирилау, кој сега е на судење, ги негира обвиненијата за тешки кривични дела поврзани со дрога, тврдејќи дека не знаел дека во камионот има дрога.
Откако компанијата што ги увезувала бананите го пријавила исчезнувањето, шведската полиција се мобилизирала за да го пронајде контејнерот и вклучените лица, чии движења биле реконструирани со помош на улични безбедносни камери и следење преку мобилни базни станици. Истрагата открила дека додека контејнерот сè уште бил на море, европска криминална мрежа веќе била во движење, имајќи го испланирано речиси секој детаљ.
„Прашање на живот и смрт“

Собата во кои се чувал кокаинот пред кражбата | Фото: Шведско судско досие
Меѓународните организирани криминални мрежи не се потпираат само на сила – потребна им е и сериозна логистика. За да се управува со ова огромно количество кокаин, мала оперативна група била итно испратена од Албанија во Шведска.
Податоците добиени од судските списи, до кои е пристапено преку барање за слободен пристап до информации во Основниот суд во Малме, ги идентификуваат албанските осомничени, како Антонио Чепеле, Клисман Хоџа, Тони (Таулант) Хискај и Мурат Зика – сите по потекло од Фиер.
Триесет и двегодишниот Зика е жител на Малме и закупец на станот каде што бил складиран кокаинот и од каде што подоцна бил украден, како и еден од шесте обвинети во овој случај за тешки кривични дела поврзани со дрога. Во меѓувреме, правниот статус на другите тројца Албанци останува нејасен.
Шведските власти утврдиле дека Чепеле и Хоџа летале со комерцијална авиокомпанија од Тирана до Малме на 12 мај, еден ден пред пристигнувањето на контејнерот со дрогата во Хелсингборг. Чепеле е идентификуван како човекот што носи „келвин клајн“ облека, додека Хоџа се наведува како „човекот со бели патики.“ Истиот ден, Хискај допатувал во Малме од Амстердам.
Според предметот, Албанците биле ангажирани да помогнат во извлекувањето на кокаинот од пристаништето и неговиот транспорт до станот на Зика на адресата „Farborets vаg 3“, на периферијата на Малме. Зика им го отстапил станот на тројцата новодојденци и ја испратил сопругата и детето да престојуваат неколку дена кај друг албански жител на Малме.
Во своето сведочење пред шведските истражители, Зика тврдел дека сè додека пратката не била донесена во неговиот дом и пакетите не биле отворени, не знаел за што станува збор. Тој изјавил дека бил ангажиран за 700.000 шведски круни (приближно 66.000 евра) да најде место за паркирање од поранешен познаник од Шведска по име „Адриано“, кој му се јавил од Албанија.
Тој рекол дека кога сфатил дека чува дрога, не можел да се повлече.
„Шефот ми рече дека е прашање на живот и смрт… Немав избор, бев ставен под притисок“, изјавил тој пред истражителите.
Според податоците собрани од БИРН, Чепеле, Хоџа и Зика немаат претходно криминално досие во Албанија и се речиси непознати за локалната полиција во Фиер. Од друга страна, пак, Хискај претходно бил истражуван за кривични дела поврзани со дрога во 2016 година во Швајцарија, според документ на Интерпол до кој дојде БИРН.
Норвешката врска
Паралелно со Албанците, тројца норвешки државјани, исто така, биле итно испратени во Малме, од кои еден наводно имал претходни врски со Албанци вклучени во трговија со дрога. Групата ја предводел Мартин Ари Парлемен, заедно со двајца млади луѓе со малку искуство, Мохамед Абди-Вели и Елиас Хадиби, од кои вториот имал само 17 години.
Шведското досие за овој случај сугерира дека Парлемен бил регрутиран од „Џони Вид“ – Албанец за кого се верува дека живее во Шпанија – со кого наводно претходно тргувал со канабис.
Парлемен одржувал контакт со „Џони Вид“ преку апликацијата Сигнал, каде што шведските власти пронашле и порака за регрутација од 11 мај. Во пораките, „Џони Вид“ му се обраќал на албански со „Vlla“ (брате). „Вла… Итно е. Имам многу добра работа во Шведска. Лесно е“, стои во пораката.
Парлемен наводно не бил нов во ваквите активности. Полицијата на неговиот телефон пронашла фотографии на кои се гледа со купишта пари, калашникови и со друго оружје. Тој ја прифатил работата, а полицијата верува дека ги повел Абди-Вели и Хадиби како „покритие“ – патувањето требало да изгледа како снимање музичко видео, каде што Хадиби требало да биде рапер и Абди-Вели менаџер.
По пристигнувањето во Малме, тие резервирале мал стан на периферијата и изнајмиле покриено „ивеко“ комбе, кое – без нивно знаење – било опремено со џи-пи-ес уред што ѝ помогнал на полицијата во истрагата. Според шведските власти, комбето било користено за транспорт на дрогата од пристаништето до домот на Зика.
Абди-Вели подоцна признал вмешаност и дал делумно признание, тврдејќи дека мислел дека станува збор за шверц на тутун. Тој инсистирал дека не знаел во што се впушта и дека ја прифатил работата поради финансиски притисок, тврдејќи дека доверител го натерал да учествува, иако не го именувал. Тој и другите двајца Норвежани, во моментов се на судење, обвинети за тешки кривични дела поврзани со дрога, што тие го негираат.
Размена на кокаинот
Операцијата за извлекување на кокаинот од пристаништето почнала утрото на 13 мај, координирана меѓу Албанците сместени во хотел, во близина на аеродромот во Малме, Норвежаните од нивниот изнајмен стан и Белорусинот Илија Кирилау, кој со камионот се упатил кон пристаништето Хелсингборг. Шведската полиција ја реконструирала сцената, користејќи џи-пи-ес податоци од возила, информации од мобилни базни станици и снимки од јавни и од улични камери.
Околу пладне, Кирилау застанал на патот за да земе еден од Албанците, идентификуван како Хоџа. Во своето сведочење по апсењето, Кирилау тврдел дека лицето автостопирало.
Откако Белорусинот го обезбедил контејнерот и го напуштил пристаништето, податоците од мобилните базни станици покажуваат дека Чепеле се наоѓал во близина на пристаништето, блиску до камионот. Хоџа, пак, изгледа како да се симнал од камионот и повеќе не се појавува на камерите што го следат возилото.
Речиси 37 минути по напуштањето на пристаништето, групите се сретнале на паркинг во Ландскрона – град приближно на половина пат меѓу Хелсингборг и Малме.
Чепеле пристигнал прв, правејќи неколку кругови околу локацијата; потоа пристигнал камионот на Белорусинот со контејнерот, „ивеко“ комбето на Норвежаните и изнајменото „тојота аурис“ возило управувано од Чепеле.
Пет минути по запирањето на паркингот, камерите снимиле како се отвораат вратите на контејнерот и како кокаинот се префрла од камионот во „ивеко“ комбето. Целата операција на товарење и истоварање траела само пет минути, од 16.30 до 16.35 часот.
Веднаш потоа, комбето го напуштило паркингот, но сега под контрола на Албанците. Норвежаните заминале кратко потоа со „тојотата“, а двете групи застанале околу час и половина подоцна на нов паркинг.
Вечерта на 13 мај, помеѓу 19 и 20 часот, „ивеко“ комбето со кокаинот пристигнало на адресата „Farborets vаg 3“ и дрогата била внесена во станот на Зика.
Во меѓувреме, Норвежаните биле запрени од полицијата околу 19.30 часот и задржани до следното попладне. Во досието, апсењето се опишува како оперативен потег за да се влијае врз однесувањето на другите учесници.
Вечерта на 13 мај, „ивеко“ комбето било забележано паркирано пред аеродромот во Малме, во близина на хотелот каде што престојувале Чепеле и Хискај, додека се смета дека Хоџа останал во станот на Зика.
Движењата продолжиле рано наутро на 14 мај. Првично, Кирилау се обидел да ја напушти Шведска со камионот, но бил уапсен истата вечер додека се обидувал да се качи на траект. Контејнерот повеќе не содржел траги од дрога, туку само празен простор што укажувал дека исчезнало големо количество „банани“.
На 14, 15 и на 16 мај, Албанците се движеле низ улиците околу адресата каде што била складирана дрогата, користејќи го „ивеко“ комбето, а подоцна и друго изнајмено возило. Вечерта на 16 мај, Чепеле и уште еден млад Албанец, чија улога не е прецизирана од полицијата, полетале за Тирана, оставајќи ги зад себе само Хоџа и Хискај. Надзорните камери го снимиле како се насмевнува и изгледа смирено.
Кражбата на кокаинот

Пакет со кокаин со лого на Манчестер сити | Фото: Шведско судско досие
Попладнето на 17 мај, жителите на адресата „Farborets vаg 3“ подоцна пријавиле сомнителни движења на возила. Потоа, кратко по полноќ, сведоци изјавиле дека две темни моторцикли и црно „волксваген“ возило влегле во дворот со голема брзина, од кои излегле голем број разбојници, кои го нападнале станот на Зика и преку главниот влез и преку балконот.
Очигледно дошло до тепачка во станот. Пронајдени биле траги од крв на постелнината, на софата во дневната соба и на завесите. Сепак, не се чини дека имало сериозни повреди или жртви.
Сведоци потоа виделе како маскираните лица бргу ја товараат дрогата во возилата што ги чекале, при што во брзањето испуштале дел од пакетите. Ова траело околу 33 минути, сè додека полицијата, алармирана од соседите, не пристигнала на местото.
Според шведските истражители, кражбата била организирана од неидентификувано лице познато на властите како „Ангелот на смртта“, а извршена од лица од данска, шведска и од босанска националност.
Поголемиот дел од сторителите успеале да избегаат, но полицијата фатила тројца братучеди со данско државјанство во автомобил, во близина на местото: Ахмад Јунес, Ахмад Салем и Ахмед Џехад. Сите тројца се обвинети за тешки кривични дела поврзани со дрога, но ја негираат вмешаноста и моментално не се на судење во овој предмет.
Откако истражителите ги поврзале пакетите со ознака „Манчестер сити“ со Стокхолм и други шведски градови, сомнежот паднал врз Ферид Мусиновиќ и Мостапа Ајуб.
ДНК од Ајуб, кој според досието, претходно бил уапсен за дела поврзани со дрога, наводно била пронајдена на запленетите пакети, а полицијата го поврзала и со „волксваген“ возилото забележано на местото на настанот. Мусиновиќ, пак, бил наводно фатен со дел од дрогата од пратката, а на неговите пораки на Сигнал апликацијата биле пронајдени фотографии од дрогата. Истражителите велат дека тој се обидувал да ја продаде.
Ајуб, во моментов, е на судење, обвинет за тешки кривични дела поврзани со дрога, што тој ги негира. Мусиновиќ, кој во моментов издржува затворска казна за друг случај на трговија со дрога, исто така ги негира обвиненијата во овој предмет.
Во пораките што ги пронашла шведската полиција, разменети меѓу Мусиновиќ и „Ангелот на смртта“, се изразува жалење што не бил украден целиот кокаин. Во подоцнежна порака се дискутира нова кражба.
„Овојпат се надевам дека ќе земете сè“, пишува „Ангелот на смртта“.
„Иншаллах“, одговара Мусиновиќ, кој го користел псевдонимот „Флоки.“
Бегството на Албанците
Според судското досие, тројцата осомничени Албанци го напуштиле Малме еден по друг: Чепеле се вратил во Албанија, додека Хоџа и Хискај полетале за Амстердам на 19 мај. Единствениот што се соочува со правда во Шведска е Зика, кој бил уапсен вечерта на 18 мај.
Претресот на станот на Зика по кражбата открил лични предмети оставени во брзање, вклучително и мобилен телефон, „белите патики“ на Хоџа и темносив ранец, кој бил снимен кај Хискај за време на полициското следење.
Тековниот правен статус на овие тројца осомничени останува нејасен, но шведските власти нагласуваат дека побарале помош од Албанија за нивната истрага.
БИРН не успеа да стигне до Чепеле, Хоџа и Хискај.
Досието вклучува и податоци од мобилни телефони од Албанија, кои документираат движења во областите Росковец, Фиер и Влора. Сепак, полицијата во Фиер и Интерпол велат дека не се запознаени со случајот. Обвинителството во Фиер, во писмен одговор до БИРН изјавило дека „според податоците во електронските евиденции, не е евидентиран кривичен предмет за овие лица во 2025–2026 година.“
Што се однесува до Зика, тој првично се обидел да избега од полицијата, фрлајќи ги својот и телефонот на сопругата во морето. Зика, исто така, изјавил дека се чувствува принуден да го користи својот дом како складиште.
„Мислев само на мојот живот и на моите деца. Бев преплашен, но како што реков, постојано размислував да ве повикам [полицијата]. Потоа си помислив: ако ги повикам, тие [албанската банда] ќе ме најдат и ќе ме убијат.“

