Регион

Критики до балканските земји поради лицата исчезнати во војните

Филип Рудиќ, Белград

Експерт по судска медицина во БиХ. Фото: Фехим Демир/ЕПА

Работната група за присилни и недоброволни исчезнувања на Советот за човекови права на Обединетите нации, ги критикуваше Хрватска, Црна Гора, Србија и Косово, бидејќи проблемот на исчезнатите лица го третираат како политичко прашање.

Како што соопшти ова тело, владите често намерно не споделуваат релевантни информации или ги споделуваат само ако за возврат добијат некои други информации.

„Ова не влијае само на правото за вистина на жртвите и на нивните семејства, туку и на правдата”, се вели во последниот извештај на работната група.

Групата ја изразува својата загриженост поради застојот во билатералната соработка помеѓу Хрватска и Србија и повика, што е можно поскоро, таа соработка да продолжи.

Таа изразува жалење и поради немањето на соработка меѓу Косово и Србија, нагласувајќи дека „процесот на размена на информации со цел да се разјасни судбината на исчезнатите лица, практично е во застој”.

Работната група испрати апел до Црна Гора, присилното исчезнување да го класифицира како посебно кривично дело во кривичниот закон, но, исто така, упати и критики поради „малиот напредок” во истрагата и гонењето на воените злосторства.

Во своите препораки кои се однесуваат на целиот регион, работната група на ООН упати повик за понатамошни напори во целосната имплементација на Декларацијата за улогата на државата во решавањето на прашањата за лицата исчезнати како последица на вооружените конфликти и кршењето на човековите права, особено на делот кој се однесува на процесирање на воените злосторства.

Иако потенцира дека се вложени напори за решавање на грешките во идентификацијата на исчезнатите лица направени во минатото, работното тело изрази загриженост бидејќи „пристапот до архивските материјали и откривањето на релевантните информации за случаите на присилно исчезнување и натаму се проблематични”.

Сепак, работната група го поздрави создавањето на база на податоци за отворените случаи на исчезнати лица, со поддршка на Меѓународната комисија за исчезнати лица, а учеството на Хрватска, Црна Гора, Србија и Косово, го нарече „позитивна забелешка”.