„Збогум, #ГенералХРТ. Понеделник никогаш повеќе нема да биде ист“, напиша корисник на Твитер, во понеделникот вечер, откако на хрватскиот јавен сервис, ХРТ, се емитуваше последната епизода на серијата.
Оваа серија за животот на хрватскиот генерал Готовина, клучен командант во операцијата Бура, која беше спроведена во август 1995 година, предизвика голема дебата на социјалните мрежи под хаштагот #ГенералХРТ.
Серијата има осум епизоди, а произлезе од истоимениот филм, премиерно прикажан минатото лето. Овој најгледан домашен филм во 2019 година, снимен со државни средства, го режираше 88-годишниот режисер, Антун Врдољак.
И додека мислењата за филмот беа поделени, серијата предизвика многу повеќе критики.
Владимир Матијаниќ, новинар на интернет порталот Index.hr, кој ја проучувал серијата и детално го прочитал сценариото, за БИРН изјави дека критиките биле „едногласно негативни”.
Критики упатија, вели Матијаниќ „и оние за кои е направен филмот – здруженијата на бранители и поранешните припадници на единиците на хрватската војска. Тие беа многу незадоволни како беше прикажана војната“.
За време на емитувањето на серијата, од декември до јануари, гледачите забележаа голем број грешки: погрешни историски факти, неправилен дијалект кај одредени ликови, гафови во сцените, како што е пластично шише со вода на хрватскиот производител Јана, кој не постоеше во 1990-тите, нови модни детали и реклами на странски супер маркети.
„Имаше неколку наивни поплаки (на гледачи) дека недостасува реализам, но сепак, отстапувањето од реализмот би можело да се смета за уметничка слобода, ако доведе до некаков (повисок) квалитет (на содржината)”, истакна Матијаниќ.
Тој посочува дека серијата всушност покажала „ретко видена комбинација на лошо сценарио и лошо одиграни ликови”.
Врдољак одби за БИРН да ги коментира критиките. Тој одби да разговара за негативните реакции и со другите медиуми.
Сепак, ХРТ признава дека не се задоволни од крајниот производ.
Директорот на програмата на ХРТ, Ренато Куниќ, во понеделникот изјави оти „сценариото не било добро”.
„Стереотипно, плитко и многу лошо”
Приказната „Генерал” е заснована на книгата „Воин: авантурист и генерал” на новинарот, писател и политичар, Ненад Иванковиќ.
„Ме допре неговата судбина (на Готовина), затоа што некои луѓе многу лошо се однесуваа кон него”, изјави Врдољак, кој беше член на Хрватската демократска заедница (ХДЗ), во 1990-тите години.
Готовина стана национална икона кога Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во јули 2001 година, го обвини за големи злосторства извршени над српските цивили, за време и по операцијата Бура. Голем дел од хрватската јавност, која сметаше дека меѓународната заедница неправедно ја третира младата држава, го поддржа.
Готовина, поради обвинението, избега од Хрватска, но беше уапсена во декември 2005 година, во ресторан на Канарските острови, со помош на хрватските тајни служби. Тој, пред МКТЈ, заедно со своите обвинети соборци, генералите Младен Маркач и Иван Чермак, изјави дека не е виновен.
Хрватската јавност беше шокирана кога тој, во април 2011 година, беше прогласен за виновен и осуден на 24 години затвор. Сепак, во ноември 2012 година, Апелацискиот совет на МКТЈ го ослободи и тој се врати во Хрватска, каде беше пречекан како херој.
Критичарите се согласуваат дека филмот и ТВ серијата, како и повеќето хрватски воени филмови, го поддржуваат доминантниот наратив, дека војната во 1990-тите години била дефанзивна и ослободувачка, односно легитимен одговор на српската и на југословенската агресија.
Матијаниќ вели дека филмот и серијата претставуваат воена пропаганда многу слична на онаа од деведесеттите години, но дека ова е само еден дел од проблемот, бидејќи, како и сè друго во филмот и серијата, пропагандата е „карикирана”.
„Двајца српски офицери седат во штабот во Книн, Бура е (во тек) и десет минути зборуваат за ништо … тие не зборуваат за тоа што се случува околу нив … Хрватските офицери се прикажани на сличен начин”, нагласува тој.
„Стереотипно е, плитко и многу лошо – (но) тоа е всушност добро, ако треба да се произведе, да се има таа пропаганда, така што секој со здрав разум може да види колку всушност е идиотска таа пропаганда”, додава тој.
Хрватскиот новинар, Борис Рашета, за БИРН вели дека го прочитал сценариото пред снимањето и оти се прашал дали некој ќе го поправи за време на снимањето. Тоа не се случило. Тој додава дека од лошото сценарио е направен „подеднакво лош или уште полош филм”, а потоа и серија која „е уште полоша од филмот”.
Матијаниќ и Рашета сметаат дека Готовина е прикажан како карикатура и како примери наведуваат сцени во кои тој флертува со жени, го цитира Шекспир на хрватски јазик или „изговара целосно нереални реченици”, вели Матијаниќ.
Самиот Готовина не сака да зборува за филмската екранизација на неговиот живот.
„Како е прикажан мојот лик, тоа не е моја работа”, изјави Готовина за весникот „24 часа“, на 17 јануари.
Сепак, многумина кои учествуваа во војната во 1990-тите и работеа со Готовина, имаат замерки на начинот на кој е претставен генералот, конфликтот и клучните битки.
Потрошени се неколку милиони евра јавни пари
Рашета посочува дека постои огромна диспропорција помеѓу износот на вложени пари во овој проект и квалитетот на содржината. Иако не е познато колку пари се потрошени за снимањето на „Генерал“, тој смета дека цената е помеѓу 2,7 и 4 милиони евра.
Од ХРТ за БИРН образложуваат оти обезбедиле 1,28 милиони евра за филмот и за серијата, додека Хрватскиот аудиовизуелен центар (ХАВЦ) обезбедил дополнителни 554.000 евра – иако парите, како рекоа, биле само за филмот.
Врдољак добил голема помош и од Министерството за одбрана, кое обезбедило тенкови, хеликоптери, авиони, камиони, артилерија и војници, за период од 65 дена.
Од ова Министерство за БИРН потврдија дека го поддржале филмот, но не прецизираа колку тоа ги чинело.
Во нивниот одговор се наведува дека, со оглед на тоа што проектот се занимава со Татковинската војна и воените операции за време на таа војна, вооружените сили на Хрватска, обезбедиле логистичка поддршка и помош „за зачувување на вредноста на Татковинската војна”, а во согласност со одлуката на хрватската влада.
Од Министерството додаваат дека тие обично поддржуваат проекти, филмови и серии, фокусирани на војната во 1990-тите.
„Употребата на имотот и опремата на вооружените сили на Република Хрватска е организирана на таков начин, што беше спроведена во рамките на планираните активности за обука, без дополнителни трошоци за хрватската армија”, велат од Министерството.
Финансиски помогнале и некои државни компании и институции. Од одделот за образование, култура и спорт на градот Загреб, за БИРН изјавија дека го поддржале проектот со вкупно 241.800 евра, меѓу 2016 и 2018 година.
Нафтената компанија ИНА, соопшти дека тие го поддржале проектот во 2017, додека државната компанија Хрватско електростопанство (ХЕП) потврди дека компанијата обезбедила вкупно 80.600 евра за филмот, преку програмите за спонзорства и донации, во 2016 и 2017 година.
Според весникот „Слободна Далмација“, проектот бил финансиски поддржан и од бројни општини во далматинскиот регион. Така, општина Пакоштане и градот Биоград на мору, донирале по 33.600 евра, Шибенско-книнскиот и задарскиот округот по околу 16.000 евра, а градот Шибеник и општината Свети Филип и Јаков околу 13.440 евра.
Коментирајќи ги трошоците, Матијаниќ рече дека Хрватска има „традиција на слаба контрола врз трошењето на јавните пари и тоа е нешто што ниту една политичка сила што владеела со земјата, не се обидела да го смени”.
И Матијаниќ и Рашета потсетуваат дека проектот бил одобрен од ХАВЦ во 2016 година, кога раководството на институцијата било под притисок на десничарските организации и на бранителите.
„Луѓето во ХАВЦ беа многу свесни дека сценариото е лошо, но тие сепак го одобрија, веројатно очекувајќи дека ќе се подобри малку за време на снимањето”, нагласува Матијаниќ.
Тој вели дека раководството на ХАВЦ се обидело, поддржувајќи го овој проект за херојот на бранителите и десничарите, да го „купи (својот) опстанок” и да ги задржи своите работни места, но оти тие, сепак, на крајот биле отпуштени.
„Се плашам дека вакво нешто може да се случи и во иднина”, вели тој, истакнувајќи оти верува дека е малку веројатно оти ќе се воспостави ефикасен механизам за контрола на јавната потрошувачка за вакви проекти.
Иако ТВ серијата „Генерал” веќе заврши, Матијаниќ додава дека „оние кои сакаат ѓубре облечено во национални бои” сè уште имаат што да гледаат, бидејќи на ХРТ сега се прикажува серијата „Претседател”, за првиот хрватски претседател, Фрањо Туѓман.
Сепак, серијата за Туѓман не е толку лоша како онаа за Готовина, вели тој: „(‘Претседател’) е предгрупа во однос на ‘Генерал’”.