Анализи

Културното наследство или се распаѓа или е незаштитено

Скопскиот аквадукт се распаѓа со години | Фото: БИРН

Нова зелена трева се пробива низ пеплосаната почва околу скопскиот аквадукт. Противпожарната единица, минатиот месец, трипати интервенирала во реонот околу овој споменик на културата заштитен со закон. Главно горела сувата трева и ѓубрето што таа го покрива.

Помина повеќе од една година откако овде беше направено генерално чистење за доаѓањето на премиерот Зоран Заев, тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски, градоначалникот Петре Шилегов  и други високи гости, кои на 25 февруари 2018 ветија реставрација, заштита и нови содржини околу објектот. Единствените содржини што таму се додаваат оттогаш се новите купчиња шут и ѓубре низ кои растат треви и трње.

Темата за тоа како се чува културното наследство во земјава се актуализираше по вестите за пожарот во црквата Нотр Дам во Париз. Прашањето што се наметна во македонската јавност беше – ако таква несреќа може да ѝ се случи на Франција врз толку значаен објект како Богородичната црква, во колкава опасност е културното наследство во земјава.

Тешко дека таква оценка може да се извлече само од аквадуктот. Тој не е просечен пример, туку екстремен случај, еден од најзагрозените објекти во целата држава, заедно со црквата во Курбиново и други локалитети. Меѓу 1.200-те објекти ставени на листата на недвижно културно наследство има и градби што се во добра состојба и се одржуваат. Но, експертите предупредуваат дека голем број од нив немаат соодветни планови за заштита при природни и други несреќи, па, за разлика од аквадуктот, кој со години се распаѓа, би можеле да исчезнат за миг.

Пет години се предупредува дека аквадуктот ќе се урне

Наодите на германските експерти се игнорираат | Фото: БИРН

Опожарената трева не му е најголемиот непријател на скопскиот аквадукт. Огнот на некои места ги зацрнил камењата на неговите ѕидови, но не предизвикал поголема штета. Тој е во реално голема опасност поради водата, особено поради подземните води. Пред повеќе години, двајца експерти од Институтот за културно наследство на Германија ги истражувале можните последици по објектот од климатските услови, а нивните наоди се објавени во третиот национален план за климатски промени издаден од Министерството за животна средина во 2014 година.

Таму пишува дека состојбата на објектот што стои таму со векови, драстично почнала да се влошува по изградбата на коритото на реката Серава, со што се спречило одлевањето на дождовницата и се зголемувало нивото на подземни води. Влажната и нестабилна почва ги загрозува темелите на аквадуктот, а дождовите и растенијата што никнуваат во пукнатините ги уништуваат горните делови.

Заклучоците на германските експерти се дека ако не се преземат мерки, прашање на време е кога сводовите ќе се урнат и градбата целосно ќе се дестабилизира. Меѓу најважните мерки што се предлагаат е враќање на реката во нејзиниот природен тек, но и да се преземат дополнителни мерки за да се одведуваат водите.

Приватните објекти потешко се чуваат

Голем дел од заштитените куќи и дуќани се приватни | Фото: БИРН

Аквадуктот е археолошки локалитет, какви што има стотина под заштита во земјава. Освен нив, на листата заштитени објекти се и околу 200 цркви, над 400 куќи, над 200 дуќани, триесетина џамии, триесетина тврдини и кули, како и други објекти.

Државата ја има целосната надлежност врз локалитетите што се во нејзина сопственост, како археолошките наоѓалишта, тврдините, спомениците или јавните објекти. Но, поголем број од црквите, манастирите, џамиите и другите верски објекти се во сопственост или на располагање на верските заедници што ги управуваат. Многу од заштитените куќи и дуќани се приватни и се користат за живеење или за водење бизнис.

Но, тоа не ги ослободува сопствениците од одговорноста да ги чуваат своите објекти и да се грижат за нив како за наследство значајно за државата. Членот 107 од Законот за заштита на културното наследство предвидува дека за сите објекти на листата треба да постојат планови, обучен кадар и опрема за да може брзо да се интервенира при пожар, поплава и друга хаварија или природна несреќа, за да се спречи нивното уништување.

Управата за заштита на културното наследство треба да води евиденција за колку објекти е изготвен таков план, а колку немаат. Иако баравме, оттаму не добивме податоци колку планови за заштита имаат евидентирано.

Плановите или ги нема или се социјалистички

Посетивме неколку објекти под заштита во центарот на Скопје. Во црквата „Свети Димитрија“, во просторот што е пристапен за верниците и за посетителите не видовме противпожарен апарат или друг систем за заштита од пожари. Таква опрема не забележавме ниту во Мустафапашината џамија. Во црквата „Свети Спас“, каде што се наоѓа еден од највредните иконостаси изработен во резба, два противпожарни апарати стојат веднаш до влезот, на дофат за да се интервенира веднаш и при најмал инцидент.

„И покрај тоа што некои објекти се под заштита, ако тие не се во владение на државата, таа има ограничени можности да интервенира во нив, што е проблем“, вели професорот Даворин Трпески, претседател на македонскиот огранок на организацијата „Син штит“, која е специјализирана за културното наследство во опасност на глобално ниво.

 

Планови за итни интервенции и за заштита на објектите мора да има, додава Трпески, но тоа ретко е случај. За повеќето, вели професорот, или нема никаков план или тоа е документ изработен уште во времето на социјализмот.

„Ние неодамна имавме противпожарна вежба со вработени во музеите и во други јавни установи, и тогаш на виделина излегоа многу слабости, кои мора да се надминат за да го заштитиме културното наследство од можните ризици“, додава тој.

Повеќемина членови на оваа експертска организација објавувале трудови за заштитата од ризици од катастрофи на објектите што се прогласени за културно наследство, во кои се препорачува дека во подготовката за справување со несреќите треба да бидат вклучени повеќе институции, како Министерството за култура, Управата, Центарот за управување со кризи, локалните власти онаму каде што имаат надлежност и други.

Изгореното не секогаш може да се обнови

Објектот на „Македонска пошта“ шест години е затворен | Фото: БИРН

За Нотр Дам, за само неколку дена се собраа околу 800 милиони евра донации за нејзината обнова. Првичните прогнози се дека, и покај големите оштетувања, градбата може да се обнови за пет години.

Околу пет години траеше обновата на конаците на двата македонски манастири што беа опожарени во изминатава деценија. Делот од објектот што изгоре во Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ во 2009 година беше реставриран и пуштен во употреба во 2015, а конакот на манастирот Трескавец што беше опожарен во 2013 година беше изграден во 2017 година.

Но, не сите објекти што изгореле во пожар биле обновени. Делот од објектот на Македонска пошта што изгоре во 2013 година, во центарот на Скопје сѐ уште стои затворен, а низ искршените прозорци над влезот се гледаат поцрнетите тавани од чадот. Објектот оттогаш не е во употреба. Зад неговата бетонска надворешност се наоѓаше и муралот на уметникот Борко Лазевски, кој, исто така, беше оштетен од огнот. Веднаш по несреќата, уметниците побараа тој да се реставрира, а Конзерваторскиот центар најави дека ќе направи проценка. Наспроти разни најави за реконструкција, и по шест години овој објект стои како вчера да бил опожарен, а познатиот мурал се чини дека е засекогаш загубен.