Анализи

Лов на „ѓуленисти“ на македонско тло

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Турција со дипломатски средства сака да ги врати „ѓуленистите“ што се во странство | Фото: Роберт Атанасовски

Овде во Скопје, 1.200 километри далеку од новата и луксузна палата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган во Анкара и дури преку две граници, се смета за гест на врвна храброст ако Турчин шепотејќи на кафе-муабет се декларира како приврзаник на Фетула Ѓулен. Посебно ако тој е турски државјанин, кој поради некоја причина живее во државава.

Стравот произлегува од тоа што официјална Анкара бара Северна Македонија да ѝ испорача 15 турски државјани што ги обвинува. Тоа се приврзаници на Ѓулен, верскиот лидер за кого Ердоган тврди дека го организирал неуспешниот обид за пуч во јули 2016.

Македонското Министерство за правда, за БИРН потврди дека во 2018 и во 2019 година работеше на повеќе предмети за екстрадиција на барање на Република Турција..

„Во моментот се водат 15 предмети-барања за екстрадиција за кривични дела од областа на тероризмот. Сите постапки се во тек и надлежните органи се во комуникација“, соопштија од Министерството за БИРН.

Домашните власти не открија кои се луѓето од црната листа, меѓутоа турската амбасада во Скопје, за весникот „Вечер“ прецизираше дека ги бараат првите луѓе на некои образовни институции, медиуми на турски јазик и на невладини што функционираат во државава и уште еднаш потсети кои организации и фирми ги смета за поддржувачи на Ѓулен.

Нашиот соговорник, кој бараше да остане анонимен, судејќи според сите параметри одговара на фотороботот на еден озлогласен „ѓуленист“.

„Тој и е приврзаник на Ѓулен“, потврди неговиот скопски пријател, кој го преведуваше разговорот.

Сепак, она што овој турски државјанин го подразбира под зборот „ѓуленист“, нема никаква врска со тероризам и со неуспешниот обид за детронизација на Ердоган.

Во Турција го чека зандана

Приврзаниците на Ѓулен сметаат дека пучот бил театар на Ердоган | Фото: Роберт Атанасовски

Пред речиси една деценија, работата го преселила нашиот соговорник од Турција во Скопје. Сè уште не зборува македонски, ама неговите деца веќе поднаучиле и се надева на македонски пасош. Во татковината последен пат бил пред обидот за пуч, во 2016.

„Немам информација дека јас сум на листата од 15 лица, ниту, пак, македонските власти ме известиле дека се бара екстрадиција за мене. Арно ама, знам дека ќе ме уапсат ако стапнам во Турција.“

Македонскиот јазик е богат со турцизми и затоа можевме да разбереме дека нашиот соговорник името на Ердоган често го комбинира со зборот што се одомаќинил и кај нас – „душман“.

Подолго време инсистиравме на средба и кога тој конечно прифати, се видовме во едно од скопските кафулиња на локација прилично оддалечена од неговата канцеларија, на сосема друга страна од Скопје. Така било побезбедно.

„Нападот врз мене и врз она што го работам трае уште пред пет-шест години, кога овде во Скопје добив понуда да влезам во служба на Ердоган, која нормално ја одбив. Понудата во четири очи ја добив од еден од неговите тогашни советници.“

Ердоган и официјална Анкара сметаат дека верскиот лидер во егзил – Фетула Ѓулен, кој живее во американската сојузна држава Пенсилванија, го организирал неуспешниот обид за пуч во 2016, кога загинаа повеќе од 300 и околу 2.100 луѓе беа повредени. По обидот за пуч следуваа масовни апсења, затворања на организации и медиуми, во обем невиден во поновата историја во овој дел од светот.

Турција со дипломатски средства се обидува да ги врати „ѓуленистите“ што се надвор од нејзините граници.

Нејзиниот министер за одбрана, Хулуси Акар ја искористи неодамнешната посета на Скопје дипломатски да притисне да ги екстрадираме турските државјани за кои верува дека се дел од она што Ердоган го нарекува ФЕТО или Fethullah Terror Organisation. Министерот Акар слично нешто побара и од косовските власти.

„Театар. Пучот беше театар на Ердоган, кој го искористи за да се пресмета со сите неистомисленици“, вели нашиот соговорник.

Неговите аргументи се дека турскиот претседател по обидот за пуч на различен начин се одмаздил на стотици илјади Турци, иако ноќта на 15 јули, само еден процент од „турскиот аскер“ и неколку воени пилоти се обиделе да ја преземат власта.

Постојан притисок

Турскиот министер за одбрана јавно „притисна“ да ги екстрадираме „ѓуленистите“ | Фото: Flickr на Влада на РСП

Нашиот соговорник е спокоен. Не верува дека Северна Македонија ќе го испорача на турските власти доколку тој се наоѓа на црната листа од 15-те лица што официјална Анкара ги бара од Скопје.

Тој се повикува на контакти со европски дипломати, од кои, како вели, добил уверување дека Европската унија нема да дозволи државава да екстрадира невини граѓани и дека од Северна Македонија, ЕУ бара почитување на највисоките стандарди на човекови права во ваквите случаи.

Дека не би екстрадирал без сериозни докази за тероризам, уверуваа и премиерот Зоран Заев и претседателскиот кандидат Стево Пендаровски, кој во моментов е национален координатор за НАТО.

Министерката Радмила Шекеринска, која беше домаќинка на турскиот колега, во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ пред десетина дена рече дека Турција можеби побргу би го ратификувала пристапниот протокол за влез на Северна Македонија во НАТО, доколку ѝ се испорачаат лицата од црната листа.

Ова беше нејзиниот одговор на прашањето дали Анкара, по принципот на Атина и на Софија, би можела да ја условува државава со екстрадициите.

Пред повеќе од две години, македонското издание на државната турска новинска агенција „Анадолија“ без никаква ограда како упориште на она што Ердоган го нарекува терористичката организација ФЕТО ги обележа училиштето „Јахја Кемал“, агенцијата „Башак турс“, неделникот „Заман Македонија“, организациите „Седеф“, „Шафак“ и „Толеранс“, синџирот маркети ЕВАР и транспортната компанија „Реинбоу“.

Притисокот на официјална Анкара опстојува до денес.

Затоа неделава реагираше раководството на средното приватно училиште „Јахја Кемал“. Со соопштение лиферувано до медиумите побараа секој што има некакви докази против нив, да се обрати до државните институции и до судот.

„Секоја година во периодот на уписи за наредна учебна година од одредени центри се шират невистини и клевети за нас.“

Лани весникот „Заман“, како и другите печатени изданија во земјава, доби субвенции од владата вредни 15.000 евра, за потоа веднаш да ги врати откако турската амбасада реагираше дека македонската држава „финансирала терористичка организација“.

Министерот без ресор задолжен за комуникации, транспарентност и отчетност, Роберт Поповски во интервју за БИРН уверуваше дека „Заман“ самоиницијативно се откажал од парите. Поповски беше дециден дека владата не побарала медиумот да се повлече во име на добрите односи со Турција пред ратификација на пристапниот договор за НАТО.

Набргу потоа весникот го згасна своето печатено издание и опстојува само на интернет.