„Вечерва ќе го запалиме плоштадот“, велеше симпатизер на СДСМ пред вратата на партискиот изборен штаб во Куманово, убеден уште во 19.04 часот дека, според излезноста на изборите за градоначалник и според местата каде што луѓето најмногу излегле, неговата партија и кандидатот Оливер Илиевски ќе однесат убедлива победа и ќе направат голема прослава.
Само еден час подоцна, луѓето од владејачката партија сфатија дека раната еуфорија им била неоснована.
„Затоа прво скокни, па кажи – оп“, коментираше подоцна поддржувач на противкандидатот Максим Димитриевски, за кого вечерта почна обратно, со загриженост поради истите бројки.
Во една од најтешките постизборни вечери во својата историја, СДСМ го загуби досега најсилниот бастион – Куманово. Партијата не се симнуваше од тронот во најголемата општина во Македонија ниту во времињата кога беше беспомошна опозиција што освојуваше одвај четири градоначалнички места, борејќи се против власт за која се води судски процес поради нечесни изборни игри.
Овојпат поразот дојде од своите, од отфрлениот социјалдемократ Димитриевски, кој настапи како независен кандидат откако партијата одлучи да не му даде втора шанса. Тој е еден од тројцата градоначалници што во 2017 година дојдоа на власт како кандидати на СДСМ, а сега победија токму против СДСМ, настапувајќи како независни или како претставници на помали партии. Истото се случи и со Курто Дудуш во Шуто Оризари и со Зоран Ногачески во Дебрца, откако и нив СДСМ им ја откажа поддршката и пријави други кандидати.
„Јас сум сѐ уште социјалдемократ и моето семејство е социјалдемократско. Но, нашата партија се претвори во нешто против што се боревме“, рече Димитриевски веднаш штом излезе од изборниот штаб и тргна да прослави во центарот под споменикот на Батко Ѓорѓија.
Сместени на петстотини метри оддалеченост едни од други, СДСМ на крајот од улицата Маршал Тито, Димитриевски на крајот на Ленинова, двата табора со погледите беа свртени кон плоштадот Нова Југославија, точно на средината меѓу нив. Се чекаше кој прв ќе тргне натаму, кој ќе го освои, дали социјалдемократите од јужната страна или поранешните социјалдемократи, заедно со другите поддржувачи, од северната.
Во „зградата на партиите“, во центарот на градот, каде што СДСМ е на најгорниот кат, а свои простории имаат и ЛДП, ВМРО-НП, Демократската партија на Србите и други политички организации, расположението беше високо веднаш штом се затворија гласачките кутии. Се зборуваше за излезност од две-три илјади гласачи повеќе отколку во првиот круг, што се толкуваше како позитивно за партијата.
„Колку излегле? 450? Па, таму сигурно победуваме“, извикуваше еден од членовите на мобилниот телефон, откако доби информации од некое избирачко место.
Поддржувачите се собираа во широкиот хол пред канцеларијата за да фатат подобра позиција пред очекуваното победничко обраќање на Илиевски, за потоа заедно да излезат на улиците. Дел се жалеа дека се уморни, но дека ќе ги издржат последните два часа до победата.
Заморот беше очигледен и на спротивната страна, но почетните коментари таму не беа ветувачки. Половина час по крајот на гласањето, пред штабот беше празно. Само неколкумина активисти и редари ги коментираа првичните бројки. Бидејќи тие пристигнуваа од помалите гласачки места и од околните села, почетното водство беше за противникот.
„Тешко е овде. Слаби сме каде што немавме штабови. Така беше и во првиот круг“, рече еден повозрасен поддржувач, објаснувајќи дека разликата во ресурсите била голема – СДСМ ја користи целата партиска инфраструктура градена со години, а Димитриевски морал да почне од нула. Згора на сѐ, како што рече, власта се служела и со нефер игри. Посебно се плашеа од резултатите од Диво насеље, Бајрам Шабани и од други делови од градот каде што сметаа дека противкандидатот може да направи голема разлика.
Мирната атмосфера ја прекинуваше само звукот од тивките аплаузи внатре, додека траеше состанок на членовите на изборниот штаб, затворен за јавноста. Не се очекуваше ништо да се смени уште најмалку еден час.
Плоштадот сѐ уште беше празен, во очекување на нечија прослава. Но, во меѓувреме, во СДСМ престанаа подготовките за неа. Околу 20.30 часот, нивните простории беа исполнети со тивки поддржувачи, задлабочени во екраните на мобилните телефони, од каде што читаа непријатни вести. Немо се погледнуваа едни со други, разменуваа одвај по неколку збора и се помируваа со фактот дека бастионот паѓа.
На Ленинова, пак, веќе се собраа стотина луѓе. Славеничка, но не и триумфалистичка атмосфера.
„Куде сте бре, дрим тим? Честито победа“, извикуваа дел од нив како што се собираа пред штабот во поголем број, особено откако слушнаа дека противкандидатот Илиевски го признал поразот.
Некои дури се расплакаа од среќа. Не им се веруваше дека победиле. Голем дел од нив се поранешни членови на СДСМ што му останале верни на, како што велат, Максо, откако централата во Скопје го отпиша. Знаеја дека се „ол ин“ и дека при пораз ќе им биде тешко да продолжат со какви било партиски активности.
„Исплатеше се цело агитирање, сви проблеми и притисоци“, рече еден активист.
По излегувањето од штабот и по една кратка изјава за медиумите, Димитриевски прв се упати кон плоштадот, следен од веќе неколку стотици симпатизери. Застануваше само кога му приоѓаа минувачи да му честитаат. Ги прегрнуваше сите.
Победи нашиот концепт, повторуваше, победија обединетите граѓани што решиле да не ги слушаат партиските централи од Скопје и самите да одлучуваат за својата иднина.
На плоштадот се собраа околу илјада луѓе. Димитриевски се качи на постаментот под Батко Ѓорѓија и побара зад него да застанат луѓе со македонско, албанско, српско и со други знамиња што ги донесоа поддржувачите, за да било претставено цело Куманово.
„Ова е доказ за демократијата. Доказ дека народот мора да се слуша и дека не може да се злоупотребува државниот апарат за избори. Ги поздравувам сите што гласаа и сите што учествуваа – и Тони, и Беким, и младото девојче од ЛДП што машки се бореше, го поздравувам и Оливер. Сега сме повторно едно, сите сме Куманово“, порача Димитриевски, пред да почнат огнометот, зурлите и тапаните.
Победничкиот табор во Куманово продолжи да слави, со Максим Димитриевски среде масата луѓе, додека ликот на Зоран Заев ѕиркаше од еден билборд преку улицата, заборавен од минатогодишните парламентарни избори со слоганот „Можеме“.
Во општинската канцеларија околу 200 метри јужно, пак, на крајот на вечерта останаа уште неколкумина, анализирајќи колку можеа и зошто не успеаја.