Анализи

Лажни наградни игри што ограбуваат

Украдени податоци на десетици илјади граѓани преку злоупотреба на брендови

Овој текст не е за мене! Иако можеби ова прво ви паѓа на памет читајќи го насловот, искуството на стручњаците за интернет-измами предупредува дека сите сме потенцијални жртви на онлајн-стапиците. Вистина е дека повозрасните и дигитално помалку писмените се поранливи, меѓутоа никој не е имун.

Раководителот на Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти (ЦИРТ), Севдали Селмани, во изјава за БИРН, потенцира оти компјутерската писменост сама по себе не е доволна за заштита.

„Примарната ‘слабост’ на жртвите е човечката доверба и желба за лесна добивка, а не само нивото на ИТ-знаење.“

Измамниците сѐ почесто играат на картата на довербата. Злоупотребуваат познати брендови на кои луѓето им веруваат, вели Селмани, и психолошки трикови за да предизвикаат возбуда или итност.

Организирани и од странство

Началничката од МВР, Пешовска вели дека постојат и локални измамници, кои полицијата ги откривала, меѓутоа во поголем број случаи тоа се меѓународни банди.

„Тоа се криминални групи што работат, верувајте, во хангари, како компании. Зборуваме за сериозно организирани измамници.“

Неколку години наназад, граѓаните се намамувани да ги остават личните податоци и банкарски информации, вклучувајќи се во лажни игри што ги злоупотребуваат брендовите, како КАМ, ДМ, Комерцијална банка, Нептун, како и Техномаркет.

Кликаа на линкот што им се појавуваше на мрежите или го добиваа на имејл или СМС, одговараа неколку прашања и уплаќаа две-три евра.

„Фактот дека веќе на десетици илјади граѓани им биле украдени лични податоци преку вакви лажни наградни игри, покажува колку широко е распространет проблемот“, вели Селмани од ЦИРТ.

Мониторингот на БИРН регистрираше вкупно 16 случаи годинава, во кои интернет-измамници се обиделе да „закрпат“ граѓани.

Најчести се „фишинг“ измамите, каде што скамерите се претставуваат како банки или компании за да ги добијат личните и финансиските податоци на жртвите. Има и лажни онлајн-продавници, реклами со нереални цени, како и лажни донации и хуманитарни акции што злоупотребуваат имиња на познати личности или трагични настани.

Како да се препознаат измамите?

Измамничката објава | Фото: Facebook

Анализирајќи ја последната лажнa награднa игрa, злоупотребата на спортската продавница Спорт вижн, ги издвоивме клучните елементи на кои граѓаните треба да внимаваат.

На Фејсбук месецов кружеше пост напишан наводно од извесна Елена Стојановска, која тврди дека открила „тајна процедура“ достапна само за вработени, преку која граѓаните можат да добијат брендиран ранец вреден неколку илјади денари за само 145 денари.

Покрај „неверојатнава понуда“, измислена е и приказна дека девојката била експлоатирана, па дала отказ и сега се одмаздува со откривање на „тајната.“

Постојат неколку знаци дека „играва“ не наградува, ами го прави спротивното.

Иако лажната веб-страница, на која носи линкот што се нуди, може да изгледа идентично како вистинската, таа секогаш има различна адреса (УРЛ) и тоа е речиси сигурен знак дека демне измама.

Нашата проверка покажа дека elevensblog.com нема никаква врска со спортскиот бренд од Македонија. Истрагата неочекувано нѐ „однесе“ до Рејкјавик, Исланд, на локација каде што нема продавница за спортска опрема, туку сосема друг бутик и музеј.

Адресата е само искористена за фиктивно седиште на компанија што хостира веб-страници. „Њујорк тајмс“ пишува дека токму оваа место и општо Исланд се избрани поради заштитата на приватноста што ја нуди оваа држава на регистрантите на веб-страници.

Понуди предобри за да бидат вистинити | Фото: Screenshot

Лажните објави често се напишани со Гугл транслејт, па ако внимателно се читаат, ќе се забележат нелогични или нетипични зборови и фрази како во случајот со Спорт вижн, каде што, наместо „ме отпуштија“, пишува „се отпуштивме.“

Утврдивме и дека фотографиите на наводната Елена Стојановска, објавени на лажниот фејсбук-профил, всушност се преземени од инстаграм-профил на инфлуенсерка од Западна Вирџинија, САД, која веројатно и не знае дека ѝ е злоупотребен идентитетот.

Летово, на корисници на Фејсбук и на Инстаграм од Македонија им се појавуваа реклами со лажни попусти до 80 проценти од познати светски брендови.

Марина Пешовска, началничка на одделение во Сектор за компјутерски криминал во МВР, во изјава за БИРН, апелира граѓаните секогаш „100 пати да проверуваат“ пред да поверуваат, особено кога понудата изгледа предобра за да биде вистинита.

„Најдобрата заштита од онлајн-измамите е превенцијата, а не репресивниот метод“, вели таа.

Кои се опасностите?

Фамозната адреса во Исланд | Фото: Screenshot

Не е толку страшно ако штетата се сведе само оние 2-3 евра што граѓаните ги уплатиле за ранецот од 2.000 или 3.000 денари, меѓутоа ризикот во овие случаи е далеку поголем.

Откако ќе ги земат податоците, измамниците можат веднаш да ги злоупотребат и, наместо 145 денари, може да ја испразнат сметката.

Покрај парите, мета на измамниците се и личните информации – име, презиме, адреса, телефон, имејл, па дури и копии од лични документи во некои случаи. Украдените лични податоци може да завршат на црниот пазар и да се препродадат на компании или на криминалци.

„Дури и ако не ви земат директно пари, вашите собрани податоци претставуваат вредност за измамниците“, вели Селмани.

Тој предупредува дека, освен финансиски измами, постојат и потенцијални сценарија, каде што овие масовно собрани лични податоци би можеле да бидат злоупотребени и за политички или за други манипулации – на пример, таргетирани дезинформациски кампањи или притисоци, кои не треба да се исклучат како можност.

Полициската началничка Пешовска советува да се пријави секоја измама на сајтот на МВР, во делот наречен црвено копче, или на имејлот – [email protected].

„Пријавителот да го опише настанот, да ги даде линковите, принт-скриновите – буквално сè што може да имаме за лажниот профил.“

Искуството на Пешовска ѝ покажало дека многумина тешко прифаќаат дека се измамени, бидејќи освен финансиската загуба, постои и психолошкиот товар – чувството дека некој ве излажал. Меѓутоа, токму затоа е важно ваквите случаи да се пријавуваат.

„Многу е тежок моментот кога ќе сфатите дека ви нема 10.000 евра. Доцна се сфаќа, доцна и се пријавува и затоа често нема успех во постапките“, објаснува таа.

Селмани се надоврзува и советува лошото искуство да се сподели со блиските – не од срам, туку за предупредување.

„Вашето сведоштво може да спаси некого од измама. Не дозволувајте срамот да ве спречи да реагирате“, порачува тој.