Од пишување текстови и објави на социјалните мрежи до генерирање видеа и до софистицирани употреби во медицината, технологиите што користат вештачка интелигенција (ВИ) сè почесто стануваат секојдневие.
Во последниве години, брзиот развој на ВИ отвори прашања за најдобрите практични и етички употреби на оваа технологија, но и на опасностите што може да ги донесе, особено околу елиминирањето на одредени работни места и економските последици од тоа.
Како и низ светот, и кај нас се дебатира за овие прашања, а неделава во Скопје се одржа AI Tech Sammit, каде што претприемачи, вработени од ИТ секторот и експерти од глобалната сцена, дискутираа за сегашната и за идната употреба на овие технологии.
Меѓу нив беше и Тале Локвенец, наш сограѓанин, кој магистрирал на престижниот универзитет „Харвард“ и коосновач на компанијата „Зенлитик“, со седиште во Њујорк. Фирмата нуди интерактивен асистент изграден со вештачка интелигенција за да им помага на бизнисите полесно да ги разберат и да ги користат своите бази на податоци.
БИРН разговараше со Локвенец за можностите што ги нуди ВИ за луѓе од помалку развиените земји, како нашата, и за мерките на кои, според него, државите треба да се фокусираат доколку сакаат да ја развијат оваа индустрија.
БИРН: Употребата на вештачката интелигенција во Македонија е сè уште во почетоците. Со оглед на Вашето искуство, какви можности има земјава да ги искористи новите технологии за да го забрза сопствениот развој и што треба државата да направи за да го поттикне тоа?
Локвенец: Сметам дека ВИ дава можности на луѓе од понеразвиените држави, кои претходно единствено постоеле во поразвиените. Односно, за да направиш успешна фирма, порано беа потребни огромни ресурси, како кадар и капитал. А, сега мислам дека доволни се луѓе што се подготвени да ги реализираат своите идеи и да работат напорно на нив со помош на ВИ.
Од тој аспект, вештачката интелигенција може да стане големиот порамнувач на полето за игра.
Една од главните мерки што отсекогаш сум ја сметал за исклучително важна е подобрување на образованието. Потребно е преку образование да се создава една здрава рамка преку која младите ќе можат да размислуваат и која ќе им биде појдовна точка за понатамошен развој.
А од друга страна, мислам дека треба да се размислува и на економски мерки за тоа како да се поттикнат младите во Македонија да отвораат нови бизниси, да бидат храбри и навистина да работат на идеите за кои имаат пасија. Тука државата може да помогне преку регулатива и олеснување на отворањето нови фирми и пристап до фондови.
БИРН: Кои недостатоци, државата најтешко ќе ги надмине за да може да фати чекор со оваа нова, петта индустриска револуција? Човечки кадар, стабилноста на енергетскиот систем или други проблеми?
Локвенец: Мислам дека енергетиката не е главниот проблем со кој се соочуваме бидејќи барем за сега во земјава немаме дата-центри, во кои сервисираме јазични модели што се користат за ВИ технологии, што можеби ќе се промени во иднина.
Сметам дека образованието е еден од најпотребните елементи за да излезете како лидер или победник во која било револуција. Од друга страна, овие чекори се бараат бидејќи потребно е време за да се направат реални реформи и треба бројни генерации да поминат низ тој подобрен образовен систем за да ги видиме вистинските резултати.
БИРН: Насекаде во светот се зборува за тоа како вештачката интелигенција ќе ги замени луѓето, кои ќе ги изгубат работните места и приходите. Како вие го гледате овој предизвик и колку се реални тие очекувања?
Локвенец: Јас сум голем оптимист кога станува збор за ова прашање конкретно, меѓутоа во исто време ги разбирам стравот и анксиозноста што се јавуваат кај луѓето.
Во секоја индустриска револуција што се случила во историјата доаѓа со одредено поместување на работните позиции, што не значи дека ќе има помалку или повеќе работни места. Тоа значи дека едноставно луѓето ќе работат на различни работи. Меѓутоа, сè уште сме во многу рана фаза за да можеме точно да кажеме кои ќе бидат новите работни места и индустрии.
Во овој момент, повеќе ја гледам вештачката интелигенција како начин да ја подобри работата на вработените во одредени индустрии. Денес, вештачката интелигенција сама по себе не е доволно компетентна да замени цели индустрии, но тоа може да се случи за неколку години.
Иако тоа отвора стравови кај луѓето, од друга страна, претставува голема можност. Во минатото, бариерата за влез во ИТ индустријата беше екстремно висока поради тоа што претприемачите мораа да имаат многу добра техничка поткованост. Требаше тие да имаат способност да го напишат кодот за да можат да ја презентираат нивната идеја пред инвеститорите со цел да добијат иницијален влог за да може да ја развиваат идејата понатаму.
А сега со вештачката интелигенција, единственото што треба да имате е идеја. Целиот овој тим можете да го замените со самите себе ако имате доволно желба и елан и едноставно се посветите за да ги завршите сите овие работи со помош на ВИ.
Можеби нема да ги завршите на истото ниво како кога би имале цел маркетинг-тим, но, сепак, може да стигнете до некое ниво каде што би можеле да го добиете иницијалниот капитал и би можеле да вработите специјалисти во сите овие сфери.