Извештај

Македонија го притисна копчето за помош од ЕУ по трагедијата во Кочани

Над сто повредени на лекување во земји на ЕУ и во соседството

Во неделата, на 16 март, Македонија по деветти пат го активираше Механизмот за цивилна заштита на ЕУ, првпат за случај во кој земјава бара помош за голем број пациенти со изгореници.

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 59 лица, повеќе од 170, главно млади луѓе, беа повредени и со тешки изгорeници пренесени во македонските болници. Поради обемот на трагедијата, властите побараа помош – и од соседите, и од Европската Унија.

Голем дел од оваа европска помош пристигна токму преку активирањето на Механизмот за цивилна заштита на ЕУ.

Како што појаснуваат од делегацијата на ЕУ за БИРН, преку Механизмот, во кој земјава членува од 2013 година, помош понудиле 14 европски земји, а до утрово биле преземени 31 пациент, а почнат бил процесот за преземање на уште дваесетина пациенти.

„Механизмот за цивилна заштита на ЕУ ќе остане активиран сè додека Северна Македонија има отворена потреба за помош, која е во надлежност на Механизмот. Во овој конкретен случај, Северна Македонија добива понуди за медицински третман и медицински транспорт од Скопје до болниците во земјите приматели“, велат од Делегацијата.

Од земјава, пак, се очекува јасно да ги прецизира барањата и брзо да реагира на понудите, како и да обезбеди поддршка за меѓународните тимови и организација на летовите.

Освен пациентите кои се преземени преку Механизмот, голем број пациенти се прифатени и преку договорите за билатерална помош и се пренесени главно во болниците во соседството, така што вкупната бројка на повредени кои се лекуваат надвор од земјава се искачи на 106 пациенти. Во земјава пак, се лекуваат 72 повредени од пожарот во Кочани.

Како што утрово информираше министерот за здравство, Арбен Таравари, сите пациенти, и оние во земјава и тие во странство, се во стабилна и добра состојба. Од нив, во потешка е состојбата кај десетмина, но сите се надвор од животна опасност.

„Тројца пациенти беа испишани вчера, утре се планира уште тројца. Од следната недела се надевам дека ќе ве известуваме колку пациенти се пуштени дома на лекување и за некои што полека ќе почнат да се враќаат од странство и ќе продолжат со лекувањето во Македонија“, изјави Таравари.

Механизмот за цивилна заштита на ЕУ е направен така што ги обединува капацитетите за одговор од сите земји на ЕУ и 10 земји-учеснички за заеднички акции за превенција и подготвеност од катастрофи. Досега е активиран повеќе од 770 пати.

Toj беше сериозно надграден за давање специфична помош за голем број пациенти со изгореници по 2015 година, кога во пожар, во ноќниот клуб „Колектив“ во Романија загинаа 64 лица, од кои повеќето во болница поради тешките повреди и инфекции, меѓу другото и поради немањето соодветни услови за лекување.

„Сите овие активности ја зајакнаа свеста и ја зајакнаа подготвеноста да се одговори на инциденти со масовни изгореници, вклучително и развој на специфични капацитети за одговор“, велат од Делегацијата на ЕУ.

Европскиот Механизам за цивилна заштита, Македонија го искористила уште осумпати. Првпат во 2007 година, пред да биде член во него, за помош при шумските пожари. Од истата причина активиран е и во 2019, 2021 и во 2024 година.

Двапати европската помош е побарана за справување со последиците од поплавите, во 2015 во Тетовско и во 2016 година, во Скопско. Еднаш е активиран за пандемијата со ковид-19 и уште еднаш по инвазијата од Русија, за репатријација на македонски граѓани од Украина.

Сега црвениот аларм е вклучен за помош на повредените во пожарот, во Кочани.

 

*Насловната фотографија е преземена од Амбасадата на Шведска во Република Северна Македонија